Самостојна изложба на Марија Мицова Гацова во Њујорк

Во Галерија МЦ  во Њујорк е  отворена мултимедијалната изложба на авторката Марија Мицова Гацова насловена „Дата база“. Преку користење на различни материјали и медиуми е претставено визуелното истражување на релацијата со предците и своевидно растајнување и раслојување на напластената содржина на заробената меморија. Претходно изрaзувајки се преку цртежи, со оваа поставка авторката ги опросторува своите идеи,  допирајќи до слоевитостите на нејзината лична и посредувана меморија. Изложбата е составена од инсталација, цртежи, принтови и видео. Делата се од нејзината магистерска изложба под менторство на професорот Станко Павлески.

Марија Мицова Гацова е мултимедијален уметник. Средно образование завршила во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“  во Скопје.

Дипломирала  на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин. Постдипломски студии  завршила 2022 год. на истиот факултет  на одделот вајарство под менторство на проф. Станко Павлески.

Учесник е на повеќе групни изложби, манифестации и ликовни колонии во земјава и странство. Има реализирано самостојни изложби и  едукативни работилници во соработка со НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија,  добитник е на три национални награди за цртеж.  Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.