Антологија на загубата- Драгољуб Џуричиќ (1953-2021)

…Некој горе, на небото, очигледно спрема екс-ју концерт…

Со  шармантна, но помалку горка забелешка, мора да соопштиме уште една жална вест: Драгољуб Џуричиќ, екстравагантниот тапанар на легендарната „Леб и сол“, ја изгуби битката со Ковид 19. Бившите југословенски простори верижно се опростуваат со големите легенди, низ солзи и носталгични насмевки посветени на една моќна и неповторлива епоха кога музиката беше единствениот лек, леб и грижа.

За Драгољуб, барем оние кои добро го познаваа, безгрижно би можеле да потврдат дека беше непоправлив преродбеник, хипервигилен, народското “место не го фаќа”,  сестрана душа, која иако првата љубов ја оконча со музиката, дозволи и на останатите уметнички гранки подлабоко да го допрат.

Роден на 10 февруари 1953 година во Цетиње, Водолијата во него преовладала, се развива страсната страна и авантуристичката природа, па така од најрана возраст започнува да ескпериментира со музиката, најпрво во друштво на гитарата. Паралелно со настапите, кога од бас гитарист застанува зад тапаните, тренира и ватерполо и заедно со тимот освојуваат повеќе медали.

Интересно е што , кога во 1975 година се доселил во Белград живеел како бездомник. Набрзо неговиот талент станува препознатлив, а тој тапанар во групата „Мама Ко Ко“ , чиј фронтмен била уште една легенда Дадо Топиќ. Оттука Драгољуб прескокнува во пратечкиот бенд на турнејата на Здравко Чолиќ за неговиот „Патувачки земјотрес“.

Прогресивниот рок станува негова определба, највисоката точка можеби во целокупната, импозантна кариера и наскоро тој е дел од поставата на децениски прочуените Леб и сол. По четири години како тапанар на „Леб и сол“, четири студиски албуми и стотици денови минати по турнеи, Драгољуб се решава за пресврт и се придружува на составот на „Кербер“. Настрана од создавањето на хеви метал звуци, соработува со Дејан Цукиќ и групата Југословени.

Откако посветено и професионално ја извршува својата улога во хард рок водите, снима четири албуми. Во меѓувреме, конкретно во 1986 година, заедно со моќниот вокал на алтернативниот рокер Рамбо Амадеус и неговата перкустика прави спектакл во живо, кој долго ќе остане запаметен иако , тогаш, Рамбо Амдеус бил почетна буква во музичкото петтолиние.

„ Музиката е базирана на ритам, срцето е базирано на него. Ако срцето не отчука три пати во ритам, четвртиот пат нема ни да зачука.“, вели Џуричиќ во едно свое интервју, и овој цитат станува епохален во музичкиот свет на Балканот.

Во 1990 се враќа на својата стара љубов- бендот „Леб и сол“. Во овој период Џуричиќ, снима со панонскиот морнар, кантавторот Ѓорѓе Балашевиќ, за неговиот албум “ Еден од оние животи” и така станува дел од неговиот пратечки бенд.

Во 1998 го издава својот прв албум во живо, заедно со Братуша и Шечеров.

Се смета дека има издадено над 70 музички албуми, на кои или бил дел од пратечки бенд или студиски музичар, од светски познати имиња до имиња  алтернативната сцена. Отсвирил над 6000 концерти на сите континенти, освен на Антарктикот.

Во младоста бил наградуван ватерполист, компонирал музика за балет и театар, глумел во театарски претстави од кои најзапаметена била онаа за време на двомесечната американска турнеја со „Леб и сол“ во 1982 година, кога го овековечил  Луди Вана во Ристиќевото остварување “ Ослободувањето на Скопје”. Цртал и нео-импресионистички актови, во техниката на поинтилизам, остварил 17 самостојни изложби. Во 2000 година се приклучува на демократските опозиционистички струења во Србија, иако и претходно бил познат на политичките кругови како демонстрант против режимот на Милошевиќ.

Во 2001 година го издава својот прв соло, студиски албум, насловен како “Ритамот на слободата” потпомогнат од звуците на Братуша, Божовиќ, Димитријевиќ и многубројни колаборации на нумерите.

Истата година од печат излегува и биографијата напишана од Мирко Јаковљевиќ, насловена како “Столбовите на слободата”.

Драгољуб Џуричиќ никогаш не ја напушти музиката, остана активен дури и кога беше далеку од окото на јавноста. Овој црногорски музички Бонам ќе остане сол на југоносталгичната рана, над чиј такт се создавале соновите и надежите на генерации, зад себе оставајќи непроценливо културно богатство.

автор: Јована Матевска Атанасова