Корчагинци преку хуманитарна претстава ќе собираат финансиски средства за лекување на соученик

Токму на празникот Вера, Надеж и Љубов учениците од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ повторно во хуманитарна мисија ќе го одиграат авторскиот театарски спектакл „Чекајќи го…” посветен на лекувањето на нивниот соученик Марко!

Марко Здравевски (25) е поранешен ученик на гимназијата „Корчагин“, кој е на лекување во Париз, па за таа цел итно му се потребни финансиски средства за продолжен третман. Марко се лекува од канцер на клиниката „Rafael Instituten Hartmwn“.

На 30 септември со почеток во 20 часот, Македонскиот народен театар повторно ќе ги отвори театарските порти за аплаузи од вкупно 529 хумани срца, колку што има седишта во салата.

„Ги повикуваме сите добри и хумани луѓе да уживаат во изведбата на претставата и истовремено да донираат за спас на младиот човечки живот да може да го продолжи својот пат.“ – вели Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во „Корчагин“.

Билетите се во продажба на билетарницата на МНТ по цена од 500 денари, како и онлајн. Од гимназијата ги повикуваат сите организации, компании, агенции, конзуларни претставништва, фирми и колективи, групно или поединечно, да се придружат во оваа хумана акција со слоганот #ијассуммарко!