Приказната за Norman Granz и ‘’Verve Records’’
Приказната за Norman Granz и ‘’Verve Records’’
Norman Granz е син на руски еврејски доселеници, роден во 1918 година во Los Angeles.
Во младоста е верен на идеите и маките на својот татко: како да опстане сиромашната фамилија во времето на големата депресија во САД. Средношколските денови во Los Angeles му носат различни активности, од помошник во продавницата за облека на неговиот татко до дружења со социјал комунистички настроени групи во расно поделениот град. Белците и црнците имаат сопствени фаворити на музичари и клубови. Во 1941 год. Granz е одбиен од приемот во воздухопловните сили на САД. Фасциниран од снимките на Coleman Hawkins, во слободното вечерно време излегува во клубови каде свират црни музичари. Во еден од нив, ‘’Capri’’ се спријателува со Lester Young i Nat King Cole. Преку нив се запознава и со Count Basie, Art Tatum, Billie Holiday, Anita O’Day и многу други, денес легендарни музичари.
Идеите родени од новите познанства и магијата на клубските настапи го водат во New York City каде неколку дневниот планиран престој прераснува во повеќе месечно возбудливо дружење со музичарите од ‘’52 улица’’, епицентарот на џез сцената. Тамо го запознава Roy Eldridge и нивното пријателство ќе биде основа на идеата да се надмине расната бариера при пристапот кон клупски настапи и во селекциите на радио емисиите како и во издавачката политика на постоечките етикети. Сакајќи да ја избегне нервозата при убедувањето на сопствениците на клубови и хотели, Granz ја добива идеата за закуп на филхармониската сала на ‘’Los Angeles Philharmonic Orchestra’’ која пати од мала посетеност и веќе ја јаде забот на времето . Напоредно со тоа снимките од сесиите што ги прави постојано доживуваат голем успех. Сесиите со Nat King Cole организирани од Granz ги купува ‘’Capitol Records’’ и тие му носат договор на фасцинантниот пејач и пијанист со нив. Granz благодарејќи на својот стрплив карактер успешно ги поминува сите организациони и синдикални препреки и неговите ‘’Jazz At The Philharmonic’’ (JATP) настани и турнеи стануваат сензација. Ништо не остава на случајот контролирајќи ја до тогаш невидената маркетинг реклама, задоволувајќи ги сите желби на музичарите и на највисоко ниво ја подига соработката со радио станиците како главен промотор на концертите.
За да ја заокружи таа целина во 1946 год. ја основа својата прва издавачка куќа ‘’Clef Records’’. Претходно мудро ги зачувува правата врз снимките од разни сесии и снимките од JATP настапите, плаќајќи ги во целост услугите на студијата на етаблираните издавачи.
И од денешен аспект е неверојатно што се успева да сработи Norman Granz. Повеќе музички звезди кои се спремни својата кариера да ја предадат во рацете на еден човек немало и веројатно нема да има. Секогаш борејќи се против расната нееднаквост и инсистирањето на невидени новини за тоа време – од мастер сесии со врвен квалитет на снимка, продажба на лимитирани и потпишани копии на плочи, турнеја на JATP во Европа до фер однос и плаќање кон музичарите но и цврстата рака во раководење на целиот тој организационен след. Круна на успехот е презамањето на Ella Fitzgerald од големиот издавач ‘’Dеccа’’. Набрго му станува јасно дека ‘’Clef Records’’ нема да го издржи овој наплив на супер звезди, иако во 1953 год. основа и помошен издавач ‘’Norgran Records’’.
Замислена како издавач кој ќе ја подржи Ella Fitzgerald во нејзината кариера, од самиот свој старт во 1956 год. животното дело на Grantz Verve Records станува место каде свои албуми издаваат и многу други музичари. Предолга е листата на албумите снимени под оваа етикета и повеќето од нив се на листата на најпознати и најдобри џез изданија на сите времиња. Самото нивно едноставно набројување би траело со саати, а приказната за секое од нив со денови.
Кон крајот на 1956 година, во моментите кога ‘’Verve’’ беше на чекор да стане водечки џез издавач, ФБИ покренува истрага против Granz за неговото комунистичко минато и ангажман. Ситуацијата ескалира со одземање на неговиот пасош со ображложение дека е вклучен во субверзивни дејства против САД поради чести патувања во Европа. Пасошот му е вратен а Granz барајќи мир и можност да ја води кариерата на ново потпишаните музичари за ‘’Verve’’ како Duke Ellington се решава да се пресели во Европа, Швајцарија. Европската култура, не само музичка туку и книжевна и сликарска одсекогаш е во интересот на Granz. Сфаќа дека смртта на низа музичари како Charlie Parker, Lester Young и Billie Holiday како и згаснувањето на интересот за JATP турнеите и појавата на новите стилови ја водат џез сцената кон темелни промени. Во исто време‘’Verve’’ станува дом на премногу музичари и сите тие го оптеретуваат Grantz во годините кога тој сака нов предизвик во својот бурен животен ангажман.
1960 год. Granz го продава ‘’Verve’’ на ‘’MGM Records’’ заработувајќи големи пари за тоа време но и потпишувајќи договор дека седум години нема да продуцира и снима нови наслови. Го задржува договорот за водење на кариерите на Ella Fitzgerald и Oscar Peterson и се посветува на обновување на турнеите на JATP низ САД и Европа.
Големото богатство му овожможува дружба со уметници како Пикасо, од кого откупува голем број на слики, нарекувајќи го својот дом ‘’Куќата на Пикасо’’. Релаксираниот живот, дружења со писатели, сликари, тенисери и глумци сепак не му го отргнуваат целосно вниманието од работата во која се прослави. Тој во 1972 год. основа нов издавач, именуван како ‘’Pablo Records’’ уште еден доказ за неговата опсесија со Пикасо. За ‘’Pablo’’ потпишуваат верните пулени на Grantz: Ella Fitzgerald, Oscar Peterson, Joe Pass, Duke Ellington, Count Basie, Dizzy Gillespie и Sarah Vaughan. ’’Pablo’’ добива договор со ‘’Montreux Jazz Festival’’ и голем број концерти од славниот фестивал се наоѓаат под неговата етикета. Granz често патува и назад во САД помагајќи многу сесии и концерти. Во 1987 год. Granz го продава ‘’Pablo’’ на браќата Max и Sol Weiss и нивната ‘’Fantasy Records’’, посветувајќи се на последните активности на Ella Fitzgerald и Oscar Peterson.
Познавањето и следењето на џезот во 90те станува синоним за рафинираност и културно образование.
Granz критизирајќи го претседателот Клинтон дека премногу често го користи џезот во тој контекст за сопствена самопромоција, му упатува писмо во кое му укажува дека многу џез великани и нивните постигања се заборавени од државата. Во 1992 год. ја одбива наградата за животно дело на ‘’The National Academy of Recording Arts and Sciences’’ со коментар: ‘’мислам дека е малку закаснета’’. Сепак неговиот пријател Oscar Peterson го наговара да ја прифати ‘’Lifetime Achievement Award from Jazz At The Lincoln Center’’ во 1999 год. примајќи ја во негово име. Granz умира во декември 2001 год. во Швајцарија а неговата работа и дела засекогаш ќе останат втемелени во историјата и развојот на џез музиката и музичкиот бизнис воопшто.
‘’MGM’’ по купувањето на ‘’Verve’’ ја одбива идеата на Frank Sinatra да се задржи Norman Granz како извршен продуцент и на негово место го поставува Creed Taylor. Навреден Sinatra ja основа ‘’Reprise Records’’ но не успева да го ангажира Norman Granz, кој материјално обезбеден се решава да се пресели во Европа. Taylor, за кого Granz има високо професионално мислење ја следи неговата идеа ангажирајќи врвни уметници и форсира нивни колаборации. Серијата на антологиски ‘’Verve’’ албуми сега под негово раководство се продолжува со бразилскиот серијал на Stan Getz со Charly Byrd, Joao и Astrud Gilberto, Walter Wanderley и други, што води кон воспоставување на посебна подетикета ‘’Verve Forecast’’. Taylor успева да доведе врвни аранжери како Claus Ogerman и Oliver Nelson и да направи успешен покомерцијален пристап кон новите музички конзументи. Во 1967 год. Creed Taylor го напушта ‘’Verve’’ и ја основа сопствената ‘’CTI Records’’. Истата година, сопственичката структура на ‘’Verve’’ дозволува етикетата да продуцира и издава албуми на артисти од рок, блуз и соул музиката како The Velvet Underground, Frank Zappa, The Righteous Brothers, Blues Projest, Rare Earth и други. Иако самиот старт на новата издавачка политика не е проследен со финансиски добивки тој го донесе еден од најзначајните албуми во историјата на рок музиката ‘’The Velvet Underground & Nico’’ со познатата банана на корицата на албумот, дизајн на Andy Warhol.
Периодот по 70-те години ‘’Verve’’ во неколку конгломерациски трансакции добива каталошко спојување со ‘’Impulse! Records’’ и покасно ‘’Blue Note’’ во нови могули како PolyGram и Universal. ’Verve’’ станува издавач на албумите на новата генерација музичари како Herbie Hancock, Wayne Shorter, Joe Henderson, John Scofield, Art Porter, Betty Carter, Gino Vanneli и многу други. Денеска секако најголемо име на етикетата е супер звездата Diana Krall.
Најголемата компанија на сите времиња од областа на музиката, филмот и забавата ‘’Universal’’ и денес не ги заборава сите прекрасни музички албуми од златниот период на ‘’Verve’’. Секако тоа е под влијание на новите генерации на слушатели кои гласно бараат во огромниот наплив на ефтини музички продукции да ги купат во било кој од денес актуелните формати овие трајни вредности.
‘’33-45’’ во директен договор успеа да ги добие дистрибуционите права за нив и истите ќе може да ги набавите од самиот старт на 2021 година во ексклузивниот салон на ‘’Аудиокултура’’ и во ‘’ЧувдеЧув’’ а музичките и студиски мајсторства во полн обем можете да ги чуете преку врвните High-End елементи изработени од ‘’Teoharov Audio’’.
автор: ЧувдеЧув