Нова изложба на македонскиот стрип во странство

Во организација на домот на културата Ѓаково. Србија и Клубот на љубители на стрипот Сомбор во среда, 05.07.2023 година, со почеток во 19:00 часот официјално ќе се отвори изложбата „Современи македонски стрип автори“ што ќе се одржи во Домот на културата на Ѓаково.

Приредувач и селектор на изложбата е Томе Трајков програм координатор на Стрип Центар на Македонија-Велес а изложбата е поставена во рамки на 8. Интернационален фестивал на стрипови и фантазија во Сомбор, кој е поддржан преку проектот „Култура за демократија“ на швајцарската влада и имплементиран од Фондацијата Heartefact, како и од страна на Градот Сомбор.

На изложбата ќе има над 40 стрип табли изработени од стрип автори од Северна Македонија, од различни жанрови, со што посетителите ќе имаат можност да се запознаат со сè што е моментално најактуелно на македонската стрип сцена.

Како што појасни Томе Трајков, се работи за истата поставка која беше изложена за време на 8. Интернационален фестивал на стрипови и фантазија во Сомбор, на којшто и самиот присуствуваше. Застапени се стрип артисти ширум Македонија: Ангела Петрушевска – Скопје, Дамјан Шокев-Скопје, Дарко Богданов-Виница, Ѓургица Варела-Гевгелија, Илко Стојановски – Велес, Јана Бутеска – Скопје, Лазар Ангелков-Велес, Максим Ристески-Скопје, Методија Стојановски-Куманово, Оливер Цветковски – Велес, Славица Купенкова-Скопје, Тоде Блажевски – Скопје и Цанко Стефанов од Демир Капија.

Како сценаристи на повеќето од делата се застапени: Александар Стеванов од Штип, Ване Трајков и Ѓоре Гелев од Велес, како и Александра Ристески и Војдан Андонов од Скопје.

Во дизајнот на плакатот за оваа изложба учествуваше Методија Стојановски од Куманово.

Треба на крај да се спомене дека ќе се организираат уште две вакви изложби во организација на Клубот на љубители на стрипот Сомбор. Србија. Исто така, меѓународната соработка на Стрип центарот на Македонија ќе се прошири преку нови проекти, за што македонската стрип јавност ќе биде скоро информирана.