Кулата на Коен

Да се пишува за животот и творештвото на Леонард Коен е вистински сизифов труд, поради многубројноста и повеќезначноста на генијалното творештво на овој боемски буржоаски трубадур, кој зад себе остави повеќедецениска поетска и музичка продукција. Во сопствената Кула на песната ги вгради "тулите" од религија, политика, изолација, депресија, сексуалност, загуба, смрт и љубов, што резултираше со следните музички албуми Songs of Leonard Cohen (1967), Songs from a Room (1969), Songs of Love and Hate (1971), New Skin for the Old Ceremony (1974), Death of a Ladies' Man (1977), Recent Songs (1979), Various Positions (1984), I'm Your Man (1988), The Future (1992), Ten New Songs (2001), Dear Heather (2004), Old Ideas (2012), Popular Problems (2014), You Want It Darker (2016) и Thanks for the Dance (2019) .

Запрашан како ги создава песните, тој одговара: “Пробувам се’ што може да ми помогне, мислење, медитација, пиење, разочараност, несоница, одмор…затоа што кога песната ќе влезе во млинот, таа се обработува со секое искуство на кое што можам да се повикам. Се’ ми е потребно. Пробувам се’. Поттиснувам, се возвишувам, се опивам, се трезнам…Ги повикувам сите мои лица да учествуваат на проектот како моја работна сила.”

Покрај тоа што неговите стихови се своевидни литературни ремек дела, сепак тие не се создадени за да се читаат како текст, туку да се слушнат. И да се пеат. Ова исконско синкретичко спојување на јазикот со мелодијата – музиката овозможува една заедничка сензација, речиси синестетично искуство. Безвременската благодет на генијот на Леонард Коен лежи токму во огнената врска помеѓу стиховите и мелодијата. Иако Леонард Коен се шегувал на сметка на неговите ограничувања како музичар (“Секој гитарист има рифови, а јас, јас имам само еден риф. Ама добар”), сепак тој компонирал музика со голема милост и моќ, едноставна и елегантна како и неговите зборови. “Халелуја” никогаш не би била златен стандард во музиката, доколку ја нема таа генијална растечка мелодија, која беспрекорно одговара на зборовите и како некој кој ја видел светлината се обидува да ослободи алелуја во човечкото срце. Доколку некој се зафати со сериозно и темелно проучување на неговата Кула на песната, ќе се соочи со вртлози, мали и поголеми, кои го одвлекуваат секој критичарски/рецензентски обид во длабочините на неговите песни кои се мајсторски микс од сосредоченост и метафизичност. Поетот на места ласерски фокусирано ги води емоциите, за да потоа преку абстрактната метафизичност отвара простор слушателот да зачекори во музиката и да го открие сопствено значење и цел . Фактот дека за него пишувањето песни било повеќе мисија отколку работа, можеби е најочигледен во последната година од неговиот живот кога, притиснат од голема болка, знаејќи дека крајот е близу, тој се посветил на една последна задача, пишување и снимање на нов албум со песни. Неговата мисија е остварена со објавувањето на извонредниот албумYou Want It Darker во последниот месец од неговиот живот. Тоа е неговото крајно ремек дело, неговата лебедова песна- последната тула во неговата Кула на песната.