Сашо Поповски трио и Џијан Емин со фантастичен настап во Аудиокултура

Различно, урбано, топло, фантастично …

Ова се само дел од епитетите со кои можеме да го опишеме настапот во живо на Сашо Поповски трио и Џијан Емин во Аудиокултура, а пак да не сме ни малку блиску до вистинското музичко и звуковно искуство во кое уживавме.

Овој музички состав преку одличен репертоар презентираше перформансот од кој доминира искуство, љубов и насушна посветеност на музиката и публиката, кои во потполност се слеваат со сè она на што навикнавме кога е во прашање Аудиокултура и високото ниво на урбана култура, стил, музика и совршен звук кои се испорачуваат оттука.

Поповски со своето трио, годината која помина ја бележи како исклучително успешна. Неговиот петти албум „Fallen lend“ беше промовиран не само кај нас туку и ширум регионот и Европа. Во меѓувреме, пандемските ограничувања очигледно создадоа простор за творење и го забрза завршувањето на неговиот шести албум „Steps“ чие појавување со нетрпение се очекува од сите оние кои непрестајно трагаат по нови парчиња од џез ритми.

Од друга страна, уникатната музичка перцепција која Џијан Емин ја живее и преку која креира неодолива звучна естетика, внесува посебност каде и да се појави, ставајќи не во кругот на привилегираните кои добиле можност да бидат понесени од магијата на музика.

Скалило погоре кон возвишено доживување и на оваа звуковна авантура не однесе teoharov audio, преку чии системи се реализира звучната репродукција на секој од настаните „Live at Audiokultura“. Магичен е влезот во Hi-End светот на teoharov. Тука врвната наука има звуковна форма преку која распостила моќ на привлекување на која никој не останал имун. Оној отспротива едноставно се препушта во зона без лимити, напати пресметливо, но најчесто спонтано, импулсивно и безрезервно.

„Live at Audiokultura“ е концепт на кој генерален покровител е Комерцијална банка, а Винарија Камник и Теохаров аудио се официјални поддржувачи. Непретенциозно и ненаметливо, тука се за да покажат својата припадност и учество во нешто што има фантастичен импакт на културно и општествено ниво.

Текст: Бон&Бона