Некогаш дечињата се раѓаа идилично, од под листовите свежи зелки. Како во фините бабини приказни, и како во филмската бајка „Чудото во Милано“ на Виторио Де Сика, во повоениот неореализам. Денес, кога е време на мир и на пост-реализам, тие сѐ почесто на свет доаѓаат – како во театарската претстава „Смрад опера“ на Словенско младинско гледалишче од прикрајокот на минатиот 20-ти век, сега на почетоците од 21-от – во контејнери за ѓубре.

Така е, изгледа, сѐ уште, барем на овој дел од светот, кој ем ѐ, ем пак сака да стане Европа во која, пак, одамна, до една, се потрошени сите неореалистички бајки.

Но, да ја оставиме Европа на нејзината фина, културата на ред, принцип, хигиена и егоизам, и на нејзиниот речиси асептичен музејски спокој, и да видиме како стојат работите во времето без бајки на нашиве простори на кои, според една белградска поетеса (домицилот кај крупните поетски вистини во суштина и не е битен;  зашто слободно може да се работи и за сараевска поетеса) – кога бајките на балканот му се случувале од увоз, тоа биле главно крвави бајки… Оние, пак, од домашно производство и пласман се поинакви, жестоки, а едновремено сочувствени, сурови и од друга страна сомилостни…како овие простори: дел валкански ридови, дел долини, дел планински висови, дел котлински депресии на моралот, дел етички подножја, дел морални и неморални врвови во парадоскалната географија на животот во овие предели… Секогаш разбранувано, од искони до ден-денешен. Сакате илустрација? Еве една по сопствен избор и за најнов случај за кој известија регионалните медиуми; и кој пренесен од збор до збор, гласи точно вака:

„Тукушто родено бебе оставено во контејнер утрово најде пензионерот Слободан Цветковиќ од белградската населба Жарково и веднаш ја алармирал полицијата и Брзата медицинска помош.

Цветковиќ рано утрото излегол да го прошета своето куче, а кога неговиот измет сакал да го фрли во ѓубрето па се доближил до контејнерите, слушнал дека од таму допира звук што тој го опишал ’како некакво стенкањѐ, пренесува „Blic“.

’Во првиот миг помислив дека некоја мачка упаднала во контејнерот. Почнав да го поместувам ѓубрето за да ја пронајдам и да ја ослободам, а тогаш здогледав затворена кеса од која доаѓаше звукот. Ја отворив и здогледав бебе, штотуку родено, беше сето крваво’, видно вознемирен раскажа овој пензионер. 

Како што рече, кога ја отворил кесата бебето не плачело, туку само стенкало.

Шокиран и потреесен од глетката, веднаш истрчал до својот стан кој се наоѓа во непосредна близина на контејнерите, ѝ раскажал на сопругата што видел и веднаш ја повикал Брзата помош и Полицијата.

Потоа, како што рече, заедно со сопругата повторно отишол до контејнерот.

Тогаш виделе дека се работи за штотуку родено момченце, кое на себе сѐ уште ја имало папочната врвца и дека било сето крваво, што укажува дека во контејнерот било оставено непосредно по раѓањето. 

Бебето, како што пренесува весникот, отпрвин никој не смеел да го земе, зашто се плашеле да не го повредат, но добра околност е што автомобилите на Брзата помош и на Полицијата дошле многу брзо, по само неколку минути. Со автомобил на Брзата помош било превезено во Универзтетската детска клиника во улицата „Тиршова“, каде бил извршен комплетен преглед од страна на педијатри, ортопеди и неурохирурзи. Од таму изјавуваат дека бебето е во добра општа состојба и дека нема никакви повреди.

Парот кој го најде бебето, како и останатите соседи, сведочат дека уште околу четири часот изутрина слушнале бебешки плач, но сите помислиле дека тоа е бебе од соседството, со оглед дека во зградата имаат мало дете. 

’Ќе му помогнев и на маче и куче, а камоли на дете. Не ми ни падна на ум дека во ѓубрето ќе најдам новородено. Сето ова многу ме погоди. И јас имам четири внучиња, од кои едното е бебѐ, раскажа за „Blic“ пензионерот Цветковиќ кој не можеше да ги скрие солзите.“

            Ете.

И нема што повеќе да се додаде.

Освен…

Освен, можеби, тоа, дека оваа стварност е толку далдисана во сломот на човечките вредности што станува сосем иреална. Сирова до крај, таа се сведува на вест со егзактен наратив кој психологизмот го прави одвишен. Нејзините сказови се небелетристички, зашто новинските известувања се потресната, вчудовидна литература на денешницата. Прагматична таа, прагматичен и нејзиниот нов израз.

Медиската вест сѐ почесто станува расказ од специфичен пост-артистичен вид; како писоарот на Марсел Дишан, што тој, со солидна доза од модернистичка салонска иронија, го нарекол  „Фонтана“ и му ја означил и открил двојата смисла на т.н. ready-made објект. Денес му конкурираат контејнерите. И ѓубрето кое насекане низ Балканов се увезува со шлепери и во илјадници тони, од западните, европски, еколошки чисти земји, за тука да се согорува, бидејќи овде децата за разлика од таму, сѐ уште се раѓаат на примитивен начин, луѓето имаат помала вредност, а државните остваруваат рекордни скорови од ѓубрава коруптиност…

Од почетоците на минатиот век, реалноста на овој свет, денес, пост-модернистички сто години подоцна, со крупни чекори напредува кон нови бесмисли: денес ready-made објекти не се повеќе предметите, туку човечки битија, но и цели полулации, бројни дури и сите социјали групи, цели анти-социјални држави; стории за удавените, убиени, прогонувани и апсени бегалци од денес спепелените некогаш среќни татковини, трагични собитија од секаков можен вид во кои животот предничи и пред најсмелата фантастика, масовни убиства од единечни психопатични стрелци и религиозни фанатици, трговија со човечки тела и со човечки органи, потресни, сѐ покарнални и покрвави стории за масовни несреќи, цивилни давеници во водите на средоземјето кое во антиката било „pont(us)“, мост, пат и премин,  а денес е abyss, темна водена стерна за несреќните човечки суштества и осакатени, разбиени или убиени семејства кои на претоварени гумени чамци бараат спас и каква-годе иднина. Бидејќи некој ги посакува тие вести од дистиописката реалност! Кој и зошто, ќе дискутираат аналитичарите, op-ed коментаторите, додека среќните аргонавти од безбројните гумените чамци опасно ќе ги премостуваат бездните и нема да имаат ни поим ни порив да најдат некакво свое злaтно руно, туку елементарен спас во синтетичките ќебиња на поморските стражи на развиените држави и на директоратот за бегалци на Обединетите нации… во светот во кој некои стануваат номади за други да фрлаат долги златни ленгери во богаствата на туѓите уништени татковини. Сѐ се претвори во постмодерен колаж за сеирење врз ужасната стварност на туѓите осамености, отуѓени животи, бизарни смртти, на бедни по/раѓања… И меѓу нив, како круна од ’рѓа на новиов век, над сѐ – малечки, штотуку родени бебиња, фрлени во контејнерите на новово, технолошки напреднато време, за таму да го почнат (до колку таму веднаш и не го завршат) својот индивидуален и воедно комунален живот во новото општество кое нема вистинско сочувство за другиот, за инаквиот во светот, но и во несреќата; во ова време во кое прагмата ги брише највисоките човечки чувства и вредности. Време во кое на мајките не им овозможува чувство на сигурност: дека ќе можат, и социјално безбедни и општествено, или макар семејно прифатени, да го продолжат барем достојно својот живот и покрај драмата на самохраноста. Оттаму, белки, од таа хипокризија на граѓанскиот конзервативен морализам, и болката, и старвот, и ужасот – и одлуката на бремените мајки за осаменичкиот породилен зафат; и за најдрастичниот начин на откажување од несаканата, до крај донесена бременост. Оставените новородени деца, во картонски кутии, пред станови, пред надворешните врати, на студовите, во изѕемнувачките ноќи на овие постори. И по контејнерите за отпад.

Инакви вести од рубриките „занимливости“ на новите интернет-портали: Ерон Червенак од Лас Вегас, Невада, објавуваат – се оженил со својот смартфон, масмедиумски покажувајќи нѝ колку големо значење им придаваме на нашите телефони и колкав дел имаат тие во нашите животи. „До некаде“, изјавил Червенак, врската со мојот смартфон била најдолгата врска што сум ја имал: „Затоа решив да видам како е да се венчаш со телефон“. Човекувањето се истиснува од попредметувањето, местото на љубовта (кон ближниот свој, штогоде тоа веќе и да значи, иако денес не е ни најсигурно дека нужно означува човечко суштество) ѝ отстапува место на мобиломанијата, еросот на телефононанијата.

И воопшто, сѐ е литература на веста, на сликата, на забавноста, бузарноста, на фотката, на гламурот, на вчудовидноста… кои пак најдобро (најскапо) го продаваат медиумскиот простор и време. Парадоксот на животот стана медиумски ready-made објект. Денес со потрошувачката на апсурди се бориме против бесмислата. Очудувањето, остранение-то е нашата вистинска реалност, отуѓувањата од секоја човечка вредност, нашата наиздржливата сушност. Порано живеевме во социјалната држава СР Македонија во рамките на СФР Југославија, независна и социјална држава, лидер на земјите од Третиот свет, сега населуваме некој испрекшен југозападен меѓупростор кој не може да се определи, оти личи на еден вид европскиот Апсурдистан. Сите, и ние од „југозападниот Балкан“, но и пошироко, пошироко по Балканите, по лобијата, холовите, ходниците и балконите на Европа на музеите и Америка на психопатичните олигарси кои лидираат социопатии во општествата.

Во таква стварност, сликата на венчавањето – онаа од ритуалот „венчаје сја раб божји…(следува името на младоженецот) и раба божија…(пак името на невестата)…“ или „да ги прочитаме членовите од Закнот за брак…“ – како чинови на официјализирана Љубов, или сликите на штотуку почнатото мајчинство кое не е веќе икона со мотивот на Сомилоста (Богородица со синот изобразен како бебе во витлеемската штала, детеце во раката на мајката, или само што симнат од крстот), туку куп од главно истоветни, наместени, типизирани фотки со аматерски наместени пози („младенците во свадбената костимографија, нежно се држат за рацете, длабоко загледани еден на друг в очи“, итн.) спомени со прелажен гламур на скромните средни слоеви, фотографии со висока резолуција, што личат едната на другата, продукти на мултимедиската индустрија за производство фотошопирано подобренувани спомени (потоа се обработуват во прислушните силоси пред неколку децении со програмот „Carnivor“, денес со којнае која масовна известителна мелница на информации),  најчесто дотерани како во бајката за пепелашка (делот со маѓијаа до полноќ), фотографирани во туѓи амбиенти и кичи-сценографии, тонирани во фото-шоп програми, наменета за „документарно“ илустрирање и тоа во цела една палета на жанрови: од оние за „фабулозните“, „блескавите“, „гламурозните“ свадби од соништата и мајчинствата со кемп-шмекови, остварени во елитните клиники, колку за себе, толку за дистрибуирање по социјалните мрежи и, до колку фотката има меркантилен потенцијијал, за пласмани по списанијата од лакиран кунстдук, за мултимедиски дисеминации кои, по тотално истоветен вкус и терк, треба да покажат елитност и посебност на брачните парови и на новородените, како ново/вековни – деца на среќата…

Верувале или не (како за рубриката на Ripley) – на таа индустрија на среќата ѝ служат дури и драстичните приказни како оваа погоре пренесена, за новороденото во контејнер… Тие се мелат во мултимедиските мелници на слики и се пласираат како лажен (а така изопачен, па горчлив и тажен) материјал за сладникавите задоволства на масовните потрошувачи на пи-си, таблет и андроид медиумите и информациите од ниските слоеви, и на новокреираните богатници или среднослојни, обично хендикепирани претенденти за „слебритија“, на „славни или само популарни фаци“, на „инфлуенсери“ и „инфлуерсерки“ кои траат кусо, како икебаните во спурени цвеќарници, кои –  дотолку повеќе што потекнуваат од генерации во чии албуми има десетина црно-бели слики од скромни, синдикални свадби – сакаат да се доживуваат како елити, сонувајќи го тој сон преку омасовените њуејџ стории полни со патетичните кемпови на типизираните ритуали на семејниот гламур за една ноќ и толку разбирливата слика на апсолутна среќа, од радосните дочекувања среќни принови по скапите приватни родилишта, рекламите за вештачка прихрана на новородените, пеленки со слатки дезенчиња „што не пропуштаат течности“, збунети татковци и мајки кои вешто се местат пред објективите за фотографии и видио-снимки од своите свадби на соништата, кои завршуваат со зетовското ќефлеисано зафрчување на сакото од прискапо-платеното таксидо и/ли со босиот танц на невестите кои, откако ќе ги фрлат (господ знае зошто така наречените!) бидермаери за нив „среќно“ да ги фати една од сѐ побројниот рој немажени девојки и белите, чипкани жартиери, за да ги фати брачната „маја“ машките што ќе успеат во воздух да ги уловат фрлените жартиери; а по сечењето на свадбената торта на зетот и невестата, заеднички, рака на рака врз ножот кој отсечува парчиња за сите сватови…значи, по сите тие неизбежни ритуали симболи на среќата во гламурот за една ноќ, невестите конечно ги отфрлаат скапо платените пепелашкини чевлички што и онака им ги стегаат стапалата преку повеќечасовните свадбени ритуали, свечености и веселби и егзалтирано се качуваат врз свадбените столици и маси и, главно откако постарите гости ќе си заминат дома, се откачуваат во турбо-фолк танцовите во доцните часови на свадбените ноќи од новокомпонираните матримонијални бидермаер веселби на веќе речениот Апсурдистан; заедно со претходните позирања за фото и видео сесиите во полната свадбена спрема (таа во бела тоалета од соништата и екстравагантната, нели така, фризура со светливи декорации, испрскана и со изобилен лак за да ги издржи сите предизвици на многучасовното славје, тој во црн смокинг, со прв пат облечена пеперушка (која кога не е стандрадно црна, обично е промашено избрана во боја и во дезен), сликани пред барокна града, покрај нова античка колонада, на романтичните дрвени мостови над жабурниците во градските паркови, под фотогенични порти останати само како чудно ошутени и воопшто парадоксално очудени рамки од одамна урнатите згради… сите тие амбиенти и мотиви истрошени од маниристичките, „штанцани“ фотографирања во исти пози сугерирани и местени од виспрени свадбени фотографи со недооткриени режисерски амбиции – на различните млади парови… потоа, по сите тие пепелашкини трансформации, егзалтирано споделувани и „лајкувани“ и heart-увани по социјалните мрежи, од едната страна… и на бебиња, потоа. На бебињата! На бебињата сѐ почесто фрлани по контејнери, на спротивната страна од драстично поделеното, бело-црно контрастирано општество кое ја крие таа остра сведеност на разликите со изобилна медиумска боја…како компјутерските колор-ретуширања на старите, автентично црно-бели, сега шарени снимки на новите документарни продукции, сѐ сами хипокритски прозиводи за масовна употреба. 

Денес се живее масовно, се троши масовно, се купува масовно, се чита масовно (се споделува масовно), се лаже масовно (тоа се вика пи-ар!), се гине масовно, но дури и во ова време на тоталната масовност, не престанува да се умира (вклучително и при масовната гибел!), да се соочува со вистината каква-годе таа и да ѐ, и да се раѓа – поединечно. Драстично поинаку, сосем различно веќе според местата на по/раѓања: сосем поинаку на Северот и на Југот од овој голем и сѐ поодвоен (а, пази, максимално поврзан!) и сѐ  поподелен и сѐ поцрно-бел (иако навидум сѐ поколориран) очуден свет; различно во едни и во други слоеви во поединечните места што сѐ  попарадоксално го чинат таков. Таа драма на клучните чинови на човечките паралелни, самосвојни, егои(т)изирани, силно контрастирани постоења, некогаш била и некогаш беше самиот сукус на белетристичката книжевност; денес таа се тера во масовен заборав од страна на лесната мулти-медиумска литература на масовното сеирење како забава (и како заборав за нараснатите фрустрации), за ѕиркањето, peeping-от по туѓите  масовно произведувани, а така индивидуално, така осаменички доживувани не/среќи… 

И сега, одново, назад кон темата на пронаоѓањето бебиња од контејнер.

Денес ете, во овој дел од светот не се раѓаат доволно деца. Се топат, како глечерите на северната хемисфера, цели општествени заедници, се намалува наталитетот на цели држави. Веста пренесената од еден таблоид, можеби најјасно ја осликува суштината: „сивата чума“ не е во луѓето, таа е тешка болест на сѐ побездушното, отуѓено, очудено, обессмислено општество. Во комерцијализираната, профитерска, десоцијулизирана држава која е всушност врвниот медиум на популаризацијата на лажната среќа на жалните елити; сходно на тоа и на несреќата на обичните луѓе кои не се пособни да го делат нејзиниот пропагандистички кемп за масовното у(не)среќување, сопствено на оној отаде, на Другиот…

Затоа и овој очуден текст, кој е само есеј потекнат од свежа новинска вест, зачуден над најниското паѓање на човечноста и на социјалниот вкус и однос кон вистинитоста како базичен факт и вредност на животот во социјално достоинство; директна порака за тоа како сѐ станува, грозоморно и чудно, една немоќна моралистистичка дидаскалија, запис кој нема ни сила – а искрено речено, сега веќе ниту пак потреба – да се претстави како белетристичка проза

( Финалниот расказ на книгата „Парадоксикон“

-лауреат на наградата „Рациново признание 2020“

издание на ВиГ Зеница, Скопје, 2020 )