Барајќи го шеќерниот човек

Сиксто Дијаз Родригез е американски пејач и текстописец од Детроит, Мичиген роден на 10 јули 1942 година. Крстен е Сиксто затоа што е шести син по ред на родители кои се доселиле во Соединетите Држави во 20-тите години на претходниот век од Мексико и се придружиле на големиот прилив на Мексиканци кои работеле во индустријата во Детроит. Мексиканските имигранти во тоа време се соочувале со интензивно отуѓување и маргинализација. Во повеќето свои песни, Родригез ја рефлектира лошата состојба на сиромашните во градот.

Во 1967 година, користејќи го името Род Ригуез, го издаде синглот I’ll Slip Away. По три години потпиша со Сасекс Рекордс, подружница на Буда Рекордс, користејќи го своетo професионално име Родригез. Тој сними два албума со Сасекс Рекордс – Cold Fact во 1970 година и Coming from Reality во 1971 година.

Неговите текстови претставуваат ладни факти за социјални проблеми се актуелни и во денешно време – заштита на животната средина, контрола на оружјето, зголемување на стапката на криминал, а преовладува и лирскиот концепт во текстовите со лични проблеми како што се романтичните врски и очајот.

Инструменталните воведи на гитара, како и одличните дуети гитара/виолина надополнети со топлиот вокал на Родригез, создаваат рок атмосфера, која потврдува дека убавината е во едноставноста на звукот.

Иако албумите не наидоа на голем успех во САД, Родригез постигна значајна популарност во Австралија и Нов Зеланд, каде во неколку наврати имаше значително успешни турнеи. Куриозитет на неговата кариера е огромната популарност која ја има во Јужна Африка, каде важи за исклучително успешен и влијателен пејач, за кој се  верува дека продал повеќе плочи од Елвис Присли.

Бидејќи информациите за него во Јужна Африка биле оскудни, меѓу неговите обожаватели кружела неточната информација дека извршил самоубиство кратко време по објавувањето на  вториот албум. Во 90-тите години, упорните обожаватели од Јужна Африка успеаја да го пронајдат и контактираат Родригез, што доведе до неочекувано заживување на неговата музичка кариера.

Тој беше споредуван со современиците Боб Дилан и Кат Стивенс. Некои од неговите песни служеа како химни против Апартхејдот во Јужна Африка, а неговото дело влијаеше врз музичарите кои протестираа против владата. Наводно, активистот против апартхејдот Стив Бико бил обожавател на Родригез.

Во 2012 година, на филмскиот фестивал „Санденс“ беше прикажана премиерата на документарниот филм Searching for Sugar Man од шведскиот режисер Малик Бендјелул.  Филмот нуди детали за напорите на двајцата јужноафрикански обожаватели да видат дали тој навистина е мртов, а доколку не е – каде е и што работи.

Покрај прикажувањето на други филмски фестивали, вклучувајќи го True/False Film Festival и Филмскиот фестивал во Траверс Сити, филмот беше отворен во Њујорк и Лос Анџелес на 27 јули 2012 година, пред поголема домашна филмска публика. Исто така, беше прикажан како дел од кино-програмите на некои европски музички фестивали во текот на летото 2012 година, вклучувајќи го фестивалот Way Out West во август, каде што настапи и Родригез. Во ноември ја освои и наградата за публиката и наградата за најдобар музички документарен филм на меѓународниот фестивал на документарен филм Амстердам.

Саундтракот The Searching for Sugar Man содржи компилација од песни на Родригез од неговите албуми Cold Fact и Coming from Reality, како и три претходно необјавени песни од неговиот трет недовршен албум. Филмот Во потрага по шеќерниот човек ја доби наградата БАФТА за најдобар документарен филм на 10 февруари 2013 година, а на 24 февруари 2013 година ја освои наградата „Оскар“ за најдобар документарен филм на 85-то издание на Оскарите. Родригез одби да присуствува на церемонијата на доделувањето, бидејќи не сакаше да го засени достигнувањето на режисерите. По прифаќањето на наградата, Чин зборуваше за великодушноста и скромноста на Родригез: „Токму тоа кажува сè за тој човек и неговата приказна“. Малик Бенџелул на оскаровската сцената во театарот Кодак рече: „Благодарност до еден од најголемите пејачи досега – Родригез“.

Родригез живее крајно едноставен, дури и спартански живот во истата скромна куќа повеќе од 40 години во историскиот кварт Вудбриџ во Детроит, со изразена рамнодушност кон сите материјални симболи на успехот дури и без сопствен автомобил, телефон или телевизиска претплата. „Парите, морам да кажам, се непристојни “, сериозно зборува Родригез, наведувајќи  дека има три основни потреби – храна, облека и засолниште. Неговата ќерка Реган вели дека посакува тој да потроши дел од парите за себе, но поентира дека за него е големо задоволство што е во можност да подарува, особено на луѓето што го поддржувале кога тој немал голем комерцијален успех.

По филмското издание на Searching for Sugar Man во 2012 година, Родригез доживеа голем медиумски интерес од обожавателите во САД и во Европа.

автор: МАНА