Интимно со пандемијата

Поминаа повеќе од година дена откако започна пандемијата, а предизвиците сè уште се тука. Некој повеќе, некој помалку ги почувствува канџите на скриениот убиец кој сè уште се заканува да не држи во заробеништво. Група писатели сепак одбиваат да бидат заробени. И не толку физичките колку менталните стеги кои ја држат мислата во заробеништво, мислата која сака слободно да твори, а не да стои будна колку да биде алертна на можната опасност. Веројатно ништо не ја запира креативната мисла, ниту индивидуалната, ниту колективната. Еден до друг, еден позади друг, создавајќи верига на креативни идеи кои пркосат на стравот. Токму тоа го направија група писатели меѓу себе силно поврзани и едноставно именувани како Креативна Верига. Од нивното писателско перо неодамна излезе од печат писателски едноставната, но психолошки комплексната збирка раскази „Интимно со пандемијата“.

Насловот не е случаен. Апсолутно не. Во оваа збирка раскази од 17 наши, домашни писатели ќе најдете 26 раскази кои за миг ќе ги прочитате. Така барем беше за мене. Ќе ги прочитам уште еднаш.

Зошто?

Затоа што овие интимни прикази, овие интимни нарации пленат со својата искреност, внатрешните пориви, психичките битки кои секој еден од нас ги води секој ден во овие пандемиски неволји.

Ова е една книга во која со секој расказ што ќе го прочитате … првата помисла ќе ви биде … „да … исто како и мене“. Нема ништо помоќно во литературата од моментот на поистоветување не само со ликовите во книгата, туку и со авторот и неговите пориви. Овде, во „Интимно со пандемијата“, ќе го најдете токму тоа.

Реалност или фикција? Не само расказите, не! Сето ова што тие се обидуваат да го доловат. Се чини како некој филм кој никако да заврши. Сите нешто чекаат, Димитар го чека крајот на светот, Марина го чека љубениот, Јордан чека да собере храброст за да почне да живее во својот замок, Мерсиха го чека возот, Гордана чека сопругот да касне од тортата со лешници, а Дамјана да завршат кошмарите додека ги брои малите бели војничиња.

Сите нешто чекаме додека трае пандемијата. И овие раскази совршено прикажуваат како функционира мислата додека сите ние се бориме со работните места, парите, семејството, изолацијата, опасноста, вирусот. Потиштени од секојдневието, секојдневие кое е единствената константа во изминатава година, единствено нешто што не се менува, долги, досадни денови, исполнети со кошмари, расправии, згоди и незгоди, депресија, тага и смрт.

Кога завршив со читање, го добив истото чувство што го добивам после секоја прочитана книга, неможност да се одделам, полека ја спуштив на масата, и можам да се заколнам дека гласно си изустив „фала ви“. Веројатно тоа треба да го кажеме секој пат кога некој гласно ќе ги изусти мислите кои ние не сме се осмелиле да ги изустиме, кога некој јасно ќе го каже она кое ние со денови сме се подготвувале да го кажеме.

Повеќе од јасно ми е, дека овие раскази кои не се мои, би можеле да бидат мои, или можеби за момент беа или ќе станат мои. Затоа што секојдневните битки кои се водат во нив, се и мои, и нивни, и ваши.

Нема да должам … прочитајте ја и вие, и станете интимни со пандемијата.

автор: Мишел Наумоски