Објавена книгата „Средби и разговори“ од Томислав Османли

Излезе од печат книгата интервјуа насловена „Средби и разговори со доајените на нашата уметност“. На повеќе од 150 страници текст книгата донесува шест опсежни интервјуи реализирани пред повеќе од 30 години со наши истакнати дејци, родоначалници на неколку области на уметничкото творештво: двајца актери, двајца сликари, еден филмски творец и еден истакнат резбар. Овие повеќечасовни разговори на авторот и новинар Томислав Османли, кои поради ограниченоста на новинскиот простор, биле делумно објавувани на цели страници во весникот „Нова Македонија“ под заедничкиот наслов „Средби со доајените“, а еден и во неделникот „Млад борец“, сега за прв се објавуваат целосно.  

Во занимливите искази на театарскиот ветеран уште од времето напатувачките трупи, и филмски првенец Петре Прличко, академскиот сликар педагог и академик Вангел Коџоман, големиот муралист и сликар Борко Лазески, нашиот најистакнат копаничар Славе Атанасоски-Крстанче, пионерот на македонскиот филмски документаризам и фотографија Благој Дрнков и доајенот на професионалната театарска сцена Тодорче Николовски, дефилираат возбудливи животи, пионерски придонеси, културно и национално клучни или барем бележити епизоди на соговорниците, но и бројни ликови како на значајни, така и на подзаборавени и денес малку познати личности со кои се вкрстувале животните врвици на шестмината творци…

Книгата „Средби и раговори“ е своевидна временска капсула, зашто низ изворна реч и сведоштва на шестмина од редот на нашите најзначајни уметници и дејци кои, одамна веќе, заминаа на онаа страна од македонскиот дел на културната вечност, се реконструира сликата на личниот ентусијазам, вриежот на историските времиња, пречките на кои наидувале низ своите животни врвици, анегдотите, ризичните, но и среќните игри на случаи, како и полетот со кој го пробивале патот на своите врвни уметнички кариери…

„Средби и разговори со дојените на нашата умтност“ е пријатно, но и возбудливо четиво какво што може да го напише животот во историскипремиња. Таа е сведоштво за тоа како личните кретивни постигања се вградувале во општата вредност на македонската национална култура во новоформираната државност и дел од културниот идентитет кој не престанува да трае.Книгата – која е издание на „Авант прес“ од Скопје чиј главен уредник е Горјан Лазаревски – ликовно и графички ја уреди Симе Шундуловски, лектурата која исцело внимаваше на изворниот говор и изрази на дамнешните соговорници, ја реализира Елизабета Конеска. На задната корица е фотографија на авторот Томислав Османли при еден од новинарските разговори застапени во книгата, снимена од водечкиот репортер на „Нова Македонија“, Живко Јаневски. Книгата со опсежните искази на шестмината културни дејци од основопложничката генерација е финансирана од буџетот на градот Скопје за 2021 година, а по конкурсот за дела од културата и уметноста од интерес на Градот. 

Од четврток, книгата „Средби и рговори“ ќе може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“ низ градот, како и на порталот „kupikniga.mk“ .