Приказна за потеклото
Приказната за потеклото на човекот, на животот, на материјата отсекогаш го фасцинирала човекот. Вистината е дека потрагата по вистината за животот не секогаш била грациозна и општествено прифатлива. Тој вечен судир помеѓу науката и религијата и двете верзии за настанокот на животот кој постојат паралелно, една до друга, а се движат во обратна насока.
Токму оваа идеолошка војна е мислата водилка во комплексната драма режирана од Мајк Кејхил „I Origins“. Не станува збор за некое ново остварување, напротив, филмот излегува во јавност во 2014-тата година, но веројатно поради тематиките кои ги разработува, филмот заработува помалку пари отколку што чини неговата продукција. Токму тоа е причината поради која сметаме дека ова научно фантастично парче заслужува многу повеќе внимание.
Приказната не запознава со младиот научник Иан Греј, чијашто единствена цел е да стави крај на идеолошката дебата за потеклото на животот и еднаш засекогаш да докаже дека животот не потекнува од некој интелигентен дизајнер, дека не е создаден од божество кое живее на небото, туку е серија на еволутивни случајности кои довеле до животот каков што го знаеме денес. Ијан е опседнат со човечкото око. Религиозните фанатици го сметаат окото како неоспорен доказ дека зад неговата креација стои интелигентно суштество кое го создало животот. Ијан смета дека доколку успее да го покаже еволутивниот развој на окото и дека и окото како и секој друг орган, човечки или на кој било друг организам има свој еволутивен почеток, ултимативно ќе докаже дека целиот живот потекнува од Големиот Бенг и се случува како природна еволуција која потекнува од еден случаен настан во кој сите атоми кои постојат во универзумот се судруваат во една точка, експлодирајќи во една незамислива експлозија која го започнува настанокот на животот.
Како што реков, Ијан е фасциниран со човечкото око. Има колекција од фотографии кои ги прави од стотици луѓе на кои им го овековечува ирисот со сета своја маестралност и совршенство. Така ја запознава љубовта на својот живот, на една забава на Ноќта на вештерките. Не и го гледа лицето, туку само нејзините несекојдневно убави очи. Веднаш се вљубуваат. Толку се создадени еден за друг што се подготвени да ги заборават своите идеолошки разлики. Ијан е тврдокорен научник кој верува во науката, Софи е жива, разиграна девојка која верува во спиритуалното, во постоење на необјасниви работи кои имаат фантастична природа. Во меѓувреме, Ијан и Кени, неговиот научник другар, добиваат помош во докажување на тезата за потеклото на животот преку младата студентка Карен. Тие ја базираат својата теорија на „пациентот нула“, се обидуваат да го најдат организмот кој прв започнува да го развива окото како орган за вид. Еден ден, додека Ијан и Софи закажуваат датум за венчавка, Карен му се јавува на Итан со неверојатни вести, го наоѓа организмот Eisenia fetida, обичен црвен црв од кој според Карен започнува развитокот на окото како орган за вид за целокупниот жив свет. Ијан и Софи брзаат до лабораторијата. Таму по некоја несреќна случајност, Софи истура хемиски алкохол врз окото на Ијан по што тој краткотрајно го губи видот. Се враќаат дома, не знаејќи дека ги чека незамислива бизарна трагедија. Додека се возат со лифтот, се случува дефект па не успеваат да стигнат до својот стан, Ијан сè уште не гледа ништо поради хемискиот алкохол, ја отвора насила вратата од лифтот и исползува од него. На ред е Софи, таа одбива во страв, сепак Ијан ја убедува некако, во моментот, лифтот започнува да се движи и ја преполовува Софи. По нејзината смрт, Ијан не излегува од станот, сè додека Карен, загрижена не се појави таму.
Тие се вљубуваат, ќе се венчаат, ќе имаат син. Во тие моменти теоријата за потеклото на животот е веќе научно докажана, а Карен, Ијан и Кени уживаат статус на познати научници. Кога Тобијас има само неколку години, му го скенираат ирисот, и наместо негови податоци, излегува дека неговиот ирис има идентични карактеристики како средовечен човек кој веќе е во системот. Тобијас е дијагностициран со форма на аутизам. Ијан започнува потрага по човекот со идентичен ирис како оној од неговиот син. Патот не го води само кон него, туку и многу поблиску до нови откритија во неговата теорија за потеклото на животот. Тие доаѓаат до заклучок дека човечкиот ирис можеби памети фотографии од некој претходен живот, некаква човечка реинкарнација. Поминувајќи низ мноштво скенирани ириси, наоѓаат еден идентичен како оној на Софи. Тука патот го води Ијан дури до Индија, до малечката Саломине. По бројни неуспешни обиди да ја пронајде, на Ијан конечно му се посреќува. Ја наоѓа Саломине и се обидува да направи когнитивен тест со кој сака да ја докаже теоријата дека човечкиот ирис и човечкиот мозок чуваат податоци од некој претходен живот. За жал, не успева да ја докаже теоријата. И покажува бројни фотографии на Саломине за да види како таа ќе реагира, но бројот на идентични одговори индицира само нормално отстапување од теоријата на случајност. Разочарани ја носи Саломине во локалниот центар за грижи. Излегуваат од собата и пред да влезат во лифтот, кога ќе ги види вратите од лифтот како се отвораат, Саломине започнува хистерично да плаче, исплашена. Дали тоа е доказ дека Саломине е реинкарнација на Софи? Дали се сеќава на начинот на кој Софи трагично го губи животот? Можеби. Ијан е фасциниран од идејата дека можеби човекот иако е еволутивна последица, а не дело на интелигентен дизајнер, сепак има нешто повеќе, нешто необјасниво, друг живот, или животи, спиритуалност, нешта кои науката сè уште не може да ги објасни. Филмот говори за тенката линија по која човештвото гази неколку векови наназад, од радикална религиозност, до научна ексклузија. Можеби, сепак можеби, спиритуалноста и науката не се толку одвоени колку што сакаме? Можеби, човекот е мисловен, свесен организам, но длабоко спиритуален и божествен. Можеби …
автор: Мишел Наумоски