За турбулентните случувања во „Убиствата на пеперутката“

„Убиствата на пеперутката“ е првенче на младата и надежна авторка Теодора Ристевска Даскалоски, на која со сигурност ѝ се насмевнува плодна и успешна писателска кариера. Со самото навлегување во овој крими-роман знаев дека возбудата ќе ми расте, напнатоста е присутна додека се вртат страниците, а турбулентните случувања даваат таква длабочина што носат до вртоглави мистериозни и тензични убиства.

Приказната започнува со главната протагонистка Аби, која е енергична и вешта, креатор на колумни за модни трендови, но недоволно платена како новинарка во малиот весник „Лос Анџелес хроникалс“. Иако повеќето сметаат дека тоа е работа од соништата, да се пишува за најновата марама од „Зара“, светкавите здолништа и свилени кошули, на Аби интересот ѝ е привлечен токму од мрачната страна, исто како што молецот го привлекува светлината, која не секогаш знае да биде гостопримлива.

Така Аби заработува отказ од малиот нереномиран весник, кој сепак ги покриваше нејзините месечни трошоци, но таа не застанува, се чини како отказот да не ја деморализира, контрастно на тоа останува храбра, ведра и упорна. Во целиот тој хаос таа го има оној што никогаш нема да ја остави сама, оној за кого вреди да се бори и понатаму, највредното нешто – својот помал брат Даниел, ѕвезда во подем, ѕвезда на реални шоуа, рефлектори, камера, акција, тоа е Даниел. Гламурозни забави, познати личности, опојниот, сладок, заводлив мирис на Холивуд. 

Аби како детектив аматер продолжува да се впушта во истражувачки цели, детално навлегува во досиејата за случаите на убиствата на пеперутката, кои се прецизно изведени и ја тресат земјата подолго време, но никој не успева да му влезе во трага на убиецот. Постојат жртви што се умешно избирани, тие се членови на поширокото семејство Хигинс, трета, четврта, петта генерација подалеку од главното семејство. Моќен клан што ги контролира и полицијата и медиумите.

Кога Аби решава да се смири со поранешната најдобра пријателка Зија Хигинс, работите почнуваат да се преплетуваат, опасноста веќе почнува да демне сѐ поблиску и поблиску.

Еден коверт ќе го промени нивниот живот, покана за „Оскарите“, најгламурозниот настан што го следи цел свет, но поканата, ни помалку ни повеќе, пристигнува токму од ладнокрвниот убиец со пеперутката!

Зошто убиецот бара да се сретнат на тој спектакуларен настан преполн со луѓе што не гледаат ништо наоколу освен фотоапаратите и свеста им се сведува на рутинските позирања и насмевки?  Дали Аби заедно со Зија оди кон својата пропаст? Колку опасно може да биде кога ќе дознаеш нешто што не си смеел? 

Писателката солидно ги доловува ликовите, ништо обемно и ситничаво до детаљ. Динамична книга, лесна и брза за читање, со многубројни пресврти што нема да ве разочараат. Кога ќе помислите дека е готово… знаете, пеперутките никогаш не исчезнуваат, и покрај тоа што нивниот животен век е краток, секогаш има некоја следна додека не биде фатена и обележана, недопирлива, совршена во инсектариумот.

Ангела Божиновска