Симпсонови какви не ги паметите

На 19 април 1987 година, сатиричното семејство Симпсонс , го доживува своето прво будење пред малите екрани. Првично како дел од програмата на „Шоуто на Трејси Улман“ , емитувано на Фокс телевизиската мрежа, краткометражните „Симпсонови“ достигнуваат  три сезони, односно 48 прикажувања, со епизоди во времетраење од една минута. Концептот на илустраторот Мет Гронинг се задржува доволно долго, со својот краток , но луциден впечаток да прерасне во долговечна анимирана серија. Во 1989 година, минутата станува триесет, и „Симпсонови“, предводени од своеглавиот и хаотичен  Хомер (кој напреднал и во својата тежина), бунтовниот и смотан Барт, ултра бистрата Лиса, тивката и интуитивна Меги, сите заедно потпрени  врз моралниот столб, врз матријахатот Марџ, стануваат дел од секојдневните животи на едно американско семејство. Симпсонови се амблемира во бренд , препознатлива франшиза.

Првата епизода на краткометражните „Симпсонови“:

Еволуцијата на едно нуклеарно семејство

Додека продуцентот  Џејмс Л. Брук работел на телевизиското шоу „Трејси Улман“, дошол до идеја да вклучи кратки анимирани исечоци кои би се емитувале пред и по рекламите. Откако до неговите раце стигнал стрипот „Живот во пеколот“ на картунистот Мет Гронинг, Брук не се сомневал дека го нашол вистинскиот човек кој ќе му послужи како алатка за да ја проектира својата замисла. Во почетокот Гронинг се нашол во искушение да ја претстави на светот илустрираната серија „Живот во пеколот“, но набрзо се откажал од помислата, бидејќи анимирањето на серијалот стрипови би значел укинување на правата за публикација за негово животно дело. Па затоа стигнал до поинаков пристап, чекајќи пред канцеларијата на Брук. Набрзина ја намотал молскавичната замисла во едно површно развиено сценарио- да пишува за дисфункционално американско семејство, кое ни помалку ни повеќе, ги добива личните имиња на членовите од неговото семејство, заменувајќи го своето име со името на Барт, кое впрочем го позајмил од сопствениот брат(Maрк), и создал анаграм од сленгот„brat“. Приказните ги напишал и пренел во сценариска форма самиот Гронинг. Карактерите биле грубо нацртани, Гронинг им доставил рудиментарни скици на аниматорите, претпоставувајќи дека тие ќе ги исчистат и дообработат, но наместо тоа тие ги проследуваат неговите цртежи. Џиорџи Пелуче е колористот кој одлучува ликовите да ја добијат препознатливата жолта боја.

This image has an empty alt attribute; its file name is 6bf3ee262a8d73c14fd319749677a5a7-1024x635.jpg

Ситните финеси од краткометражните „Симпсонови“, кои го следат животот на работничката американска класа, ја создаваат едицијата „Симпсонови“ каква ја познаваме. Остар хумор, многу досетки и паранормална смисла на предвидување на политичките збиднувања. Своето долгометражно деби „Симпсонови“ го имале на 17 декември 1989 година, со спин-оф епизодата „Simpsons Roasting on an Open Fire“.

Теорија на заговор

„Симпсонови“ се еден антерограден времеплов, креаторите како да држат кристална топка помеѓу своите дланки. Од предвидување на добитник на Нобелова награда, до политички скандали, идентични телесни позиции на митинг и сценографии. Понекогаш станува морбидно колку креаторите на „Симпсонови“ го налагаат темпото на општествено движење, па се надоврзуваат теории на заговор за можна вклученост на креаторот во некои масонски движења. Но дури и кога оваа претпоставка би била точна, повторно, не може да ја објасни во целост стапката на коинциденција ,уште еден фактор кој повеќе ве врзува пред телевизорот кога се емитуваат„ Симпсонови“.  Во секој случај,  едно е и повеќе од јасно, на „Симпсонови “ може да им се препише еден обратен „џет-сет“ феномен, а тоа е дека славните го пресликуваат, години подоцна, својот настап под рефлекторите на Гронинговиот универзум, под такво светло градејќи го и извишувајќи си го публицитетот, како една проверена и бесплатна реклама на име и потпис.

 Нo настрана oд фанатичките теореми и останати математички фракции на веројатност, Симпсонови го измени ликот на анимираниот ситком, па набрзо потоа го следат и останати обиди на големите телевизиски магнати да ја повторат историјата на вртоглавиот успех на Мет Гронинг:  „American dad“, „Family guy“, „South park“…

Автор: Јована Матевска Атанасова