Датум за паметење

На денешен датум, македонскиот рок времеплов бележи четири импозантни настани распределени во безмалку две и пол децении симболични и значајни за неколку генерации.

24.04.1991

Во 1991 година, во фабриката на Југотон во Загреб е умножен дебитантскиот сингл на скопското поп-денс дуо Ластовица. На синглот се наоѓаат две траки. На едната страна е “Пушење”, а на втората е преработката на класикот од “Леб и Сол” – “Скопје”.

24.04.2008

Во 2008 година, Мизар избира поинаков, симпатичен и интимен начин да ги израдува фановите. И тоа оние вистинските.

По промоцијата на последното студиско остварување „Поглед кон цветната градина“ со настап во Универзална сала и уште неколку низ градовите ширум целата земја, Мизар одржуваат интимен клупски концерт во клубот Castro. Со само сто влезници пуштени во претпродажба и ставање акцент на одбрана програма, на материјалите од нивниот култен деби-албум, овој настап иако проследен од орграничен број посетители, останува запишан како исклулителен концерт во колективната рок меморија.

24.04.2013

Во 2013 година, во бифето на кино „Фросина“ во МКЦ е промовиран извонредниот блуз албум „Magical Dreamland“ од David Neskoski Trio. За сега, ова е последниот промовиран албун од Давид Нешкоски.

24.04.2015

Во 2015 година, групата С.А.Ф. организира славенички концерт по повод петнаесет години од објавувањето на нивниот прв и за жал сè уште единствен албум-Сафизам.

Прославата најпрво е најавена за во МКЦ, но многу бргу по објавата ќе сфатат дека интересот кај фановите го надминува капацитетот на МКЦ, па се префрлаат на многу поголемиот простор во Скопски саем.

С.А.Ф. е еден од ретките македонски бендови што еден ист албум го имаат објавено на сите три носачи на звук и еден од навистина малкуте чиј албум доживеал толку реизданија.