Се е подготвено за 12.издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Оваа година од 03.08 до 07.08 во Битола ќе се одржи 12то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ под мотото „Следи ја светлината“. Фестивалот ќе се одржи на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настанатите надвор од натпреварувачката конкуренција ќе се одржат на сцената на НУ Народен театар Битола. ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно е проект од национален интерес во културата за 2023 финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2023 и составен дел од програмата на Битфест 2023.

„Бабец театар“ и покрај економската и идентитетската криза во театарот ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред сé ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои ќе отворат нови полиња за размислување кај децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот оваа година за прв пат пријавени се повеќе од 30 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и е исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и ИДТФ „Битолино“, ни изјави Васко Мавровски директор на ИДТФ Битолино.

Брендот „Бабец театар“ кој цели 13 години успеа да опстане како професионален детски театар со 21 премиера и над 59.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (14.600) имаше можност да погледне 73 претстави од 40 театри кои во Битола допатуваа од 26 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и како што ни изјавија ќе направат се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Бабец театар оваа година на сопствена иницијатива заедно со НУ Театар за деца и младинци од Скопје го формираа Македонскиот национален центар АСИТЕЖ кој на ова издание на ИДТФ „Битолино“ ќе ја започне својата мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца преку одржување на неколку состаноци и дебати со театарските работници.

„Свесни сме дека нема да биде лесно, но наш единствен адут е квалитетот кој многупати сме го потврдиле, еден пример за тоа е освоената награда за најдобра женска улога на актерката Јулијана Мирчевска за улогата на Марика во претставата „Јованче и Марика“ во продукција на „Бабец театар“ на 1от Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на НУ „Театар за деца и младинци“ од Скопје. За четрнаесеттата сезона на „Бабец театар“ најавуваме две премиери „Сонувачи“ работена според најубавите бајки на Браќата Грим и претставата „На гости кај Кат и Фред“ од германската авторка за деца Ингрид Вон Задов“, додава Мавровски.

Битолино оваа година започнува на 3.08 со театарска работилница со наслов „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, со што ја продолжуваат традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто.

На Новата сцена – НУ Центар за култура Битола честа први да настапат на дванаесеттото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на првиот македонски професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“ кои ќе настапат со претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов.

После нив на Големата сцена на НУ Центар за култура Битола  ќе настапат „Куклен театар Марибор“ од Словенија со „Срце во темнината“ во режија наТања Лужар.

Следните денови на Битолино гостуваат: „Мил Рострос“ театарот од Мексико со куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата за деца „Mирно! статуата што го обиколи светот“во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи и во изведба на гостите од Кипар.

Третиот фестивалски ден ќе започне со претставата-мјузиклот „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од далечниот Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир, потоа следува уште една изведба на куклената претстава „Малиот џин“ во режија Ним Гардуњо и во изведба на „Мил Рострос“ театарот од Мексико. На 12то издание на ИДТФ Битолино за прв пат ќе настапи група од Грција, станува збор за Театарската група „Хипо“. Тие ќе ја изведат претставата „Скитници“ на 6-ти август, во режија на Александрос Раптис, Фотис Доусос .

Втората претстава на четвртиот фестивалски ден „Под половина капка вода“ доаѓа од Србија во продукција на „Станица – сервис за современ танц“. Претставата е во режија на Јована Ракиќ Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ .

Последната претстава за овој фестивалски ден ќе биде „Каде е Фофо?“ авторски проект на победничката на 5то издание на ИДТФ Битолино Рути Тамир од Израел.

Поради ограничениот број на гледачи и идејата претставата да биде достапна за што повеќе деца, последниот фестивалски ден ќе започне со претставата во продукција на „Станица – сервис за современ танц“ од Србија.

Последната претстава за ова издание на ИДТФ „Битолино“ ќе биде копродукцискиот проект на Куклената организација која навистина ни треба – LOFT и Уметничка организација CLOU од Хрватска. Се работи за претставата “Лила”
режија: Морана Доленц .

После долга пауза од седум години на 12то издание на ИДТФ „Битолино“ повторно ќе биде доделена наградата „Гран При за најдобра претстава во целина“. За наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници основачи на новото здружение на детски театри – Македонски национален центар АСИТЕЖ.
Претседател на жири комисијата ќе биде Благој Мицевски, режисер и костимограф, а покрај него како членови на жири комисијата се: Игор Ивковиќ, театарски режисер и Миодраг Неќак, композитор.

За успешна реализација на фестивалот со своите капацитети ќе помогнат НУ Центар за култура Битола и НУ Народен театар Битола.  ИДТФ „Битолино“ финансиски е поддржан од Комерцијална банка АД Скопје, а потпомогнат од Туристичките агенции Орбита и С-Травел од Битола.

Логистичката поддршка за фестивалот е од новоформираниот Македонски национален центар на детски театри АСИТЕЖ, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.