Брам Стокер-основоположник на готскиот хорор

Неговата долговечност во историјата на литературата се должи на главниот лик од неговото извонредно остварување Дракула. Брам Стокер живее и по смртта со книжевна генетика на бесмртник.

Роден на 8-ми Ноември 1847 година, во Клонтарф, северно крајбрежје на Даблин, а умрел на 20-ти Април 1912 година.

До седумгодишна возраст бил хронично болен и закован за креветот, но токму кога започнувала неговата кариера како ученик, болеста се разведрила и чудотворно оздравел, подоцна непријавувајќи ни трага од болеста. На ваквата претшколска закржлавеност тој гледал со ведрина и полезна причина, која ја обелоденува во една изјава „Бев природно надарен со процесот на контемплирање, а слободното време кое долгото боледување ми го отстапи, ми овозможи складирање и ангажирање на мислите кон плодотворни насоки во подоцнежните години.“ За волја на вистината, Стокер додека бил студент на колеџот Тринити (истиот на кој студирале Џонатан Свифт, Оскар Вајлд и Семјуел Бекет), станал и атлет во повеќе дисциплини.

Дипломирал математика со почести, а постакадемски се занимавал и со фикцијата, публикува научен труд со наслов „Сензационализмот во фикцијата и општеството“ додека бил претседател на Универзитетот на Филозофско општество

Театарската фасцинација-образба за пишувањето

Неговата средба со театарот била пресудна за стимулирање на писателскиот потенцијал во Стокер. Најпрво, започнал како театарски критичар за весникот Dublin Evening Mail, чијшто коосновач, Шеридан Ле Фану, бил автор на готски приказни. Патиштата полека се вкрстувале до поплочената патека од она што подоцна ќе стане негово професионално предворје.

Во 1872 ја објавил „Кристалната чаша“, публикувана од страна на London Society, илустриран магазин за издигнување на литературата во високите кругови.

Но во 1876 година се случува точката на кулминација за Стокер, кога неговата рецензија на изведбата на Хамлет од страна на Сер Хенри Ирвинг, стигнува до рацете на познатиот актер и сопственик на Лицеум Театар. Личната средба, по покана на Ирвинг, ќе прерасне во долгогодишно пријателство и работен однос, набрзо Брам Стокер е именуван во личен асистент на Ирвинг и бизнис менаџер на театарот во негова сопственост.

Во 1878 година се жени со Флоренс Балкомбе, која историјата ја познава по легалната правна битка со продуцентите на Носферату, недозволена филмска адаптација на романот на нејзиниот сопруг.

Исто така, Стокер имал претензии кон цртањето, па во 1879 година го основа Dublin Sketching Club.

„Дракула“-митот од Карпатските планини и хомосексуалната репресија

Армин Вембери, унгарско-еврејски писател, кој во една прилика имал средба со Стокер, најверојатно преку кого Стокер и го сретнал митот за Дракула, со оглед на тоа дека тој никогаш не ја посетил Романија. Но други извори, тврдат дека романот е напишан врз транскрипт од есејот на Емили Жерард „Трансилваниски суеверија“. Дури и кога би полемизирале околу настанокот на кој се темели „Дракула“, Стокер потрошил години, последователно истражувајќи го фолклорот на Централна и Источна Европа.

Влад Цепеш III, на кој и се темели митот за Дракула, бил владетел на покраината Влашка, познат по крвавиот отпор и третман кој го добивале заробените отомански војници. Неговата суровост била воспеана во романскиот фолклор и преданија.

„Дракула“ нема вообичаена форма на наративен роман, се одликува со епистоларна структура, колекција од налик реални, но измислени записи од дневник, телеграми и писма, вештина која полезно ја искористил од своето искуство како новинарски дописник.

Бракот на Брам и Флоренс, бил речиси неконзумиран, па се смета дека Дракула ја носи нишката на неговата скриена еротичност, е плод на потиснатата хомосексуалност, книгата послужила проекционо да испливаат неговите перверзни фантазии. Иако Стокер јавно се залагал за приведување на хомосексуалците, ова можеби бил ефективен начин да се доближи до ставот на општеството без притоа да го запали својот внимателно граден имиџ, ограден од „казнивата“ слабост.

Оригиналното издание имало 541 страница, но од него денес не останале записи. Овој литературен хибрид добива место во три категории: хорор фикција, романтизирана готика и мелодрама.

*Корицата на првото издание, 1897 година*

„Дракула“ е инспирација за над 200 филмови, после Шерлок Холмс, тој е книжевен лик со најмногу екранизации.

Но иако интересот на Стокер бил претежно свртен кон книжевност со натприродна фабула, добар дел од неговото творештво е опфатено и од романси со екстремно викторијанска наталоженост.

Умира од сифилис или исцрпеност, зависно од субјективното гледиште на биографот. Откако бил кремиран, неговите посмртни останки се изложени во Golders Green Crematorium, до кои е навистина тешко да се дојде, освен со посебна дозвола.

Што да прочитате: „Историчарката“-Елизабет Костова, „Bram Stoker: A biography of the author of Dracula“-Barbara Belford, останатото творештво на Стокер

Што да погледнете: Nosferaty (1922), The Lair of the White Worm (1988), Bram Stoker’s Dracula(1992), Dracula 2000, Van Helsing (2004), Dracula untold (2014)

Што да преслушате: Music inspired by Bram Stoker’s Dracula-Various artists

автор: Јована Матевска Атанасова