Драмски театар со премиерата на претставата „Фирма“ го отвора Фестувалот РУТА од 03 до 08  октомври

Второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА на 03 октомври ќе се отвори со премиерата на домаќинот Драмски театар Скопје.  

Со претставата „ФИРМА“ во режија на Нела Витошевиќ на текст на авторот Роланд Шимелфенинг започнува со реализација програмата на годинашново издание на фестивалот РУТА во Драмски театар од  3 до 8 октомври.

Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст им ги додели на актерската екипа: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, а изборот на музиката на Нела Витошевиќ

Режисерката Нела Витошевиќ во најавата за новата претстава пишува дека Роланд Шимелфениг е еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори. Поради тематската актуелност „Фирма“ (Push Up 1-3) авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескрупулозната борба на индивидуата која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство се случува во ИТ-корпорација. Во тоа „застрашувачко“ опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата. Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерие за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во нивните големи празни станови, асоцијативни за нивната духовна и социјална празнина.

Претставата „Фирма“ е на редовен репертоар веќе на 13ти и 14ти октомври.

По свеченото отворање на фестивалот со премиерата на Драмски театар, на 04 октомври (среда) македонската публика ќе го проследи „Декамерон“ – на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.

„Нора“ е претставата на Местно гледалишче Љубљана, Р. Словенија што ќе се игра на 05. октомври (четврток) 2023 година. Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ.

На програмата на четвртиот фестивалски ден на 06 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево. Режија: Дино Мустафиќ Автор: Флоријан Зелер.

Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ во сабота на 07 октомври во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.

Со претставата „Отело“ театарот Улисис од Р. Хрватска го затвора фестивалот РУТА во недела на 08 октомври. Режијата и е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите освен на актерите на Улисис е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево.

Драмски театар Скопје ја отвара театарската сезона со шеснаесеттата по ред Рута на која македонската публика  ја има ексклузивната можност да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион.

Поради големиот интерес на публиката од Драмски театар Скопје информираат дека се пуштени во продажба поединечните и блок билетите за фестивалот. Број на билетарницата на Драмски театар Скопје е 076434343 каде може да се резервираат билетите.