Вечер во знакот на романсата – “Наша вечер” со Иван Босиљчиќ
Вчеравечер во интимна атмосфера и на огромна радост на публиката Иван Босиљчиќ го истовари својот музичко-поетски перформанс на сцената на Центар за култура во Битола. Големата сала која слушнала врвни интерпретации исшепотени од големи театарски и музички имиња , дишеше во такт на љубовни мелоси, зачинети со рецитал и едни од најубавите југословенски и цигански романси.
„Караванот поминува кучињата лаат“ рекол некој некогаш, но еуфоријата после ваква предосмомартовска вечер, наша вечер, тешко дека ќе помине во заборав дури и откако музичкиот караван ќе го продолжи својот пат на север, кон Република Србија.
Публиката не остана рамнодушна и постојано балансираше следејќи ја страста и глумата на Босиљчиќ, неговата спонтаност и сраснатост под рефлекторите, пеејќи ги во еден глас хитовите на македонски, српски, шпански, ромски и руски. Неговите рецитали беа увертира кон експлозивна музичка изведба од која потреперуваа не само звучните мембрани туку и срцата на слушателите при што секоја изведба беше учтиво прекината со бурен аплауз. Потем беше забележлива и среќата на лицата на придружните музичари кога на сцената беа наградени со грмовитоста на публиката, особено при секое соло претставување.
Од исток до југ, па малку на запад, од војна до мир, овој времеплов ја врати публиката во времето на убавините, на безгрижноста, на љубовта како главна девиза која отвораше врати и заведуваше, кога еден стих бил и здив и виталност, кога војните се виткале како пластични цевки пред жештината и желбата да се преживее фронтот за да се почувствува радоста на топлото огниште, да се прегрне љубената жена.
Низ грлото на Босиљчиќ беа отпеани акордите на Арсен Дедиќ, на Ал Дино, на Влатко Стефановски, на Oџила, како и светски познатата руска романса „Очи чёрные“, севдалинката „Жуте дуње“, и gypsy феноменот на шпанска гитара „Un amor“, но и стиховите на Апостол Павле, на поетските великани како Константин Симонов, Есенин, или Бодлер.
Сепак публиката го почувствува сензибилитетот, но и моќта на трансформацијата на овој актер/музичар со перформансот на песната „Две тишини“ од Анте Поповски која пасажно се спои со „Тајно моја“, една од најубавите македонски балади отпеана некогаш, песна на македонскиот непребол Тоше Проески. Сепак најголемо изненадување за битолската публика беше антологиската “Ако одам во Битола”, што предизвика своевиден занес и носталгија за убавите, боемски времиња.
Мултиталентираниот балкански миленик го одрасна митот и докажа дека глумците и тоа како знаат да пеат со секој дел од своето тело, да ја анимираат публиката, да се постават на сцената хипнотизирајќи ја публиката со моќта на уметноста, која како што и во самиот перформанс беше кажано, некогаш, во некои мрачни векови, била забранета. Но за оваа магија да биде целосна помогнаа и двајцата виртуози на гитара- композиторот Горан Ковачиќ, мајсторот на фадо гитара Зоран Стојановиќ, следени од волшебниот ЕКГ ритам на тапанарот Марко Калабиќ.
Вечерта заврши како што започна со молитва, „Молитва“ на познатиот Булат Окуџава, грузиско-советски поет, познат како основач на гитарската песна.
“Господи, Боже мој, зеленооки мој,
додека се врти земјава,
и сама му се чуди на тоа,
додека не ѝ недостига,
време и оган,
дај им на сите по малку,
но и на мене сети се.”
„Молитва на Франсоа Вијон“
Автор: Јована Матевска Атанасова