“Можете ли да го замислите светот без книги? Веројатно не. А без музика? Ни случајно” – Оливер Белопета

Кога само би била поголема бројката на високо свесни дека културното милје на поединците е предуслов за успешност во сите други сегменти

На наше огромно задоволство, денес разговараме со Г-дин Оливер Белопета, човекот за кој навистина не е потребна посебна најава, човекот чие име е синоним за човек кој живее за музиката, еден од ретките кој зад себе остава големи дела и сосема едноставно умее да ја долови суштината на музиката велејќи: “Можете ли да го замислите светот без книги? Веројатно не. А без музика? Ни случајно.

Господине Оливер, сета моја почит кон Вас и благодарност што денес одвоивте време за разговор.

Оние кои не се страсни уживачи во џезот некако делат впечаток дека тоа е инструментална музика со која не е едноставно да се пренесе силна порака. Од друга страна, енергијата, страста и посветеноста со кои Вие зборувате за џезот се нешто што никого не остава рамнодушен. Напротив, пробудува огромна желбата да се ѕирне и да се долови дел од Вашите гледишта, начинот на кој Вие уживате во џезот мотивот кој сите овие години Ве води безрезервно да се вложите во организација на квалитетни настани и значајноста на истите. Притоа, не мислам дека е значајно само тоа што преку фестивалите сме имале можност да уживаме во настапи во живо од значајни музички имиња туку на значајот од се она што е вложено за да се добие тој финален производ кој ја подига свеста за придобивките од квалитетно културно живеење.

Како Вие го доживувате џезот?

Не едноставно прашање за одговор. Да речам дека џезот го доживувам нешто повеќе од другите луѓе кои ја сакаат музиката, секој со различни афинитети. Можете ли да го замислите светот без книги? Веројатно не. А без музика? Ни случајно. Сепак, ќе издвојам една важна карактеристика на џезот, слободоумноста и демократичноста (која ја има и рокенролот), најдобро опишана од Макс Роуч, кој велеше: “за разлика од класиката, каде композиторите големите дела ги пишуваа сами во своите соби а во нивните изведби музичарите не можеа да одат ни лево ни десно, џезот се гради во непосредната директна комуникација и меѓусебна инспирација на музичарите, со заедничкото свирење, што го прави најдемократската музичка форма во музичката историја“. Инаку, би сакал веднаш да ви разјаснам нешто околу мојот однос кон џезот и музиката. Јас музиката не ја делам на џез и останато. Туку на добра и лоша. Се препуштам на магијата која ја има во сите музички стилови. Затоа луѓето кои малку ме познават и прв пат ми влегуваат дома се изненадуваат кога во мојата обемна музичка колекција ќе видат подеднакво и џез, рок и поп, бразилска или африканска музика. Искрено, не можам да го разберам оној помал дел љубители на џезот кои не слушаат ништо друго и тоа со зачудувачка доза на нетолерантност.

Каква е Вашата историја и Вашата поврзаност со џезот? Како наидовте на него?  

Тоа  се случи некаде во средината на шеесеетите години кога на мојот Супрафон ги ставив плочите на Мајлс Дејвис, Џон Колтрејн, Чарли Паркер и Телониус Монк, позајмени од Американскиот културен центар во Скопје. Нешто подоцна мојот татко од Бразил ми донесе купишта плочи, па се заразив и со бразилската музика. Нешто слично се случи и со американската црнечка популарна музика, соулот и ритмот и блузот. А се разбира, во тој период генерациски не можев да останам имун на експлозијата на поп и рок музиката, особено во тоа време често наоѓајќи се на “лице место“, во Лондон..

Кој е првиот џез запис што сте го чуле?  

Тешко да може да се сетам на првиот запис. Но ги помнам првите плочи, на Реј Чарлс и Луис Армстронг, на 45 вртежи, добиени како подарок од Нико Поленак.

Има ли формула за едноставно прифаќање на џезот како универзална вредност?

Нема едноставно прифаќање. А има само една формула. Често во историјата се поставувало прашањето зошто џезот во одредени периоди, декади, бил повеќе популарен и слушан, а во други помалку. Одговорот се сведува на следното: џезот се прифаќал во правопропорционална мерка со колку е присутен во медиумите, мислам на радијата и телевизиите, на концертните подиуми (и тоа со квалитетни концерти, затоа како и во другата музика и во џезот има здодевни и безначајни сетови), па дури и во образовните системи (тука не мислам само на факултетите, туку, по примерот на скандинавските земји, и во основното и средното образование). За џезот да ве привлече, потоа евентуално и да го засакате, мора прво да имате пристап до него, некаде да го чуете.

Кој мотив ве водеше безрезервно да се вложите во организација на квалитетни настани и значајноста на истите? Притоа, не мислам дека е значајно само тоа што преку фестивалите сме имале можност да уживаме во настапи во живо од значајни музички имиња туку на значајот од се она што е вложено за да се добие тој финален производ кој ја подига свеста за придобивките од квалитетно културно живеење.    

Мотивот беше – да се одолжам на она што ми го промени животот- музиката. И, патувајќи многу во седумдесетите и осумдесетите години – кај нас да го донесам она што гледав и согледував во светот. Најнапред преку моето долго пишување за “Екран“ и “Нова Македонија“, радио-емисиите, а потоа и со фестивалите.  

Во чии раце се оставени музичката едукација па и креирањето на културниот живот во Македонија? Постојат ли денес ентузијасти кои индивидуално или во помали групи се трудат да ги одржат и подигнат на повисоко ниво џезот и квалитетната музика воопшто? 

Секако да, постојат. И вредни се. Проблемот со нивниот натамошен успех или неуспех е во нешто друго. Државата со нејзините надлежни институции е таа која треба да изгради одржлива културна политика, систем, кои таквите ќе ги стимулира, а не дестимулира, што се случува подолго време. Тука би споменал два процеси за кои мислам дека станаа неповратни. Дозволивме провинцискиот дух, па и вкусовите на политичарите, дури и во музиката, да прераснат во стандарди на државата (тоа веќе не се истите профили од деведесетите години). Го изрезиливме и старото македонско музичко наследство. И, по осамостојувањето, пропуштивме, ова е моја стара теза, двата приоритетни стратешки цели на државата да бидат образованието и културата. Да се присетиме дека со дисперзијата го растуривме високото школство. Културата, пак, ја оставивме на маргините, Јас сум убеден (по примерот на многу држави во историска, географска, демографска  слична смисла блиски до нас, како скандинавските, балтичките, Словенија и други земји кои остварија брз прогрес) дека кај младите доктори, инженери, професори, политичари, правници, економисти, менаџери  итн. покрај одличното образование, и нивното културно милје е предуслов за да бидат квалитетни во професиите и да го  движат општеството напред во сите сегменти, почнувајќи од економијата.

Има ли на повидок наследник по Ваша мерка?

Да, да. Со години е вложувано во тоа. Патем изграден е (од поодамна) организационен модел , екстремно угледен во светот, не само од програмски аспект. И бренд за Македонија надвор од земјата, со многу интензивна меѓународна комуникација. Ова јас го знам најдобро. Но за натамошна долговечност на Скопскиот џез фестивал и ОФФест потребни се и однадвор други предуслови, секогаш во нашата Македонија проблематични, но кои во последно време молскавично ги снемува.

Скопскиот џез фестивал е на чекор до својата 4-та деценија, ОФФест веќе е полнолетен. Успехот и нивото на кој ги имате доведено сигурно е голема сатисфакција, веројатно и мотив силно да се борите квалитетната музика да биде култура на живеење. И со сите пречки со кои се соочувате, не можам да не го земам предвид она дека Вие важите за човек упорен до тврдоглавост. Ќе истраете како таков или Ве совладува уморот па и наметнатите системски проблеми?

Не велам дека не сте во право кога ме оценувате за упорен до тврдоглавост. Но и како таков одеднаш пред вас може да се испречи висок зид. Потврдоглав и од мене. Опседнат со моќ дадена од некому и цврст, иако распукан по сите шавови. И многу отпорен на сите валидни европски политики во културата. Личната сатисфакција за стореното ја имам. Доволно. Сепак, за оптимизмот, кој е неделив од ентузијазмот, треба да има минимална реална основа. И признавам, во последневи месеци сум уморен. Ќе признаете и вие, не може да се биде свеж и полетен ако истовремено, борејќи се за условите и вообичаената одлична програма на двата фестивали, работите и на техникалиите во опцијата за нивното затворање. Што сега се случува. Но, да не ширам повеќе. Да го завршиме разговорот во добро расположение.