Музичка енциклопедија – Bernays Propaganda

Во јули 2006 година неофицијално започнува со работа бендот Bernays Propaganda. Гледано од десетгодишна временска дистанца, колку што и постои, може да се каже дека е еден од најзначајните македонски бендови во целата нејзина историја, тврдење базирано на многу параметри. Акумулирано бендовско искуство што се движи од кросовер преку хардкор и панк, пост-панк, па до автентичен кантавторски трубадурски пристап.

Акцентот во новиот бенд што ќе го оформи Васко Атанасоски, ќе биде ставен на она што јавноста најмалку го очекувала од него, игривата музика. Но, тоа нема да се одрази и на веќе добро познатите и стандардно социјално ангажирани текстови – остри и директни како и секогаш. На идејата базично ќе се ѝ придружат Раде Јордановски на бас, неговиот стар сопатник од FxPxOx, бенд сè уште активен во тој момент, како и Игор Стојановски (екс Smut) на тапани. Шест месеци подоцна, во јануари 2007 година, Васко оформува нова постава, со два женски вокала: Кристина Горовска од This Home is Prepared и Елеонора Стојановиќ-Нора (екс Мизар). Басист во оваа постава е Горан Аргировски, а зад тапаните ќе седне Џано Куч од FxPxOx. Неколку дена пред првиот договорен настап, на 19.2.2007 како предгрупа на „Girls Against Boys“, Нора ќе го напушти бендот.

Со веќе создадени основни контури на поставата каква што ја посакува, но со многу побучен звук од планираното, Bernays Propaganda веднаш ќе одлучи да го снима своето прво демо, со Дејан Еврушоски (екс Кипарис) како снимател и како продуцент. За релативно краток период, ќе следува и снимањето ново, второ демо со четири песни, со Ненад Неделков како продуцент.

Веќе на почетокот од 2008 година, во јавноста се појавува и првото официјално издание на бендот, макси синглот ставен на цеде, а во издание на „PMG Recordings“. Улогата на доминантен текстописец во бендот полека ја презема Кристина Горовска, а заедно со Васко го чинат авторскиот тандем што во иднина ќе биде потпишан зад секое нивно дело. На концертната промоција 11.1.2008 во МНТ, бендот го распродава комплетниот лимитиран тираж на своето прво EP. Денес вистински раритет.

Вистинско воздигнување до статус на предводници на новата генерација бендови од таканаречената македонска андерграунд-сцена се случува по нивниот настап на 24 мај во рамките на „Off Fest“, како загревање на легендарниот британски состав „Gang of Four“. Особено апострофирана ќе биде изјавата на „Gang of Four“ дека Bernays Propaganda e една од најдобрите предгрупи што бендот ги имал во својата долга и богата концертна кариера.

Вреден за некоја идна анализа е и ставот на бендот што го има од самиот почеток да избегнува мејнстрим медиуми, да не снима  видеа и да не дава интервјуа. До овој став ќе држи безмалку во целата своја кариера. Пораката што ја упатува овој став е порака кон медиумите за нивната тривијалност, лицемерност и за служење на големиот капитал. Bernays Propaganda, низ годините на активност и на напорна работа, ќе успее да им докаже на сите добронамерници дека самиот производ е нивниот релевантен медиум и промотер.

Веќе во 2008 година за Bernays Propaganda започнуват да се интересираат и регионалните издавачи. Најупорен во обезбедувањето потпис од бендот (само симболично бидејќи еден од ставовите на бендот е и непотпишувањето договор туку верба во даден збор), ќе биде словенечкиот „Moonlee Records“. Тој ќе стои потпишан како издавач на првиот, и само со еден исклучок, на сите наредни албуми на бендот. Happiness Machines, за волја на вистината, како коиздавачи ќе го потпишат и германците „Prügelprinz“ и издавачката куќа зад која стои самиот Васко, „Направи Заедно“.

На деби-албумот, бендот ќе ги пресними и четирите теми од EP-изданието веќе познати на јавноста. На само една од песните на албумот, Убиј ме! како текстописец ќе се потпише тој, а сите останати се поетско-критички опсервации на Тина. Со овој потег бендот уште еднаш ќе ја истакне својата определба за искажување став по однос на секое општествено прашање, најчесто низ текстовите, но понекогаш и низ дополнителни буклети.

Албумот е објавен во април 2009 година и добива генерално охрабрубвачки рецензии, буквално од медиуми од целиот свет. Неколку балкански медиуми ќе бидат доволно визионерски и ќе го прогласат за албум на годината на Балканот. Неколку години подоцна, хрватската едиција на списанието „Rolling Stone“, ќе го прогласи Happiness Machines за третата најважна плоча објавена на просторите на поранешна Југославија во периодот од 1991 до 2015. Ова ќе биде релевантна потврда за култниот статус што Bernays Propaganda ќе го стекне на просторите на некогашна Југославија за релативно краток период од постоењето. Една изјава на познатиот хрватски новинар Дубравко Јагатиќ од тој период, најдобро ја опишува енергијата на овој албум: „[…] ѓаволски интересно дискографско издание што може само топло да се препорача […]“. Понатаму во рецензијата тој искажува верување дека следниот материјал на групата ќе биде многу битен албум за целиот регион – и ќе биде во право. 

На скопската промоција на албумот Happiness Machines, на 27.2.2009 во клубот „Хавана“, за првпат во својата кариера Bernays Propaganda полни еден клуб со солиден капацитет од 600 луѓе. Безбедно лево, Ден пред да исчезнам и Не сакам да знам, се само некои од ултимативните генерациски химни од овој албум. Покрај промоцијата, овој концерт е всушност претпремиера за почетокот на првата голема европска турнеја на бендот која ќе трае цели 45 дена. Турнеите како оваа стануваат заштитен знак на бендот, па Bernays Propaganda ќе ги практикува по секој следен албум.

На почетокот од 2010 година, Bernays Propaganda повторно влегува во студио и снима нов материјал. Во две од деветте теми на албумот, како коавтор ќе биде потпишан и Васко. Останатите теми се поетска реакција на Тина на општествените случувања во државата. Нејзино ќе биде и дизајнерското решение на комплетниот омот. Официјалната објава на My Personal Holiday е на 17 мај, најпрвин во винилна верзија во која партиципираат матичната „Moonlee Records“, но и германските куќи „Prügelprinz“, „Narshardaa“ и „Trashbastard“, како и француската „Crapoulet“. Цеде-верзијата, по примерот на првиот албум, повторно има две верзии зад кои се потпишани истите издавачи како и на дебитантскиот албум. Реакциите што ќе пристигнат по ова издание ќе бидат уште подарежливи со суперлативи.

Патувајќи и настапувајќи во континуитет, логично е дека бендот ќе твори на пат. Дел од материјалите за следниот албум Тина ќе ги напише токму по патиштата во Европа, префрлувајќи се од еден во друг град, но секогаш со мислите за луѓето и за нивниот живот во родното Скопје. Новиот албум ќе го најави со фридаунлоуд EP-то Играј Слободно!, кое во јануари 2012 година го објавуваат „Moonlee Records“ и „Направи Заедно“. Изданието е збир на ремикси на осум теми на Bernays Propaganda, шест веќе познати и две нови, работени во 2011 година, од неколку доста влијателни европски и локални артисти: Марк Хини од „Gang Of Four“, Зеја од „The Ex“, Bei The Fish & Ida од хрватскиот бенд „Lollobrigida“, нивниот поранешен басист Fresh, Sethstat, Anomalia Nativa и од Mindless Violence. Изданието ја вклучува и заедничката песна Fakt, работена со Дуке Бојаџиев.

Во ноември, 2012 година, Васко и Тина ќе започнат со снимање нов албум. Во студиото „MarryPhat“ ќе бидат сработени 9 целосно нови песни. За првпат Тина и Васко ќе се обидат да направат омаж на некои свои книжевни фасцинации создавајќи музика на текстови на Џек Лондон и на Георг Бихнер. Со објавувањето на Забранета Планета, Bernays Propaganda ќе биде вториот бенд во македонската дискографска историја што во своето портфолио има повеќе од два албума објавени на винил. Со подоцнежните изданија бендот значително ќе се оддели од останатите бендови, но сè уште ќе биде далеку од фантастичните 11 винилни албуми на Leb I Sol.

Bernays Propaganda се само третиот македонски состав – по Leb I Sol и по Kismet – во целата историја на рок-музиката на овие простори што ќе направи макар и мини турнеја во Америка. Сепак, таму некаде по балканските патишта се случува првиот посериозен „лом“ во бендот, кој ќе кулминира на претстојната европска турнеја, од 18 септември до 26 октомври. Имено, на 12 октомври, таа, 2014 година, по концертот во Берлин и на 15 концерти пред крајот на турнејата, од Bernays Propaganda си заминува феноменално уиграната ритам секција, Ненад Трифуновски и Џано Куч.

Бендот е на крстопат, а во некои размислувања на Васко од тој период, можби и на својот крај. Но, дефинитивен ќе биде само крајот на дотогашниот музички израз. Дилемите околу исправниот потег за промената на звукот што бендот ја зацртува како нов почеток, нема да се оттргнат ниту со издавањето на дигиталниот сингл Здраво Млади во мај 2015 година. Двете песни, И двете и Сакав да се заљубам, само уште повеќе ќе ја разгорат јавната музичка дебата за нужноста од постоењето на еден ваков, „електронски“ Bernays Propaganda.

По објавата на Здраво Млади, ќе следуваат долги 10 месеци исчекување на поконкретен материјал, со што албумот Политика претставува еден од најдолго исчекуваните македонски изданија во поновата музичка историја. Под притисок на овие големи и противставени очекувања од јавноста, групата започнува да ги снима преостанатите седум теми, кои заедно со веќе објавениот сингл ќе бидат дел од четвртиот албум на бендот. Политика е албум што музички е пред своето време, кој низ поетиката на Тина совршено го прикажува парадоксот на едно реално и мачно македонско животарење во апокалиптичниот сон на поединци, наречен „Скопје 2014

Влегувајќи во едни поинакви односи со музичката индустрија, со материјал што го носи на границата на комерцијален успех, потезите што ќе почне да ги влече бендот се само навидум спротивни од неговите првични убедувања. Групата е подотворена кон јавноста, но не по секоја цена. За првпат во својата историја, бендот добива и ја прифаќа понудата за интервју со насловна страница во едно списание. Тина е на насловната страница на магазинот „Портрет“.

Во пресрет на годината во која ќе прославува 10 години од постоењето, за краток период ќе биде објавен уште еден дигитален материјал, од архивски карактер – првиот концерт на Bernays Propaganda во клубот „Castro“. EP-то е едноставно наречено Castro 19 02 07. Во јуни истата година, Ill In The Head Records“ ќе го објави засега последниот албум на Bernays Propaganda, Na To Igrišče Ne Smem. Албумот, покрај спомнатите три теми, ќе донесе уште 6, ремикси дотогаш необјавени на винил, меѓу кои и заедничката преработка на PMG Kolektiv и Bernays Propaganda на легендарната тема на Падот На Византија, Почеток и крај.

Последната песна што бендот ќе ја сними и која е планирана како најава за следен албум е темата Ништо нема да не раздели, во која како гостин се појавува Мајк Ват на бас.

Од средината на февруари 2018 година, Bernays Propaganda се повлекуваат од јавноста  оставајќи ги фановите во неизвеснот дали ќе продолжи со работа или е ставена точка на една од највозбудливите македонски рок-приказни во самостојна Македонија.

извор: Македонска рок енциклопедија