Веројатно никој како неа не успеал да го донесе џезот и меланхоличните соул звуци до комерцијалната публика како неа, Ејми Вајнхаус. Личност која со својата ексцентричност веројатно предизвикуваше подеднакво силна реакција како и со нејзината музика. Оригинална, неповторливо провокативна со своето однесување, своите текстови. Ејми Вајнхаус уште од своето детство и рани тинејџерски години важи за неверојатен талент, толку драгоцена што нејзиното име долго време бива криено од моќните музички менаџери. Љубовта кон џезот веројатно ја добива под влијание на својот татко Мичел и својата баба Синтија, исто така пејачка силно вљубена во џез музиката.
Првиот допир со музиката го има со свои 14 години кога крадешкум ја позајмува гитарата од својот брат, Алекс за да свири и компонира. Собира доволно пари за да купи своја и да ја започне својата непресушна компонирачка одисеја. Работи сосема кратко како новинарка паралелно пеејќи со локалниот состав Bolsha Band. Со свои 17 години станува член на Националниот Младински Џез оркестар како вокал под влијание на Сара Вон и Дина Вашингтон. Нејзиниот најдобар пријател, Кенет Гордон познат под своето уметничко име, Тајлер Џејмс, пушта демо на Ејми Вајнхаус до познатиот менаџер Сајмон Фулер кој неколку години ја чува како најголема тајна во музичката индустрија.
Сепак добрите таленти е тешко да се скријат. Токму така менаџерите од Island Records дознаваат за Ејми Вајнхаус и очајно се обидуваат да ја земат под свое. Наскоро се случува токму тоа. Во Island Records се свесни дека публиката е веќе жедна за свежи, млади артисти кои отскокнуваат од веќе познатите формати и се сигурни дека оваа нетипична поп артистка ќе има голем импакт во музичкиот свет.
Заедно со продуцентот Салам Реми, Ејми Вајнхаус започнува интензивна соработка и на 20-ти Октомври 2003-та го објавуваат нејзиниот прв албум „Frank“, на кој се чувствува силното џез влијание. Вајнхаус се јавува како коавтор на сите текстови на албумот со исклучок на две кавер верзии.
Нејзиниот деби албум добива одлични критики, не само поради музичката виртуозност, свежите и провокативни текстови туку и поради фактот што Ејми Вајнхаус со својата несекојдневност им дава музичка алтернатива на милиони фанови низ светот кој во тие моменти беше уморен од бескрајното лудило на реалити шоуа и дисторзирана перцепција за добра музика.
Дека публиката знае да препознае несекојдневни таленти и врвна музика покажува и успехот на „Frank“. Веднаш по своето објавување, во 2004-та година по добриот рангинг на музичката топ-листа на албуми во Велика Британија, Ејми Вајнхаус и „Frank“ се номинирани во категориите „Најдобра британска соло артистка“ и „Британски урбан акт“ на Брит Авардс. Ова оригинално парче музика стигнува до платинести бројки.
Нешто подоцна истата таа 2004-та година, Ејми и продуцентот Реми ја добиваат наградата Ивор Новело за „Најдобра современа песна“ за синглот „Stronger than me“. Дека нејзината љубов кон џезот не прекинува и покрај нејзината авантура во поп музиката, покажуваат нејзините настапи на фестивалите во Гластонбери и Монтреал Џез Фестивалот.
Најголемиот успех за Ејми се случува со нејзиниот втор албум „Back to Black“ на кој се поместени некои од најпознати синглови. Метеорскиот успех и се случува по објавување на „You know I’m no good“ и особено „Rehab“ кога истите почнуваат да се вртат на East Village Radio, во шоуто на продуцентот Марк Ронсон. Воедно Ронсон и Реми се јавуваат како копродуценти на целиот албум. Во едно интервју од 2010-та, Марк Ронсон вели дека е импресиониран од соработката со Ејми, особено поради нејзината непосредност и бескомпромисност кога станува збор за квалитетот. Според него, таа воопшто не се воздржувала да се изјасни кога нешто не и се допаѓало од направените материјали.
На 30-ти Октомври 2006-та, „Back to Black“ е објавен во Велика Британија и за само неколку месеци стигнува на првото место на UK Album Charts каде останува последователни две недели. Во САД, таа стигнува до седмото место на Билборд 200, а во Велика Британија, „Back to Black“ продава 1.85 милиони копии во текот на 2007-ма година.
Токму 2007-ма година, ќе биде една од најангажираните за Вајнхаус. „You know I’m no good“ добива ремикс заедно со Гоустфејс Кила, а „Back to black“, „Tears dry on their own“, и „Love is a losing game“ се објавени како синглови скоро истовремено, иако со помал успех.
Во истата 2007-ма, Вајхнаус издава и делукс издание на албумот „Back to black“ во Ноември, на кој се наоѓа и синглот „Valerie“ каде таа се јавува како вокал, а истиот е дел од соло албумот на Марк Ронсон кој подоцна, во 2008-та ќе биде номиниран за најдобар британски сингл. Бројните настапи во 2007-ма ќе ја земат својата цена врз Ејми. По релативно успешните настапи на Гластонбери и Лопалуза фестивалот, настапот во Бирмингем, на Националната арена завршува неславно, со напуштање на сцената и наводни псовки упатени кон публиката. Веднаш по тоа, сите нејзини турнеи до крајот на годината се суспендирани со цел Вајнхаус да го подобри своето здравје.
Во 2008, Ејми Вајнхаус станува првата британска артистка која освојува 5 Греми награди, нешто што никогаш претходно не се случило. Истата година, таа руши уште еден рекорд, станувајќи првата артистка во историјата која добива две номинации за главната награда на Ивор Новело наградите.
Иако, закитена со огромен музички успех, таа, 2008 година станува се поочигледно дека Ејми Вајнхаус се соочува со сериозни здравствени проблеми. Таа година, Вајнхаус не поминува ниту една минута во студио работејќи на што било ново. Година подоцна, настапува на џез фестивал во Света Луција, но заминува од фестивалот на среде настап, видно во лоша состојба, едвај стоејќи на нозе и со проблеми да се сети на своите текстови. Сето ова не поминува одминато во медиумите кои се повеќе шпекулираат со злоупотреба на опојни дроги и алкохол. Иако нејзината издавачка куќа неколку пати излегува со можни датуми за нејзиниот трет албум, тој никогаш не се случува. После неколку неуспешни настапи во 2011-та година и по нејзиниот ужасен настап во Белград, каде Вајнхаус изгледа преслабнато, незаинтересирано, не знаејќи во кој град се наоѓа бидува исвиркана од публиката. Ова е нејзиниот последен професионален настап. Последното појавување во јавност, се случува еден месец подоцна кога настапува на сцена со цел да ја поддржи својата кумашинка Дион Блумфилд. Три дена подоцна, неповторливиот контралто глас на уште понеповторливата Ејми Вајнхаус засекогаш потонува во тишина. На 27 годишна возраст, Ејми Вајнхаус прерано ја завршува својата ѕвездена кариера, го губи својот живот поради злоупотреба на дрога и алкохол. За нејзиниот неоспорен и неповторлив талент, по нејзината смрт ќе зборуваат многу артисти, луѓе кои Вајнхаус ги инспирирала со својата појава. Иако за еден музичар како неа, музиката зборува многу повеќе, сепак останува горчливата вистина за тоа како славата и притисокот на шоу бизнисот го земаат својот данок, многупати завршувајќи фатално. Веројатно најтажниот момент покрај загубата на оваа неверојатно талентирана артистка е што еден од нејзините најуспешни синглови, „Rehab“ станува за жал нејзин епитаф.