Ања Мугерли: Кратката проза не добива доволно внимание и промоција како романите

Словенечката писателка и драматург Ања Мугерли годинава е гостинка на 9-то издание на фестивалот Bookstar. Нејзината збирка раскази не остана незабележана, не само да биде наградена за литература од страна на Европската Унија , туку и да доживее мноштво преводи, меѓу кои и македонски (преведувач е Давор Стојановски), во издание на Антолог. 

Мугерли е заангажирана за кратката проза, покрај своите раскази таа активно води работилници за креативно пишување и ја споделува магијата на нејзиниот пишан збор на учесниците. Сепак она што ја издвои книгата и ја стави на пиедестал, барем во образложението за одлуката на комисијата „има суптилен стил на пишување, со одличен психолошки увид во животот на протагонистите во нејзините приказни“. Освен „Пчелно семејство“  Мугерли напишала уште една збирка раскази „Зелена фотелја“ (2015) и роман „Сповин“ (2017). Активно пишува и драмски текстови. 

Елементал: Овде на Балканот, народите се задоени со живописна митологија и фолклор, доста различна и пошаренолика од останатите, што остава поле на можности и еластичност да се извртат преданијата во спротивни насоки. Ја прочитав книгата и искрено сум воодушевена. Како дојдовте до идеја да напишете нешто позајмено и старо, но и нешто ново? Како оваа “венчавка” на елементи настана? Дали постоеше некаква предумисла пред лепењето на двата света? 

A.M: Идејата дојде кога напишав краток расказ за литературен конкурс. Во приказната се раскажуваше за стара традиција која сѐ  уште е прилично жива во словенската култура. После тоа размислував да напишам цела колекција од приказни за стари словенски традиции и ритуали, па така започнав да истражувам кои најдобро би се вклопиле со мојата идеја. Старите обичаи најчесто се колективна своина, преку нив ние се поврзуваме со нашата заедница.  Но сакав да се фокусирам на индивидуалците и што значат овие ритуали за моите протагонисти. Другото нешто на кое бев насочена беше улогата на овие стари обичаи и ритуали. На некој начин тие се врска со нашето и минатото на нашите предци, додека од друга страна нивната улога во денешницата можеби повеќе не е толку јасна. Сакав да си поиграм и да ги изменам нивните улоги така што ритуалите, на некој начин, би им помогнале на моите протагонисти.

Елементал: Дали беше тешко да се најде ‘рбетникот на книгата, да се поврзат сите приказни и да се сврзат, очигледно преку „пчелно семејство“? Разбирајќи ја подлабоко метафората, ние сите припаѓаме на унија концентрични кругови: нуклеарното семејство, нашите пријатели, нашите колеги, нашата нација. Но секогаш доаѓаме во центарот на тие кругови кој е непроменет без разлика на радиусот на секој од поединечните кругови. Ова исто се однесува и на пчелите тие не го напуштаат улиштето сѐ додека им дава простор. Семејството деновиве станува провокативна именка, облиците и границите драстично се измениле. Дали „Пчелно семејство“ ги става во центарот на вниманието припаѓањето и отуѓувањето како фундаментални антоними на човештвото? 

А.М: „Пчелно семејство“ приказната од која произлегува и насловот е најкомплексната приказна во збирката , од една страна, бидејќи е раскажана низ три различни перспективи, a oд друга, бидејќи за разлика од останатите приказни е базирана на вистински историски период- Втората Светска Војна. Затоа кога ја напишав приказната, мислам беше една од последните, ми стана јасно дека оваа збирката треба дa го добие насловот по приказната. Во меѓувреме увидов дека сите теми во останатите раскази се содржат во истоимената приказна, како нереализирано семејство, предавство, страв, но исто така и соочување со стравот и да се биде доследен на себе и на своите ближни.

Ако првиот ‘рбетник- стари обичаи и традиции беше очигледен од самиот почеток, другиот-семејството- се инфилтрира во приказните без претходна намера. Единствено кога ги имав собрано сите приказни пред мене сфатив дека секоја една на препознатлив и својствен начин зборува за семејството, за тешките односи на членовите на семејството. Цитатот на Толстој за тоа како секое несреќно семејство е несреќно на свој начин и денес е премногу вистинит. Ние не го избираме нашето семејство и во однос на тоа не ги избираме траумите кои се предадени низ јазот на генерации. 

Денес, гледам млади луѓе кои се дистанцираат од преценетото нуклеарно семејство и кои го третираат кругот на пријатели како члeнови на семејство. Мислам дека семејство треба да значи група на луѓе што се сакаат и поддржуваат едни со други, без разлика дали имаат иста крв или не: пријатели, хомосексуални парови и нивните деца, парови со посвоени деца итн. Но исто така и парови кои не оствариле потомство. Не можеме да зборуваме за семејство што означува нешто вредно и убаво и истовремено да поставуваме граници. 

Елементал: Вашите ликови се силни, смели, го репрезентираат авторитативниот, моќен и бесмртен мит за словенските жени кои понекогаш го користат отсутниот и безгласен изглед како оружје. Дали имаше некој посебен, модел на идентификација, додека го градеше секој еден од ликовите или нивните особености дошле спонтано? 

A.M: Сите карактери се развија спонтано, не користев ниедна техника која често писателите ја исползуваат за да ги изградат протагонистите. Не знам што јадат за појадок, ниту каква музика слушаат, на пример. Во еден од своите есеи, Олга Токарчук вели дека карактерот не може да оживее без малку љубов. Моите протагонисти се фиктивни личности, но секако во секој од нив лежи дел од вистински човек од крв и месо- жени кои ги сакам ( и им се восхитувам), жени кои ме инспирирале ( и мажи исто). Понекогаш јас сум инспирирана од фиктивни карактери. Девојката од приказната „Пирта“, на пример, беше инспирирана од лик од друга книга, Лидија, од романот „Жените на Лазар“ од Марина Степанова.

Елементал: Дали Наградата за литература на Европската Унија беше изненадување за Вас? Дали очекувавте толку престижно признание на Вашата работа? 

A.M: Дефинитивно беше големо изненадување, не ја очекував. Кога видов кој се’ бил номиниран бев убедена дека наградата ќе отиде кај еден од останатите автори. Ова беше моја прва награда. Се разбира, не се пишува единствено за награди, но чувството да ти биде признаена работата и трудот е добро. 

Елементал: Дали кратките раскази (темелот на новелите) стануваат туѓи на читателите? Се чини дека читателите ги фаворизираат новелите, романите, па дури и книжевните серијали, но не читаат толку и збирки со раскази? Што мислите зошто е тоа така? 

А.М: Во образовниот систем на Словенија навикнати сме да читаме и дискутираме воглавно романи, а ретко кратка проза, па тоа е нешто што некако го интернализираме. Исто така, кратката проза не добива доволно внимание и промоција како романите, не само во Словенија туку и секаде. 

Само пред неколку денови водев работилница за креативно пишување. Темата беше кратки-кратки раскази и флеш фикција. Прочитавме многубројни кратки-кратки раскази, па учесниците требаше да напишат по еден свој. Учесниците добија шанса да видат колку добра кратка проза постои, а покрај тоа имаше доста и интересни напишани раскази од самите нив. Со неколку зборови можеш да изградиш свет кој ќе биде залепен за тебе долго откако ќе ја дочиташ приказната. Кога би зеле во предвид колку малку слободно време имаме секојдневно и земајќи ја популарноста на ТВ-сериите, јас сум изненадена што се уште не е согледан потенцијалот што кратката проза го носи. 

Елементал: Ова е проективно прашање: Кој словенечки мит или можеби приказна најблиску ќе Ве опише Вас или Вашата работа? 

А.М: Можеби стар мит за малечкото место Солкан кадешто пораснав. Митот раскажува приказна за џуџе кое се вика Оркљич ( ǫ́rkljič ) кое има црвена капа на главата и може да порасне толку многу, што со едната нога стои на еден рид, а со другата на ридот отспротива. Помеѓу овие два рида тече реката Соча, позната по својата биста и смарагдно зелена вода. Кога стои на двата рида џуџето црпи вода со едната рака и ја пие, по што добива магични моќи. Додека пишувам, често се чувствувам како ова џуџе! 

Пишува: Јована Матевска Атанасова