„Треба да се работи на комплетно нова визуелизација на лектирите за деца“ – Интервју со Софија Семенпеева

Да се направи променa e комплексна состојба на разумниот човек, но срасната со неговите потреби, со која низ различни филозофски синтагми се занимавале и познатите антички филозофи. Платон ќе каже: „Почетокот е најважниот дел од работата“. Иако „Литера“ била создадена пред само три години и е релативно млада струја, претставува почеток каков се очекуваше на сцената. Фестивалот со својата идеологија едри токму поттикнат од ваквите револуционерни мисли, кон промената која долго барала излез, иако низ годините останала потисната од културната рамнодушност на граѓаните. „Литера “ е верижен настан каков што децата и родителите претпочитаат:  едукативен курикулум, продуктивна дружба и всадување на љубовта кон пишаните медиуми и илустрацијата, со особен осврт кон визуелниот аспект и правописната лексика, која и содржински треба да биде безгрешно склопена. Зачната од моќниот глас на графичката дизајнерка Софија Семенпеева Трајановска, Елементал се обиде со нејзина помош да продре до темите кои се од особено значење, затоа што пред сѐ „Литера“ поставува книжевни темели кај најмладите и воедно умовите на иднината.

Елементал : Колку родителите се грижат нивните деца да читаат квалитетна литература? Дали сметате дека изборот потпаѓа под влијанието на критериумот популарност? По мое мислење, има навистина добри дела кои за жал, не се стекнале со публицитет, па завршуваат поттурнати на најтемните и запрашени гондоли во библиотеките. На што се должи ваквото „книга не се одбира според корицата “ кај нас?

Софија Семенпеева: Мој личен став е дека има родители кои внимаваат нивните деца да читаат квалитетна литература, но сметам дека поголем е бројот на родители на кои критериум им е популарноста во тој момент или се сведува на избор на она што во моментот е пласирано на полица. Мојата генерација, па и претходните, растевме во едно друго време и други критериуми, квалитетот на литературата беше некако од старт дефиниран. Сега има масовна продукција, но со квалитетот не можеме да се пофалиме. Сепак нештата се менуваат што ми е особено драго.Публиката почнува да препознава, но почнува да се создава и нова квалитетна литература за деца.Треба уште работа за да може да кажеме дека нашите деца читаат квалитетна литература за деца.

Треба да се работи на комплетно нова визуелизација на лектирите за деца, но да се внимава и на квалитетот. Треба изборот на лектири да претрпи промени и така некако почнуваат промените.

Во глобала,во изминатите 20 години некако многу се запостави визуелниот елемент и тука многу изгубивме.Погледнете ги само учебниците и ќе сфатите каква визуелна култура сме граделе. Сепак јас сум оптимист, бидејќи забележувам дека почнува да расте свеста во однос на ова прашање.

Eлементал: За нас возрасните, процесот на создавање на сликовница изгледа како алхемиска равенка: живописни илустрации, солидна текстуална поткованост, приказна која задржува внимание и отвора прашања, голема морална поука и мнооогу љубов. Како би им го опишале процесот на создавање на сликовница на најљубопитните, децата?

Софија Семенпеева: Уф 😊,децата се моја вечна инспирација и многу често и за себе знам да кажам дека сум едно големо дете и го сакам тој нивен свет. На децата целиот процес би им го покажала низ игра и забава со многу боја, зборови и смеа. За да создадеш сликовница треба да ја разбереш детската фантазија и да ги слушаш нивните приказни. Да сонуваш со широко отворени очи и да ги уриваш стереотипите. Низ работилниците кои ги правиме на тема како се создава сликовница, почнувам со игра на зборови и им ја давам слободата на избор кој сака да пишува или црта на темата. Слободата на израз е главна состојка за сите, нема ограничувања, нема правила. Резултатите се секогаш одлични. Една од следните идеи е да создадеме едно такво дело  сликовница „од деца за деца“.

Но, најважно е на децата да им покажеме дека и создавањето сликовница е игра и слобода. Нашите деца се многу талентирани и креативни, но не секогаш знаеме да им привлечеме внимание и да им покажеме дека цртањето и пишувањето е позабавно од телефоните,а ние возрасните да станеме свесни дека технологијата им ја заробува слободата.

Елементал: Секој ја памети средбата со првата сликовница, па која за вас е најраната асоцијација за сликовница?

Софија Семенпеева: Јас ја имав среќата да растам со боја и креативност. Се сеќавам на ателјето на татко ми и мирисот на боја во детството. Веројатно неговите книги и каталози за уметност беа мои сликовници 😊Како дете имав една од џиновските сликовници илустрирани од Кондовски, се сеќавам на „Хајди“ , „Петар Пан“ , „Алиса во земјата на чудата“ и многу други. Често знам да потенцирам дека тогашните изданија имаат посебна визуелна приказна.

Но, јас никогаш не престанав да купувам и собирам сликовници за деца. Една од моите пасии е колекционерство на некои од тие изданија. На пример, од Малиот Принц имам околу 20 различни изданија. Едноставно сè уште уживам во светот на детската литература.

Елементал: Колкава е нашата културна наобразба? Копнееме ли по уметноста како што копнееме по музиката, на пример?

Софија Семенпеева: Низ животот некако бев и сум опкружена со луѓе кои копнеат по уметност, кои ја создаваат уметноста и живеев затворена во тој микро космос и нештата не ги гледав како што реално се. Годиниве наназад работата ми наметна реално да следам каква е состојбата. Јас искрено сум ужасната од незаинтересираноста на младите за уметност воопшто. Некако тој виртуелен свет си наметна некои правила, кои за мене се многу непознати и неприфатливи.

Многу често и многу гласно го кажувам мојот став дека публика за култура се создава од мали нозе, уште од градинка, основно образование…

Не може да очекуваме дека некој на 25 или 30 години ќе се менува на начинот на кој посакуваме.Тоа се веќе оформени лица и имаат други интереси и желби, изборот за музика и визуелна култура им е во голема мера креиран. Нештата треба да се менуваат од корен ако сакаме да го видиме нашето општество како се развива во друг правец. Критериумите треба да се поместат, но и постават.

Елементал: „Литера“ е фестивал, единствен од свои пропорции во нашата држава. Го добива ли вниманието oд јавноста, правопропорционално со трудот кој е вложен за овој феномен да опстои?

Софија Семенпеева: За Литера можам многу да пишувам. Тоа е проект кој го создававме години наназад, со многу радост и љубов. Ова што го гледате изминативе три години е само 5% од концептот кој што реално е и сакаме да се избориме да го реализираме. Затоа сум многу упорна, и јас и тимот, и верувам кога некој би го разбрал нашиот концепт и идејата за тоа каков фестивал е Литера би  имале поголема поддршка од надлежните. Публиката одлично нè прифати и ја гледаме радоста и потребата за еден ваков фестивал. Ја третираме илустрацијата за деца и литературата за деца и млади, се бориме за нешто што е национално богатство. Зарем има нешто поважно од тоа?

Литера ќе созрева и ќe се развива. Веруваме дека менуваме многу со организирањето на фестивалот, но во нашата држава мора да истраеме во намерата, да не се откажеме на првото разочарување. Ние веруваме во концептот, идејата и визијата, а публиката ги препознава нашите намери. Имаме одлична соработка со издавачките куќи, со илустраторите, училиштата. Тоа е нашиот ветар во грб. Има и такви кои едвај чекаат да згрешиме, но тие мали „грешки“ се наши патокази. Тоа се нашите идни предизвици. Ние сме свесни со кои компромиси во моментов сме соочении се трудиме да се во помал број, но процесот на созревање е многу важен за квалитетот кон кој се стремиме.

На наша радост, Литера е препознаен полека и на Балканот. Да посочам дека постоиме само три години. Многу важен елемент во тимот е што сите копнееме по високи вредности и Литера ја доживуваме како многу важен сегмент во нашето општествено делување. Свесни сме дека на ова општество треба да му дадеме и оставиме квалитет.

Елементал: Дали сметате дека конкурсите, конкретно кои се распишуваат во потрага по непубликувани детски изданија, можат да бидат обострано продуктивни: како за неафирмираните автори, така и за нови книжевни струи со кои ќе се збогатува резервоарот на детска литература? Или и зад нивното перде е скриена репетитивната политика на анонимно, а познато?

Софија Семенпеева: Јас од корен би менувала кога се во прашање конкурсите или поточно државните конкурси. Секоја година истата приказна и никако да седне некој да го апсолвира проблемот, јавно да постави критериуми и да го селектира квалитетот. Не е важно поддршка да добијат 30 изданија,поважно е да добијат 10, но значајна поддршка, а не да се прават крпеници, па и големи компромиси во однос на квалитетот.

Желудникот ми се превртува сѐ што минува низ тие конкурси и секогаш ми е голема енигма како некој тоа го дозволува. Пак ќе се вратам назад, промените нема да бидат преку ноќ и одеднаш, но мора да препознаеме дека нештата треба да се менуваат. Особено во културата мора да сме многу, многу внимателни за тоа што ѝ пласираме на публиката и каква приказна создаваме. Министерството за култура е едно од најзначајните и нивната одговорност кон општеството е голема. Нема веќе простор за импровизации какви што гледавме во минатото. Свесна сум во каков хаос се луѓето кои одлучуваат, буквално мислам дека не знаат што попрво да фатат. Но, тука мора да се има една јасно дефинирана стратегија која ќе биде транспарентно поставена. И треба да се вклучат сите чинители. Ова е наш заеднички дом.

Елементал: Многу родители веруваат во моќта на екранот, карактеризирајќи ја книгата како прастар облик на едукација. Екраните делуваат моментално и го привлекуваат вниманието на детето, па затоа полесно достапното за некои се чини и поефикасно. За тоа колкава штета се случува по когницијата на децата со експанзивно користење на технолошките уреди е сосем јасно. Но како да го вратиме градењето на детството со книгата ,познатите поседоци кај баба и дедо кога разговорите помеѓу децата се водеа околу тоа што и колку прочитале, уредните дневници кои се воделе за прочитаниот фонд, лектири кои беа задолжителни закуски за време на летниот распуст, затоа што истите не се наоѓаа прераскажани на Википедија и интернет блогови . Што недостига на имагинацијата која се гради тула по тула, наместо монтажен ѕид од знаења?

Софија Семенпеева: Да го вратиме времето е невозможно, но возможно е да ја разбудиме свесноста на родителите за важноста на детските игри надвор од екраните, возможно е да ги насочиме децата кон социјализација.

Брзото темпо на живеење и борбата за егзистенција си го зема данокот и најчесто страдаат децата. На родителите поедноставно им е да им го дадат телефонот за да може да ги завршат обврските. Сите ние како родители треба да сме свесни и да се запрашаме што ние правиме за нашите деца, какви личности градиме, дали им посветуваме доволно време? Сите ги правиме истите грешки, но мора да се разбудиме. Материјалното е минливо, еден ден тие деца треба да се самостојни личности и чинители во ова општество, но на крајот на денот треба да сфатиме дека времето поминато низ игра со нашите деца е најзначајно. Многу брзаме, а никаде не стигнуваме. Тука особено би сакала да потенцирам дека родителите едноставно мора да им читаат на своите деца уште од најмала возраст. Тоа е единствен начин да се создаде љубовта кон книгите и сликовниците.

Елементал: Што според вашето досегашно искуство е потешко да се прилагоди: текст според слика, или обратно? Голем број графичари се јавуваат и како автори на детските изданија кои ги илустрираат, но претпоставувам реткост е книжевник да го илустрира своето дело?

Софија Семенпеева: Да, ретко книжевник може да го илустрира своето дело, но може да ја раскаже на илустраторот сликата која ја гледа.  Тоа се многу интересни елементи за истражување. Еден илустратор знае да се јави и како автор на текст. За мене лично многу е интересен моментот кога уметник низ слики раскажува приказна и секој може да ја толкува или раскаже на свој начин. Во следниот период ќе работам на едно мое дело и низ цртеж/слика ќе се обидам да ја доловам приказната. Мене лично ми е голем предизвик создавањето на едно такво дело. Секој да си ја раскаже својата приказна низ едно визуелно патување. Има во светот многу изданија од тој тип и се навистина многу интересни.

  1. Одредницата која ја зазема „Литера“ во моментов е за поздрав, едукативна, ненаметлива, рудиментарна, пробудува голем интерес како кај родителите, така и кај децата, се надеваме дека во иднина ќе се приклучат и издавачите во што поголем број кон несекојдневната иницијатива, но што очекувате да придонесе „Литера“ во иднина? Каков би бил ставот и статусот на публиката благодарение на постоењето на една ваква гласна суштина?

Литера сакаме да биде промена во општеството која сакаме да ја видиме. Во иднина да биде една глобална платформа за размена на искуства, едукација и афирмација на она што е квалитетно. Ние сме свесни за големината на нашата држава, но сме свесни и за замислените граници кои однапред си ги дефинираме и се осудуваме од старт. Затоа за Литера нема граница, развојот ќе се темели на квалитет, работа и истрајност. Во моментот работиме на неколку истражување кои ќе ни помогнат да се развиваме во една поинаква димензија и публиката од година во година да добива поиновативен и поквалитетен простор каде заедно ќе ги менуваменештата.

Сакаме да докажеме дека и од тука може да делуваме. Многу често наидуваме на коментар дека сме мала држава, со мали буџети.Ние не одиме на квантитет туку на квалитет. Не е важна обемноста, важна е содржината. Кога тоа ќе го разбереме сè ќе биде поинаку. Верувајте,на светските имиња кои се актуелни на полето на илустрацијата и литературата за деца, поголема инспирација им се помалите земји каде може да се сретнат нови култури и една нова инспирација. Токму затоа, силно веруваме во нашата визија и посветено ќе продолжиме да работиме на тоа Литера да се развие во препознатлив бренд, не само на локално туку и на регионално и глобално ниво.

Изработилa: Јована Матевска Атанасова