Гран при на 12.издание на Битолино за претставата од Кипар

Наградата Гран При за најдобра претстава во целина, жири комисијата на 12.издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ , ја додели на претставата „Мирно! Статуата што го обиколи светот“, во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи, а во продукција на театарската група STILL! од Кипар .

Оваа година публиката имаше можност да погледне 12 претстави од 10 театри од 9 земји од светот. Фестивалот имаше 100 учесници и над 2100 посетители.

Битолино кој оваа година се одржуваше под мотото „Следи ја светлината“, започна со театарската работилница „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, а покрај наградената претстава тука беа и : претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов, во изведба на македонскиот професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“ ; претставата „Срце во темнината“ во режија на Тања Лужар, во изведба на „Куклениот театар Марибор“ од Словенија; „Мил Рострос“ театарот од Мексико ја изведе куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата-мјузикл „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од далечниот Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир. На 12-то издание на ИДТФ Битолино настапи групата од Грција, „Хипо“, кои ја изведоа претставата „Скитници“ во режија на Александрос Раптис, Фотис Доусос; тука беше о претставата „Под половина капка вода“ од Србија во продукција на „Станица – сервис за современ танц“, во режија на Јована Ракиќ Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ . Претставата „Каде е Фофо?“ авторскиот проект на победничката на 5-то издание на ИДТФ Битолино Рути Тамир од Израел беше дел од Битолино, како и копродукцискиот проект на Куклената организација која навистина ни треба – LOFT и Уметничка организација CLOU од Хрватска, претставата “Лила” во режија на Морана Доленц .

Членовите на детската театарска школа Бабец, ја изведоа претставата „Сомнително лице“ во режија на Јулијана Мирчевска.

Претставите оваа година  секоја на свој начин го доближија театарот до децата преку: иновативното користење на просторот и начинот да се раскаже приказна за моралните вредности, потоа прекрасно визуелно доживување со употреба на нови технологии зборувајќи на теми за кои не секогаш се зборува, како аутизмот на пример, емотивна приказна со употреба на кукли или традиционална приказна со прекрасна музика и песни, потоа интерактивна претстава за подигнување на свеста за околината, екологијата и бездомните кучиња, исто така скоро хипнотичка интерактивна претстава која на непретенциозен начин го доближува современиот танц до децата, перфектна актерска изведба која преку пантомима раскажува интересна приказна и претстава за секогаш интересниот свет на кловновите кој има моќ да не однесе од другата страна на виножитото.

Жири комисијата оваа година беше во состав на тројца врвни уметници, основачи на новото здружение на детски театри – Македонски национален центар АСИТЕЖ: Благој Мицевски, Игор Ивковиќ и Миодраг Неќак.

„ Многу тешко е од сите наведени претстави да се избере најдобра, затоа што на овај или онај начин сите го заслужуваат тој епитет.Сепак, една претстава која ги содржи сите елементи во себе, некако ја олесна нашата работа, почнувајки од извонредната идеја и приказна, перфектната режија и кореографија, извонредните актерски изведби, во живо изведената музика , сценографијата костимите и посебно видео дизајнот што постојано создаваа магија на сцена, успеа да создадат претстава спектакл, каков што до сега не сме виделе. Со интернационален измислен јазик ги освои срцата на публиката и гласовите на жириото. Сигурно погодувате дека станува збор за претставата Мирно,статуата што го обиколи светот на гостите од Кипар.

Со други зборови она што е добра претстава добра е за сите возрасти. Во мое име и името на уште двата членови на жирито ви благодарам за довербата и се гледаме идната година“, ни изјави претседателот на жирито, костимографот Благој Мицевски.

Тој се заблагодари до организаторите.

„ Би сакал веднаш да им се заблагодарам на Јулијана и Васко и организаторот Бабец Театар како и на сите што помогнаа фестивалот да се одржи и што го донесоа светот во Битола. На вас драга публико, за огромната поддршка и интерактивност, со што уште еднаш докажавте колку многу на Битола му недостасува простор за детски театар и претстави за деца, затоа што така се создава нашата идна публика“.

Наградата на гостите од Кипар ќе им биде врачена на состанокот на асоцијацијата на театри за деца Аситеж на состанокот во Белград во Ноември.

Фестивалот се одржа на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција се одржаа на сцената на НУ Народен театар Битола.

ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно беше проект од национален интерес во културата за 2023 финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2023 и составен дел од програмата на Битфест 2023.

Бабец театарот, во рамките на фестивалот го одбележа својот 13-ти роденден.