“Club Zero”- Менталниот метаболизам на генерацијата Z
Како дел од овогодишната програма на Интернационалниот Фестивал ” Браќа Манаки” во главната трка за наградата “Камера 300” се најде и интернационално ко-продуцираниот филм “Club Zero” во режија на Џесика Хауснер и камера на Мартин Гшлахт. Во главните улоги играат Миа Васикова, Матју Дему, Елса Зилберштајн.
Филм кој по својата структура и бизарност, подредена под тензична и тиранска дисциплина и стерилна атмосфера е пресек помеѓу “The Stepford Wives”, “The Menu” и “Triangle of Sadness”. “Club Zero” носи свежина, но и анемичност кај гледачот, со својата претерано формална и роботска хигиена на гладување, на едно извитоперено општество во кое храната се гледа како да е окно на престижот.
Во елитно училиште по вработувањето на новата учителка и борец за здрав живот, нутриционистката Госпоѓа Новак создава свој кружок во кој се обидува да наметне нов начин на исхранување, во кое храната нема да биде гледана само како средство, туку како идеолошко мотив. Со привлечната магнетичност на припаѓање таа создава поредок, секта во која изгладнувањето е катарзична дисперзија.
Следејќи го окултниот и футуристичкиот филтер на темното и андрогино поведение во култната “Black Miror”, режисерката Џесика Хауснер создава филм достоен да биде вброен во листата со епизоди, огледувајќи се на неговата провокативност. Од друга страна, поставува една морална дилема, дали училиштата како социјални, воспитни и образовни установи се навистина светилишта и вториот дом на децата кои им ги доверуваме? Дали учителите се грижат за нивното растење и безбедност или им служат само како експеримент за развивање на нивните гледишта и теории?
Иако центарот на филмот се врти околу искривената слика која медиумите и модната индустрија со години ја подметнуваат како доблест за физикусот, од кој произлегуваат телесната дисморфија и пореметувањата во исхраната сепак режисерката фрла мрежа од критики кон се почестите здравствени тренери и нутриционисти, но и социјалните мрежи кои ги носат телата во екстремности.
Без претерано притискање врз едноличната фабула, која на моменти е тешко да се свари, сепак сценариото е романтизирано до степен на насилно бришење на жанровските линии, што донекаде носи изговор за лошата сатира и гротескниот буквализам на случувањата.
Кинематографските елементи и интелигентноста зад секој детаљ во филмот се генијално обработени, почнувајќи од жолто-црвениот аутфит на Госпоѓа Новак, што навестува на фаст-фуд синџирите на МекДоналдс до виолетовата боја како најголем предзнак на спиритуалноста, но и инкорпорираните нус-појави на конзумеризмот, на пропагандата за здрав живот која речиси станува фетишизам на генерацијата Z.
Опсесијата со калории е проникната низ менталната опресија кај тинејџерите чии родители немаат увид, па дури ни време да ги забележат нивните промени, што ги прави совршени жртвени мети на манипулаторката Новак. Изговорите кои младите ги даваат за нивното одрекување од несвесното исхранување се освестени од глобалниот речник: за спас на планетата, за етиката на храната, за храната како телесно грнчарство, за бунт и револт кон џанк-фуд индустријата.
Филм кој има се’, а нема ништо доколку не биде разбран онака како што било во план да биде претставен. Како менталната слика за храна и условниот рефлекс за замислените калории.
Пишува: Јована Матевска Атанасова