Изложба на Жанета Гелевска Велјаноска во Загреб

Изминатиот вторник, во Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, Хрватска, беше отворена изложбата на уметницата Жанета Гелевска Велјаноска насловена „Јас се уште верувам дека можам да летам„.

Изложбата беше во организација на КИЦ – Загреб и здружението Добредојде “Macedonia Welcome Centre”, а со поддршка од Министерството за култура и е надоврзување на изложбата од 2018 година во Галеријата Акантус, со наслов „Јас верувам дека можам да летам„. Жанета на оваа изложба се претстави со 37 дела создадени од 2018 па до денес.

  • „Мистеријата на играта поседува сопствен простор и сопствено време, па така користејќи го реалното време и простор Жанета Гелевска Вељановска нѐ носи во имагинарен свет на други простори, кои имаат бесконечно многу приказни, создадени со внимателно промислување на фантазијата. Нејзината имагинација заводливо ве обзема, гледате, си замислувате, ве насмевнува и како во детска игра продолжувате нејзините мисли да ги вградувате во своите. Тоа би била можеби желбата на секој уметник, поврзаноста со внатрешниот свет да ја евоцира на самото платно. Слободата на творештвото, слободата на мислата и љубовта, ја создава моќта на возвишеноста на оној слободен лет а тоа е моќта на уметноста со која Жани ја зацврстува вербата во летањето„ – ќе напише Дијана Томиќ, ликовен уметник и куратор во каталогот на изложбата. 

Инаку Жанета дипломирала на факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1989 година во класата на професор Ана Темкова и е член на ДЛУМ од истата година.

Реализирала повеќе од 40 самостојни и учествувала на бројни групни изложби во Македонија, Европа и САД. Значајно е нејзиното учество во уметнички проекти и сликарски колонии а нејзините дела се наоѓаат во многу приватни и јавни збирки.

Од 2000 година живее и твори во Лондон како слободен уметник и е на постојана релација Лондон Скопје и обратно.

Жанета е еден од основачите на здружението Добредојде “Macedonia Welcome Centre” кое работи во сферата на културната дипломатија, поточно промоција на нашата земја преку нејзината култура и традиција.

  • Искрено се радувам на секоја нова можност за претставување на мојата уметност. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите кои овозможија изложбата да се случи пред загребската публика. Најчесто избегнувам да зборувам и оставам моите дела да говорат и притоа секој од публиката да си ги доживее на свој начин. Навистина сум задоволна од посетеноста, од севкупната организација и секако од реакциите и коментарите кои ги добив на самата изложба – ни изјави уметницата Жанета.