Две награди за претставата „Ричард трети“ на Дејан Пројковски на фестивал во Унгарија

На 35. издание на Фестивалот на унгарски театри кој се одржува во Кишварди, претставата на Новосадскиот театар Újvidéki, „Ричард трети“ во режија на Дејан Пројковски доби две награди и тоа: Гран при, најдобра претстава во целина и наградата за најдобра машка улога која му беше доделена на актерот Арпад Месарош за толкувањето на ликот на Ричард.

Наградите ги доделува Министерството за култура и иновации на Унгарија. Жирито во своето образложение истакна: „Актерската екипа ја гради играта околу насловниот лик во изедначен стил и со колективна енергија. Визуелниот свет и музиката создаваат впечаток за епоха што ја ослободува целата човечка невоздржаност.

Во останатите улоги во претставата „Ричард трети“ се појавуваат: Габриела Црнковиќ, Ливиа Банка, Атила Немет и други. Тука е и Олга Панго, која беше задолжена за сценското движење во претставата. Сценографијата е на Валентин и Сергеј Светозареви, а музиката на Горан Трајкоски.

„Ричард Трети“ секогаш поставува големо прашање за политичките системи и државните системи. Денес ја отвора и темата што е тоа демократија и дали тоа е најдобриот систем што можевме да го замислиме или е најдобар затоа што не можевме да измислиме подобар или посовршен.

Пројковски, кој е еден од најуспешните режисери во регионот, ја потпишува режијата и на претставите „Ана Карењина“ во Нови Сад, „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург, „Инферно“ во Велешки театар и други.

Претставата „Ричард трети“ претходно ја доби наградата за најдобра театарска режија – за цела театарска сезона во Србија, според Belgrade Edt Culture, блог за култура, беше апсолутен победник на театарскиот фестивал во Младеновац, и ги доби наградите за најдобра претстава и од жирито и од публиката.

„Ричард трети“ беше изведена и во Печ во рамките на 10. издание на Светската театарска олимпијада која оваа година се одржуваше во Унгарија. Спонзори на фестивалот во Кишварди беа Министерството за култура и иновации, Националниот културен фонд, општина Кишварди, 10-тата театарска олимпијада и програмата Дерине. Во 2024 година, 36. Фестивал на унгарски театри ќе се одржи од 24-ти до 30-ти јуни.