Композиторките сè уште се борат за рамноправен статус

Композиторките во минатото, во глобални рамки, ги нема, или се сосема малку што меѓу плејадата композитори припадници на машкиот свет се губат како игла во сено. За овој поразителен факт, причините се бројни. Познат е фактот дека во минатото жените немале отворен „пристап“ во уметноста, но на почетокот на 20. век, нештата почнуваат да се менуваат. Сепак, и покрај големиот напредок на овој план, родовите поделби сè уште докрај не се „измазнети“. Успешноста на жените композиторки сè уште е драстично помала во споредба со онаа на мажите.

Музика инспирирана од пулсот на градот

Ана Пандевска (1985) е македонска композиторка која пишува музика инспирирана од фолклорот, џезот, амбиенталната музика, а во последно време нејзиниот интерес е насочен кон електроакустичниот израз. Во почетокот на оваа година, Пандевска е избрана со нејзина композиција за пијано и трака „Кристални капки“ од страна на Bold City Contemporary Ensemble за изведба во галеријата „Џексонвил“ во Флорида, САД. Нејзините дела редовно се изведуваат во земјава и во странство.

Електроакустичната симфониска поема „Скопје“ е музичка композиција од областа на т.н. сериозна музика во која се спојуваат современите технологии и класичните стандарди и пристапи во музиката. Ова дело својата праизведба ќе ја доживее на концертот насловен „Музиката и градот“ кој ќе се одржи на 18 март во Филхармонија.

„Во делото се преплетени повеќе жанровски и стилски влијанија како од македонските изворни песни ’Сношти минав покрај вази‘ и ’У ливаду потке‘, која е суптилна инспирација затскриена во фактурата на делото. Во одредени сегменти може да се забележи и минимализмот, како и инспирациите од амбиенталната музика. Оваа композиција, всушност, е фузија од различни музички влијанија, истражувања и естетски вкусови собрани во едно дело“, вели композиторката Ана Пандевска.

Инспирација за делото е градот Скопје, градот во кој е родена и живее композиторката и, како што вели, во него се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку наративните семплови на електронската трака. „Покрај наративот, забележливи се и амбиенталните звуци на градот, но и религиозните литургии на православието како што е црковната песна, а исто така и елементите од интонирањето на исламската молитва. На овој начин сакав да ја отсликам мултикултурата и соживотот како база на која е изградено нашето Скопје“, вели Пандевска.

Формата на делото е во еден став, но со контури на триставност во архитектониката на партитурата. Композицијата беше проект финансиран од Годишната програма на Министерството за култура за 2020 година.

„Ме радува фактот што делото ќе го изведе оркестарот на Филхармонија, а особено ако музиката заживее и надвор од границите на нашата земја. Композицијата трае околу 13 минути и е напишана за нестандарден двоен оркестарски состав поради потребите за развивање на музичката мисла. Поради тоа, особено е важно да се поддржи македонското творештво од овој тип и да се поттикнат композиторите на современа музика и понатаму да творат и да ја збогатуваат македонската музичка ризница со нови инвентивни композиции кои ќе останат за идните генерации“, вели Пандевска.

Родовите поделби не се докрај измазнети

Оваа македонска композиторка, заедно со Дарија Андовска, Валентина Велковска-Трајановска, и секако првата композиторка во Македонија – Јана Андреевска е меѓу најизведуваните во земјава, но и надвор од неа. Композиторките во минатото, во глобални рамки, ги нема, или се сосема малку што меѓу плејадата композитори припадници на машкиот свет се губат како игла во сено. За овој поразителен факт, причините се бројни. Познат е фактот дека во минатото жените немале отворен „пристап“ во уметноста, но на почетокот на 20. век, нештата почнуваат да се менуваат. Сепак, и покрај големиот напредок на овој план, родовите поделби сè уште докрај не се „измазнети“. Успешноста на жените композиторки сè уште е драстично помала во споредба со онаа на мажите. Дел од проследувачите на музичката историја констатираат дека малубројноста на композиторките во минатото била условена од општествените прилики, но дека денес вратите на жените во музичката уметност им се широко отворени, дека бројот на композиторки не е за потценување и дека на светската музичка сцена доминира разновидност, разнородност од стилови и естетики токму поради фактот дека и жените и мажите рамноправно учествуваат во креирањето на мозаикот на класичната музика. Недостигот од соодветна едукација е првата бариера којашто се споменува за неприсуството на жените во композиторскиот свет. Потоа патријархалното воспитание, предрасудите и шовинистичкиот принцип на размислување, социолошките и психолошките разлики, разните политичко-општествени уредувања, па дури и биолошките и психолошките разлики. Но, 20. век, особено во Европа и во САД, ги „скрши“ дотогаш воспоставените правила за положбата на жената во семејството и воопшто во општеството кревајќи ја нејзината позиција на ниво на рамноправност со мажите. Иако некаде повеќе формално, помалку суштински. Но, пред тоа присуството на жените композиторки било анонимно, се криеле под псевдоними, бил длабоко затскриени под плаштот на тогашните музички великани. Зашто, откривањето на половата припадност ад хок значело и одбивање и оспорување на нивната вредност. Сега сликата е сосема поинаква, со иницирањето на родовите студии делумно се разби т.н. машка хоризонтала, жените денес со својот креативен и творечки интензитет силно делуваат во процесот на развивање на современата култура. Родовите стереотипи се ништат, како што е погоре потенцирано, но останува непобитен фактот дека поради улогата на сопруга и мајка, патот на една жена-композитор е дополнително отежнат. Многу композиторки на сметка на професијата се откажуваат од мајчинството и бракот. Композиторките најчесто вешто балансираат меѓу двете улоги – свесна дека „двата“ паралелни животи постојано ќе се судираат, надополнуваат, менуваат. Така е во Европа, но идентична е состојбата и на Балканот, и се разбира во Македонија. Кога говориме за Балканот, во тие рамки спаѓаат и поранешните југословенски земји со тогаш социјалистичко општествено уредување, кога жените добија рамноправна улога во општеството. Оттаму воопшто не зачудува фактот што бројот на жени композиторки и диригенти и во овие земји е многу поголем.

Во овој контекст, неопходно да се споменат неколку имиња на жени композиторки кои можеби несвесно, го послале килимот по кој денес чекорат современите музички творци припаднички на женскиот пол. Сафо била најпозната грчка поетеса, но била и композиторка во 7 век пр. н. е. кога доминирала т.н. синкретична уметност. Во средниот век калуѓерките пишувале музика за потребите на манастирите, а најпознатата меѓу нив е Хилдегард од Бинген (1098-1179), композиторка и филозоф, чие најпознато дело е литургијата „Ордо Виртутум“. Потоа италијанската композиторка Франческа Качини (1587-1641) која творела во периодот на музичкиот барок и е првата композиторка којашто напишала опера. Или француската композиторка Лили Буланже (1893-1918) којашто била под влијание на Форе, Дебиси и Хонегер, како и нејзината сестра Надја која била дел од групата „француска шесторка“. Се разбира, Клара Шуман (1819-1896) германска композиторка и една од највпечатливите пијанистки на романтичната ера, која и самата знаела да каже дека компонирањето не е работа за жени и целиот живот го посветила да му помага на својот сопруг-композитор.

Денес, бројката на современите композиторки е значително голема. Но, иако Интернационалната енциклопедија на композиторки од Арон Коен од 1987 година има шест илјади одредници, што нималку не е потценувачка бројка, останува фактот дека тие не се доволно познати за да ги знаеме како звучните имиња на Бетовен, Моцарт, Стравински.

автор: Ангелина Димоска