Вилијам Шекспир- наследство од илјадници страници

Шекспир е веројатно еден од ретките луѓе за кој се верува дека се родил и умрел во истиот ден, секако различна година. Некои записи тврдат дека Шекспир бил крстен на 26-ти Април, па според типична религиска логика за вистински датум на раѓање се претпоставува дека е 23-ти Април 1564 година.

Шекспир е коренот на светската драматургија. Се смета дека Шекспир е еден од најцитираните автори на светот, особено зад затворените врати на судниците. Шекспировите драми доживеале и најмногу сценски поставувања низ светските театри, подлежат на наврапити обиди да се модернизираат и припитомат на филмското платно. Но токму пропорционалното дивјаштво и аристократската одмереност ги прават и ликовите и чиновите неприемливи и примамливо одбивни за најдобрите режисерски имиња. Но актерскиот престиж, експоненцијалниот почеток за градење на цврсто и прочуено име, го обележува одигрување на лик од Шекспировата школа.

Иако големината на творештвото е евидентна, Шекспир често бил исмеван и критикуван од страна на видни имиња во литературата. Во една прилика Лав Толстој за неговото книжевно наследство ќе напише: „Ги почувствував, поинтензивно, истите чувства и овој пат не беше истото чувство на збунетост, туку на силно, речиси неменливо убедување дека неоспорната слава на голем генијалец, која ја ужива Шекспир, и која ги тера писателите на нашето време да го имитираат и читателите и гледачите во него да откриваат непостоечки заслуги, на тој начин искривувајќи ги своите естетски и етички уверувања, е едно огромно зло, како што е и секоја невистина. “ Покрај него и Џорџ Бернард Шо не ја поднесувал небесната слава на Шекспир, сметајќи ја за исфенирана и претерано набабрена. На оваа нетолеранција кон Шекспир на списокот се запишуваат и Џ. Р.Р. Толкин и францускиот филозоф Волтер.

Поради обемното дело, кое зад себе го оставил, а изнесува приближно 38 драми и 154 сонети, или илјадници страници, Шекспир во својата животна определба не само што влегол во функција на писател, туку и дијагностички ги диференцира карактерите, давајќи им една симулакрумна психологија, факт што самиот по себе го прави недостижен драматург над чиј пандан се направени безбројни обиди за фалсификување на истиот образец.

5 влијателни ликови создадени од перото на Шекспир во светската литература

  1. Хамлет е најцитираниот и најпребаруван лик од Шекспировите драми. Познатиот исказ, сололоквиум, монолошки аспект кога актерот гласно ги кажува своите внатрешни мисли (кој векови подоцна го доработува и Вирџинија Вулф во своите романи) „Да се биде или не, прашање е сега“ е длабока контемплација за суштествувањето. Со Хамлет читателот го израснува јадрото на својата личност, поставува реторички прашања кои се однесуваат на егзистенцијата, го напаѓа имунитетот на либидото, превирајќи помеѓу нагонот за смрт и желбата за живот. Во контемплациите на Хамлет се изразени и политичката корупција, брачниот статус и табуто за верноста, семејните нишки и мотивот за одмазда, длабоки извори на човечки стрес кој и денес го дрмаат општеството.
  2. Јулија е женски модел на истрајност и решителност. Иако е четиринаесетгодишна, Шекспир одлично си ја сработил задачата, давајќи ѝ детерминационен апарат на личноста, со кој ѝ ја пресекува слабоста во моментот кога започнува да се формира. Од друга страна, нејзината возраст мозаично се вклопува во рамката на хормонален дистрес, кој од тинејџерите формулира параидолиски тотеми кои брзо и безглаво се вљубуваат. Јулија живее во време кога од ќерките се очекува да се потчинат на татковиот збор и сосема алитерациски, на неговиот избор. Но Јулија не е воспитана со препорачаната доза на безглава послушност, некаде скршнува темпераментот увидувајќи дека слободата е послатка кога ја гледа низ своите зеници. Јулија го живее феминистичкиот Устав на 21 век: силна и самостојна, но смртно вљубена во каузата да успее во намереното.
  3. Кралот Лир е една од најдобрите драми, затоа што во фабулата како порака во колаче на среќата, е склопчена да биде гласник на силно наравоучение. Кралот Лир е опсежна личност, со морално убедување и амбиции, но пред сè со чувството на умереност, дотраеност и важноста која ја играат идните генерации за една возвишена англиска лоза. Лир решава да ги предаде ингеренциите, земјиштето и интересите во наследство на своите ќерки и со тоа да се пензионира. Но им остава една клаузула, тој ќе ја зачува својата титула и круната на глава до разидувањето со животниот пат. Набрзо разбира дека моќта и титулата се две различни особини, кои кога ќе се спојат под еден интегритет се единство, непобедливо, неделиво, супериорно. Дека дрвото без крошната е стебло кое брзо ќе падне пресечено.
  4. Макбет е носител на политичката бескрупулозност, истата што и векови подоцна останува непроменета варијабла, во наводното општество под демократска команда. Макбет е херој, благородник, опсипан со државни почести, хипнотизиран од моќта која ја ужива од неписмениот и потчинет народ се раѓа една немирна мисла која нема сила долго да издржи во апстрактна состојба, па се пренаменува во дело. Сопките, погубувањата, идеите за превласт сè се тоа деструктивно навиени механизми, под изговор дека се повлечени од дуализмот на „бори се или бегај“. Но вистината извира од мрачниот агол на потсвеста: пренагласената суета е смртоносна. Зависно за кого.
  5. Јаго е еден од ликовите во „Отело“. Тој ја има садистичката граѓа, една перверзна патологија, во која уживале големите тирани и диктатори, заблажана верзија на тиранијата. Неговиот образец на однесување не ги збунува денешните психолози, но пред векови, претставувал претстава за моќен човек без институционализирање и типизација. Тој бескрвно се глорифицира и издигнува во болката која ја нанесува на другите. Едноставно, без еквидистанца на безбедното и надреденото, ја црпи енергијата од несреќата, манипулирајќи ги и осакатувајќи ги луѓето кои ќе се затекнат во неговото опкружување, без притоа да почувствува и најситен полнеж на каење.

Шекспир низ преведувачкиот дурбин на Драги Михајловски Со оглед на специфичниот израз на Шекспир, за мала држава како Македонија потребен беше само еден голем преведувач за да го долови на читателската публика.

Вилијам Шекспир не оди во дискусија без македонскиот синоним, без името и делото на Драги Михајловски. Нивниот зависен однос е храната за македонските филолози, но и филозофи кои благодарение на големата посветеност на Михајловски кон Шекспировиот опус, го сместуваат во домашните библиотеки на истиот јазик на кој говорат и пишуваат, изразуваат благодарност и творат. Михајловски го деконструира граматички и го следи препевот во еден ветровит и сказален долов. Неговите 1 653 страници ќе останат подлога за многу семинарски истражувања и докторски трудови, можеби собиралиште на истомисленици со Толстој или бранители на омажот како Орвел, на доживотното дело на вредниот и амбициозен драматург кој е еден од најпродаваните автори, четири векови по смртта.

автор: Јована Матевска Атанасова