Со викиншки брод, преку студените води на Атлантикот, до брегот на ветената земја, силните звуци на резонатор гитарата и рапавиот глас на ЏЏ Џулиус Сон, недвосмислено ќе ве поведат надолу кон југот, надолу кон југот во земјата на блузот. „Гласот“, вака едноставно и помалку грубо изгледа од хавајски, преводот на името на исландската блуз институција Калео.

Звучат така музички асимилирано, како целата своја кариера да ја провеле пловејќи со сплав по реката Мисисипи, сепак несопирливо уникатни, во своите звуци инкорпорирајќи ги звуците на Исланд, традиционалното и фолкот. Пораснати слушајќи блуз во малиот Рејкјавик, токму рустиката на блузот и делта блузот е причината за нивното музичко постоење.

Тројцата неразделни другари, Јокул Џулиуссон или ЏЏ Џулиус Сон, Давид Антонсон и Даниел Кристјансон творат заедно од свои 17, обединети и вечно врзани преку блузот.

Со адицијата на Торлеифур Гаукур Давидсон и Рубин Полок се формира она што денес е едноставно познато под името „Калео“, хавајски збор што во превод значи „Гласот“ поим којшто посочува кон квалитетот на овој музички собир.

Не беше само „гласот“ она што ме донесе до Калео, не! Веројатно мистиката на глечерот на кој во живо снимаат еден од нивните највлијателни синглови „Save yourself“ и елегантните, минималистички тонови на Исланд се приказна сама за себе. Кој знае, можеби тоа била и целта на видеото. Сигурно им успева со многумина.

Љубовта сепак се случува кога ќе го слушнете ЏЏ Џулиус Сон како ги топи зборовите и како зборовите рапаво резонираат од него, давајќи му јужњачки тон на секој перформанс, кога ќе ја слушнете таа музичка меланхолија без електронски звуци, силните вибрации на резонатор гитарата која ечи делта блуз и блуграс.

Нивните настапи во живо се вистинско богатство. Ако ги затворите очите само за момент и се обидете да ги доживеете само според звуците, ќе сфатите дека невозможно е да одлучите дали настапуваат во живо или слушате некоја студиска верзија од нивната музика.

Ги запознав преку „Save yourself“, она магично видео со пејзажи од Исланд. Сега кога ќе се замислам всушност разбирам дека Исланд игра доминантна улога во нивните видеа. Ви текнува дека освен магијата на музиката, се користат со прекрасна визуелизација која им дава дополнителна мистика на нивните песни.

Сепак „ме купија“ со настапот во живо на радиото 89.3 The Current. Неколку песни од нивните албуми имаат испеано таму, но она што го прават со „I can’t go on without you“ може да ги улови срцата на сите љубители на блуз рокот.

Иако најголемиот дел од бендот се познаваат и творат заедно од своите тинејџерски денови, нивниот прв сериозен музички ангажман се случува во 2012 година кога настапуваат на Iceland Airwaves Music Festival. Од тука започнува нивниот метеорски раст во Исланд, особено по издавањето на мелодичниот, исполнет со фолк елементи сингл „Vor í Vaglaskógi“.

Веднаш потоа бидуваат препознаени на меѓународната сцена, по што следува и нивната физичка преселба во Тексас.

Со издавањето на синглот „All the pretty girls“ во 2014-та стигнуваат до 87 милиони стримови на Spotify со што веќе полека ги носи на вистинскиот музички подиум кој несомнено го заслужуваат. Нивниот раст продолжува со издавањето на уште еден влијателен сингл „Way down we go“ кој е сертифициран како златен сингл во САД, Германија, Велика Британија, Белгија и троен платинест во Канада.

Во 2015-та го издаваат и албумот „A/B“ на кој се поместени некои од нивните најслушани синглови меѓу кои „Way Down we go“, „No Good“, „I can’t go on without you“.

Нивниот трет студиски албум „Surface Sounds“ требаше веќе да биде достапен за љубителите на блуз-рок музиката, но неговото издавање е одложено поради пандемијата со Ковид 19. Неколку синглови од овој трет албум се веќе достапни, и тоа „Break my baby“, „Alter Ego“, и она што звучи како тешка критика на американското воено присуство насекаде низ светот „Backbone“.

Ако имате „backbone“ да ја издржите оваа блуз-рок магија, слободно проверете ги.

автор: Мишел Наумоски