Фондацијата „Д-Р Михаил Левенски“, дари петстотини примероци од книгата „Како да станам свој“, на основните училишта со име „Блаже Конески“
Како аманет од Левенски, а во чест на 100-годишнината од раѓањето на Конески, втемелувачот на македонскиот литературен јазик, Фондација „Д-р Михаил Левенски“, заклучно со 14 јуни, реализираше неколкудневен проект во кој беа опфатени основните училиштата со име „Блаже Конески“, ширум нашата татковина.
„Д-р Левенски, низ збор и дела настојуваше да се поддржат и поттикнат младите, со цел да се придонесе да го бараат и најдат своето место и да го препознаат, вреднуваат и надградуваат своето „сè“. Овие книги се негов аманет и со голема радост и гордост ги даруваме. Со овој дар изразуваме почит и кон наставниот кадар и вработените во училиштата, за нивните заложби за едукација и градење здрава младина којашто понатаму ќе инспирира, мотивира и создава, негувајќи го литературниот македонски јазик и продолжувајќи го името и делото на својот патрон, Блаже Конески.“ – изјави претседателот на Фондацијата, Никола Левенски Миљаниќ, којшто заедно со актерката Драгана Левенска и други членови на семејната Фондација, го осмисли и реализираше проектот.
Фондацијата изразува благодарност, за препознавање на вредноста на проектот и сесердната поддршка, до директорите на основните училишта: Ангелка Баракоска – О.У. „Блаже Конески“ во Прилеп; Сузана Настовска – О.У. „Блаже Конески“ во Скопје; Јованче Манасков – О.У. „Блаже Конески“ во Велес и Зурат Куртовски – О.У. „Блаже Конески“ во с.Скудриње, Општина Маврово-Ростуше. Посебна благодарност упатува до психолозите, педагозите, македонистите и библиотекарите, со чијашто помош беше реализиран овој проект со којшто одбележуваме ново пријателство меѓу Фондацијата и училиштата.
Училишните библиотеки и сите полуматурантите од основните училишта „Блаже Конески“ во Велес, Скудриње, Прилеп и Скопје, добија на дар, вкупно 500 примероци од книгата „Како да станам свој“ од областа на психопедагогија, којашто д-р Михаил Левенски ја посвети токму на младите. Проектот се одвиваше со директна посета на училиштата од страна на тимот на Фондацијата, низ срдечни средби и разговори со раководниот и наставниот кадар, како и со учениците, секаде согласно протоколите, концептот и можностите: во училишни дворови, на игралишта или во големи училници, сали и поливалентни простори. Со оваа донациија, сите полуматуранти заедно со сведителството добија по една книга, со надеж дека таа ќе стане еден од нивните најдобри пријатели со којшто полесно, посигурно и погордо ќе се пробиваат по патот на себеосознавањето и себеизградувањето.
Д-р Михаил Левенски (1942-2010), психијатар и писател: поет, раскажувач и драматург. Автор е на голем број литературни дела, радио и ТВ драми и сценарија за филмови како на книгата „Како да станам свој“ – посветена на младите за себеизградување, мотивација и себереализација. Д-р Михаил Левенски е докажан хуманист, поборник за вистина, правда и човеково достоинство.
Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, основана во 2012 година од неговото семејство, продолжува да делува на полето на „човекољубие и природољубие“, под слоганот „Инспирирај, мотивирај, создавај“!