Швајцарско-хрватската драма „Маре“ во скопска Кинотека
Во скопска Кинотека вечерва и утревечер од 18 часот се прикажува швајцарско-хрватската драма „Маре“ во режија на Андреа Штака. Во главната улога е хрватската актерка Марија Шкаричиќ, која ги освои наградите за најдобра актерка на филмските фестивали во Сараево и во Пула, а авторката Штака имаше три номинации за националните филмски награди на Швајцарија, нејзината родна земја. Играат и Горан Навојец, Матеуш Кошчукиевич, Мирјана Карановиќ, Ивана Рошчиќ.
Рутински, но со посветеност, Маре го води скромното домаќинство на своето мало семејство во Конавле, покрај аеродромот Ќилипи крај Дубровник, иако новата машина за перење не е единственото што недостасува. Со сопругот Ѓуро имаат три деца и навидум складен брак. Но, Маре е незадоволна жена, маж ѝ боледува од пострауматски воен синдром, децата се во бурен пубертет. Маре е невработена и зависи од примањата на сопругот. Кога случајна средба ќе го разгори нејзиното либидо, таа не се воздржува долго. Во соседната куќа се доселува Пјотр, градежен работник од Полска, и Маре ќе се впушти во сексуална врска со него, без обврски. Но, дали токму без никакви обврски? Нејзиното секојдневие се менува и Маре сè повеќе ја запознава непознатата жена во себе…
Дистрибутер за Македонија е Катавеј, а дистрибуцијата на филмот е овозможена од швајцарската федерална влада и „Свис филмс“.