„Улаф сте?“-Вонредна театарска седница за емпатијата

Да се биде пионер во некое поле, особено во нашата држава, е благородна, но исто така и трнлива мисија. Јован Ристовски веќе во два наврати (иако повеќе се) покажа на публиката нешто извонредно, кое колку и да изгледа тешко да биде сработено е сработено со многу љубов и кроено да ги скрши нормите одвнатре, со тупаницата на отпорот, на онаа, не толку физичка колку карактерна особина да се пркоси на однапред зададената навигација. Да се создаде претстава на знаковен јазик, кој воедно, нема стандардизација е проект што опфаќа нескромен курикулум на вештини, на амбиција и истрајност, да се остане на столчето кое незаинтересираните инстанци и структури постојано го туркаат.

Со заводливата козметика на театарската уметност, каде зборот е многуаголно сетило сепак одземено за еден дел од националната социјала, една клетка што се обидува да преживее во свет во чии рамки можностите не се исто отворени за сите, „Улаф сте“ ги доближува општествените проблеми со кои се соочуваат глувонемите луѓе, предрасудите, па и иронично е да се каже, глувоста на институциите за нивната благосостојба. Дали од горко искуство или од несебична причина да ја покрене свеста кај луѓето за овие маргини кои често се изоставани или затскривани во фусноти со најмал фонт, режисерското дефиле на Ристовски ги соборува и симпатиите на докажаната публика, но отвора места и за нова, досега непостоечка публика во театрите.

Колку е важен културниот аспект за една индивидуа да се гради и доградува, да се растегнува со своите капацитети? Зошто младите заминуваат, е прашање од национален интерес, кое претставува хендикеп предизвикан од индиферентната бирократизација. Претставата е предизвик за двете страни, двојазичноста што така жестоко е нагласувана и политизирана во државата, сега станува и анекс кон една друга двојазичност, знаковниот јазик во симбиоза со мајчиниот за чија опстојба и прогрес малкумина подигнале иницијатива.

Ангажираноста на актерите, нивниот спој на гестикулација и артикулација на споредните аспекти од знаковниот јазик, мотивацијата и сентименталноста што дури ни најдобрата проекција, па и маска, не успеваше да ја прикрие, своевиден драмски феномен на Стокхолмски синдром, кога актерот е (об)земен од љубов кон делото што духовно го грабнало.

Можеби најзабележителна беше улогата на Наталија Ристеска, за која, верувам, многумина во публиката претпоставуваа сѐ до самиот крај на претставата дека е глувонемо лице, што е индикатор на тоа колку беспрекорно ја одработила својата улога во висина на задачата. Хуморот и иронијата, сериозноста и сарказмот, сѐ се тоа спротивставени сили кои силиконски го прилепуваа делото да создадат фрагментирана претстава , со брзоплетиот и отворено портетиран Дамјан на младиот Танчевски што логороично зборуваше сѐ до пукање на секоја жила во телото, со бизнисменот што комичното во Пројчевски го стави на тапет да ја забавува и згадува публиката со малициозноста, дволичната Лела и актерката Стефановска со убедливо одглумена извиличеност, на елегантниот спој на раскажувач, предводник и преведувач на Андоновска-Илијевски и поттикнувачкиот, фуриозен пристап на карактерот на Грибовска.

Картонските кутии на сцената како скудна, но доволно гласна сценографија, која гледачот би можел да ја толкува и како алегорија за животот што има капацитет да собере толку многу, што служи да се преселат спомени и трауми, но е ранлив и непостојан, недоволно траен спроводник штом дојде до допир со водата, со влагата, со природните куриозитети токму како и картонското, мукавото во човекот.

За целокупниот амбиент на сцената придонесоа и останатите соработници, драматурзите Билјана Крајчевска и Весна Куслеска, грижата за костимографијата ѝ припадна на Марта Дојчиновска, за сценографијата беше задолжен Стефан Малбашиќ, толкувачи на знаковен јазик беа Катерина Шаркоска и Елизабета Георгиева, како и соработникот, воедно и сопственик на првото кафуле во Македонија каде може да нарачате користејќи знаковен јазик, Мартин Ангелов.

Крајно, останува неодговорено прашањето колку сме солидарни, во каков свет ги осудуваме да живеат лицата со оштетен слух и говор, дали ние како индивидуи можеме да изградиме мост без помош на сензорно депривираната владеачка комора, да им помогнеме на сите обесправени да преминат на безбедната страна на брегот, каде со емпатија и доверба ќе се ре-создаде општеството во помек и похуман облик од досегашниот.

Како да се помогне без ветувања, ветувања, ветувања, без зборови, зборови, зборови, без ехото од прастара надеж, навремено, пред празната воденица да се преполни и да ги поплави тие кои не се доволно гласни самостојно да повикаат помош?

Пишува: Јована Матевска Атанасова