Стартува летното кино “Мирно лето” во Кинотека
Продолжувајќи ја мисијата и цврстата одлучност да се остане институција која забележува значаен инпут во креирањето на културниот живот во нашата земја, Кинотека, со проекција на документарниот филм ФОРТЕ (Forte) од програмата на фестивалот „Вечери на женски права“ на режисерот Дејвид Донели (David Donnelly) – денес, 14 мај (петок), со почеток во 20:30 ч. Го отвора летното кино под отворено небо „Мирно лето“ – во дворот на Кинотеката.
Во рамките на фестивалот „Вечери на женски права“ ќе бидат прикажани и документарните филмови: ДЕНОТ НА ЖЕНАТА на Долја Гавански и ТОА Е ТИНЕЈЏЕРСКИ СВЕТ – ВМРЕЖЕНИ ЗА СЕКС, ЛАГИ И ИГРИ НА МОЌ на Лин Глазиер.
Програмата на летното кино продолжува со традиционалната Недела на италијански филм која за тема ја има емиграцијата, а ќе бидат прикажани седум филмски наслови: Леб и Чоколадо (Pane e cioccolata, 1974) на Франко Брусати (Franco Brusati); Новиот свет (Nuovo mondo, 2006) на Емануеле Криалезе (Emanuele Crialese); Да ви се претставам? Роко Папело (Permette? Rocco Papaleo, 1971) на Еторе Скола (Ettore Scola), Добредојдовте на југ (Benvenuti al sud, 2010) на Лука Миниеро (Luca Miniero); Сако И Ванцети (Sacco e Vanzetti, 1971) на Џулијано Монталдо (Giuliano Montaldo); Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata, 1971) на Луиџи Ѕампа (Luigi Zampa) и Тробојката оди на гласање (Bianco, rosso e Verdone, 1981) на Карло Верзоне (Carlo Versone).
Во рамките на летното издание на Скопје филм фестивал следуваат две вечери со проекции на филмови, а на 26 мај (среда) ќе се одржи и церемонијата на доделување на годишната награда на Кинотеката „Златен објектив“.
Годинешни добитници на „Златниот објектив“ – награда на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија се режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски.
Кон крајот на мај започнува и 11. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој продолжува и во текот на јуни. Јуни, пак, е месец „полн како око“ со филмски наслови од Неделата на јапонскиот филм, Неделата на новиот германски филм, проекции на дигитално реставрираните македонски играни филмови МИРНО ЛЕТО и ФРОСИНА, како и редица други пријатни изненадувања.
Билетарата ќе биде отворена секој ден од 19:00 часот, а проекциите ќе започнуваат во 20:00 часот.
Проекциите се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.