Што остави зад себе овогодинешното издание на BOOKSTAR?

Книжевноста е гранка која сплотува преку збор. Ја преселува културата преку граници, ја пакува помеѓу корици,  ги пренесува мислите и обичаите на земји во кои човечкото око сѐ уште не допрело, таа е пропаганда којашто истовремено се смета за најсветлиот извор на човечка мудрост, но се случувало, а и се’ уште се случува контроверзните содржини да бидат осудени како злосторства. Без разлика на сѐ, пишаниот збор ги бриши полните линии создадени за да ограничат , да ги забават генијалните умови да претекнат. Книжевноста беше единственото помагало кое во време на пандемијата не го измени својот дискурс, напротив, (о)стана емоционална и морална поддршка на луѓето кои се соочуваа со најтешките мигови од модерното време. Токму оваа чудотворна состојка, направи уште еден преседан, таков што ги урна сомнежите на многумина, на 12 октомври, во време на вакв невреме, ја собра европската книжевна елита во македонската метропола. 

Bookstar годинава беше волшебна мешавина од жанрови кои со меѓусебните интермедијални структури го обединуваат народот. Токму позадинскиот мотив на книжевноста, послужи да се обликува слоганот „Genresis“, генезата на жанрови. Фестивалот заврши, оставајќи зад себе длабока трага во спомените на лојалните и верни читатели кои добија можност да се запознаат и дружат со авторите и притоа да добијат автограми. Но и покрај тоа, Bookstar уште еднаш го потврди своето реноме, отстапувајќи простор на една мантра, поттурната и отуѓена од вртоглавото реално шоу во кое живееме, „потребата за квалитетна книжевност е еднаква на останатите општествени потреби, витален импулс помеѓу инстинктот и егзистенцијалниот каприц. “

Но што е тоа што зад себе го остави седмото издание на Bookstar? Здравата читачка навика.

Честа да го најави и отвори седмото фестивалско издание припадна на австриската писателка Катарина Винклер, која своето претставување на македонската јавност го оствари преку романот „Модар накит“. Излитено е да се каже дека романот ја освои јавноста, но затоа сосема оправдано дека Катарина отвори една солидно потиснувана проблематика, која по отпечатувањето ги собори сите рекорди. 

Насилството  врз жените било и сѐ уште е пандемија која нема да се искорени. Но дали секоја жена без разлика  на кои географски координати се наоѓа, ќе ги облече своите фармерки?Меѓу другото, Винклер создаде и добри метафори кои ја обележаа женската безгласност: модриот накит симбол на семејното насилство и фармерките- превојот од закржлавените средини каде се слави машката моќ во современите општества, каде жената е апсолутен господар на своето тело.  Но колку длабоко  е доволно да се навлезе во јадрото без притоа да се надразнат сетилата на засегнатите? 

  1. Жените синтаксички се своина, само тогаш кога се свои на своето.

Нашиот познат поeт Влада Урошевиќ, ја промовираше својата нова книга „Viola arsenica“. Урошевиќ од двете прави едно, навидум неспоивите атоми ги припитомува во својот стих, кохерентни и суптилни, стилски сонати на една реалност помешана со магиски реализам. Тој успешно ги зашива елементите во лирска крпеница која не се разликува од фабрички штеп. Но колку македонското творештво го задржува златниот и беспрекорен ков по кој Урошевиќ, Конески, Андреески, Поповски ги оформувале своите поетски остварувања? 

  1. Сонот го поплочува патот на реалноста, која попрво би ја сонувале отколку со боси нозе да ја живееме. 

Црногорскиот писател Огнен Спахиќ, со романот „Двете сонца“ доставува книжевен доказ таков што на обичниот смртник му покажува како од горкото минато може да се создаде естетика, естетика пријатна  за сечиј читателски рецептор. Обелоденувајќи го процесот на писателското соочување со општонародното наследство на социјализмот и неговите механизми, парадокс  на денешното помодарство, Спахиќ ја доловува дуалноста на инертните избори, кои или ќе го откријат сонцето на човекот или сенката.  

  1. „Сонцето е логичниот избор за човештвото, додека пак темнината неминовна прекривка за човек кој нема што да изгуби.“

Сјоновата потрага во романот „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“ е потрага по откопаната самодеструктивност, што напати се разлева низ телото како високосмртна жива. Нацистичкиот вирус кој го погодува Гунар е една очигледна метафора за фанатизмот и погрешно распоредени идеали. Пловењето во овие хазардни и забранети води, на Сјон му носи статус на автор свесен за човечката психологија, кој успешно жонглира со митологијата и фантастиката.

  1. Омразата е мореуз помеѓу љубовта и спознанието. Или ќе љубиш со предумисла или ќе се вљубиш доживотно. На оние плашливите им останува средината.

Во посредство на човечката темнина, Балсор Хоџа,  ги ѕида своите ликови од калта на еден повоен концепт, се’ уште користен во политиката како средство за превласт и пораз.Ваквите етнички кордони кои после отфрлањето на стереотипите е јасно дека биле изградени од материјата на нашата скудна и пресудна мисла се напластените слоеви.Неговите раскази не завршуваат по точката. Тие живеат во потсвеста заедно со секој обид да се вклучи стереотипот и предрасудата. Затоа овие раскази лесно би ги класифицирале како психо-активни.

  1. Војната е праисториски заговор и концепт кој ја ограничува бесконечната слобода на умот.

Со своите бестселери, белградскиот судија им пресуди на читателите. Неговите ликови се чиниџ се истите, толку сирово откинати од секојдневието, со кои се сретнуваме во маркет или се возиме во истиот автобус. Тој е овогодинешниот добитник на престижната награда “Bookstar”. Ваквото закитување е и повеќе од оправдано кога во обзир ќе се земат неговите “Деца на злото” и “Островот на пеликаните”. Мајиќ опишува со таков романескнен занес имплементиран во една реална, хорор урбанизирано ментеше, кое не може да избега од балканските стеги. Ваквата зборовна и стилска наковална ги поставува новите трендови за тоа каков вид на литература преферираат читателите на Балканот. Кралска мешавина од коцки историја и фелии грозоморство, секако со краен исход на длабоко наравоучение од кое запира здивот.

  1. „Потонатите бродови се подводни споменици за тоа како би изгледал животот без успешна навигација.”

Марина Вујиќ настапува со депресивен лик, во улога на скротено милениче, на своето десно рамо. Тој преку нејзините несврзани мисли го доловува патешествието и перипетијата на вдлабени комплекси, кои згаснуваат и се појавуваат како и догорче од цигара. Обиколката и магијата на ова циркуско шаренило од ликови го открива лицето на метрополата, пред оперативните зафати на Загреб, суров и удобен. Писателката ја постила подлогата на шаховска табла, и со својата дланка ги предводи оние махинални движења на почетничка среќа. Без застој, таа покажува дека колку и да се чувствуваме осамено на овој свет, ние имаме енергија да влијаеме на другите. И тоа, во никој случај не не’ прави осамени. Затоа што ни електронот не опстојува сам надвор од јадрото. Се напојува со силите на протонот и неутроните. А оваа раздвиженост е во суштина, постоењето на сиот универзум. На нас самите.

  1. „Нашиот хаос е лагуната на туѓиот немир. Неговиот немир ја поттикнува нејзината среќа. Емоциите се преплетени околности на повеќе мисли кои прераснале во целни дејствија.“

Кога „Часовничарот” го покажа вистинското време за творење, Михаела Гашпар имаше од каде да започне. Стравот и срамот како начелства, како запчени механизми кои се поклопуваат при долга и напорна работа… Во најновото остварување Гашпар го симболизира и ваја обичниот човек, кој зад својата фасада ги затскрива сите оние нагони на себичен и недоверлив, недоветен самотник, измамник, осуденик. Со неверојатна прецизност авторката ги издлабува и секцира празнините и тенките жили на еден книжевен брош, кој не се чита без телото да биде емоционално преоптоварено. Но овој роман и офтамолошки, делува на визијата која ја градиме за себе и својата иднина. Дали треба да се помине векот во целосна негација или да се прегрне секоја несовршеност? 

  1. Од сите страни на светот најудобно ни е кога цврсто стоиме на својата страна од приказната. “

Шведската дресерка на животни стории и судбини, Софија Лундберј, е авторка со чии дела ќе растат генерации, започнувајќи од тинејџерите со розеви очила до домаќинките кои воздивнуваат по спомените за првиот бакнеж. Нејзиниот стил е анаеробен затоа што делото опстојува благодарение на размената на мисловни процеси кај читателот, тој му ја дава потребната атмосфера да се развива и да избликне во правецот на просветлување. Независно дали ќе ја прочитате „Црвениот адресар“, „Прашалникот е половина срце“ или „Дабот е сѐ уште тука“, тие во суштина се дел од една арматура изградена од ентузијастите и оптимистите, луѓе кои сакаат да го романтизираат постоењето. Наместо да нафрлува слоеви и слоеви комплицирани заплети, Лундберј поаѓа од точката дека делото треба да биде секому допадливо, затоа нејзиниот лавиринт на паралелни приказни е навидум праволиниски. Она што сепак го закривува и дава тежина се емоционалните превирања на ликовите согласно со чувствата кои се будат кај истражувачите на нејзините романи. 

  1. На самиот крај, подобро е животот да биде боенка во која сме излегувале од линијата,  отколку педантно зачувани, но полупразни страници во истата. Понекогаш раката е погласна од јазикот. 

Пишува: Јована Матевска Атанасова