Алтернативна сцена е местото на најголемата слобода за творење и експериментирање – Ангела Стојановска

Мој идентитет – Јас (за своите соништа, желби, академските денови)

Мислам дека би излажала ако кажам дека отсекогаш знаев која е и што сака да биде Ангела. Веројатно некоја формална лична карта би била следнава: имам 28 години, родена сум во Куманово, дипломирав на ФДУ во Скопје во 2015 и завршив Педагошки доквалификации пред некоја година.

Онаа неформалната лична карта е дека сонувам да го сменам светот, поконкретно, да ги средам сите театарски работи кои не функционираат во државава. Моите знаат да кажат дека сум многу тврдоглава, ама јас ги потсетувам дека сум нивно потомство и тука го затвораме муабетот. Со сите случувања кои ги сведочам во последно време, мојата единствена желба е да сум искрено среќна, јас, а и тие околу мене.

Моите академски денови, беа едни од најубавите. Со колегите од мојата класа поминавме низ неколку тешки периоди за време на студиите и брзо по дипломирањето, загубивме професори, пријатели, ама знам дека што и да ми се случува во животот моето семејство е зголемено за 9 луѓе кои засекогаш ќе ме поддржуваат и спасуваат.

Секогаш своја и со свој театарски израз, талентирана, храбра и посветена. Во Елементал овој пат разговараме со младата актерка Ангела Стојановска

Елементал: Здраво Ангела и добредојде во Елементал:)

Се надевам дека си добро расположена, за да на свој начин ни го раскажеш својот театарски свет.

Ангела: Здраво и на вас и на сите до кои ќе стаса ова, мило ми е што сум овде и ви благодарам за можноста!:)

Елементал: Од неодамна во МКЦ се случи вашата прва монодрама, која воедно е ваше авторско дело и доста смело и храбро ни ја раскажавте вашата приказна сместена во еден поинаков театарски облик. „СРАМ“ – што всушност тоа за вас значи и кој беше поривот за оваа ваша инспирација?

Ангела: Имав период кога се опседнав со Фиби Волер-Бриџ, креаторката на Fleabag (Killing Eve, Crashing и др.) и оние кои подеднакво се опседнаа знаат дека Fleabag го започнала своето патување како монодрама, која ја изведува самата авторка. И да бидам искрена тоа ми го смени мислењето за монодрамата како форма и некако ми даде идеи за тоа како може да биде искористена. Сосема случајно го видов повикот од „Прво па женско“, тие во 2021 направија мала промена во својот формат и креираа платформа за изведувачки уметности. Подеднакво случајно се пријавив, ама мислам дека ме избраа сосема намерно!:)

Знаев дека сакам да работам документарен театар, или да користам лични искуства за да ја создадам целата претстава. Знаев дека сакам да работам со Милош Андоновски и Ева Камчевска, затоа што со нив работев на „Без авторски права“, еден процес кој ме врати во живот (вистински и актерски). И искрено имав секаков тип на поддршка и можност да си приуштам 6 месеци работа на овој проект и решив тоа да го искористам максимално.

Во однос на инспирацијата, не знам кој од читателите налетал на вакви ситуации, ама во зачетоците на пандемијата, јас сфатив дека многу луѓе (во РСМ, барем) не пријавуваат и кажуваат дека се заболени од ковид затоа што им е срам. Оттука зборот и чувството на „срам“ не можеше да ме напушти. Кога почнав активно да размислувам на темата, сфатив дека јас и „срам“ сме многу поблиски отколку што сум мислела. Во претставата објаснувам дека во мојот случај, срамот секогаш доаѓал од мојот изглед, ама не застанувам таму. Тие што сакаат да видат и чујат повеќе на темава, ги поканувам на 17.03 (овој четврток) во Public Room од 20:00.

Елементал: На ваша иницијатива се создаде една доста интересна платформа „Самоглас“ која претставува платформа за слушање на аудиокниги, со најголем фокус на детска литература и лектири. Раскажете ни малку за овој проект?

Ангела: Пред три години, јас и моите колеги Васко Костовски и Христијан Поп-Симонов решивме дека сакаме да читаме аудио книги, свесни дека го имаме знаењето и техничките можности за да ги снимаме. Нормално, не беше доволно само да ги читаме и снимаме, тука сакавме да најдеме начин да ги споделиме со публиката. Сфативме дека кај нас не постои соодветна платформа за аудиокниги и решивме да ја создадеме. Кон идејата се приклучија и Мартин Тасевски, нашиот девелопер и Петар Антевски, човекот задолжен за изгледот на Самоглас на социјалните мрежи. Сега стасавме до бројка од над 80 аудио содржини, над 10.000 регистрирани корисници, бројни соработки со македонски автори, издавачки куќи и здруженија кои работат на зголемување на достапноста на ваквите содржини за лица за кои се неопходни (слепите, слабовидни и лица со дислексија).

Самоглас е достапна како веб платформа – www.samoglas.mk и како мобилна апликација. Сите корисници само треба да се регистрираат и добиваат бесплатен пристап до сите содржини кои ги имаме сработено.

Елементал: Од неодамна влеговте во веќе познатата Импров група „Настап“. Како помина вашиот прв настап со твоите колеги и што за тебе се ова значи?

Ангела: Долго време ги следев, од нивните почетоци на ФДУ па до нивните настапи во МКЦ. Секогаш, ама секогаш велев дека јас тоа не би можела да го правам и им се воодушевував на храброста, и еве сме …

Мислам дека уште се трудам и борам со тоа да ја прифатам и покажам комиката која ја носам. Некако се помирив со фактот да играм лоши мајки, вештерки и доминантни женски ликови и ни на крај памет не ми беше да се впуштам во „смешното“. Искрено на факултет се натерав да мислам дека јас, едноставно, немам такви способности. Уште поискрено, јас знам да бидам забавна, затоа што тоа сум го користела како одбранбен механизам, ама за тоа повеќе во „Срам“:)

На Импров ја имав најголемата трема во мојот живот! Во целиот процес на проби сите ми помагаа да „влезам во шема“ и продолжија да ми помагаат за време на самата изведба. Едвај чекам да играме пак!

Елементал: Кое е твоето главно оружје да се избориш за својот свет како млад актер?

Ангела: Веројатно упорноста. Со сè што ми се има случено (а сигурна сум дека не сум единствената), понекогаш се изненадувам што уште имам сила да работам на ова поле. Секој ден се прашувам дали вреди и за кој го правам ова. Секој ден.

Елементал: Дали им се дава доволно простор на младите актери?

Ангела: Мислам дека помладите театарски работници, затоа што поактивно ја следат институционалната и независната сцена даваат простор во институциите, на помлади актерки и актери, особено на помлади невработени луѓе. На страна од тоа, последниве години мислам дека младите си го земаат просторот кој го заслужуваат. Звучи слично, ама воопшто не е исто.

Да не ја ни отворам темата дека кога зборуваме за театар (особено независен) се фаќаме за Скопје и се однесуваме како да не се прават претстави во други градови, ама тоа во некоја следна прилика.

Елементал: Во која театарска форма би сакала да се видиш во иднина?

Ангела: Не е театарска форма, ама тргнав да пишувам дека сакам да се видам вработена, во театарска институција, затоа што сум уморна од борбата за егзистенција, работењето на 3 работи паралелно, чекањето на 100 евра 3 месеци и најнесебично затоа што во оваа фаза под мојот живот – заслужувам.

Другиот одговор е дека сакам да се пробам во музичкиот театар, мјузикл ми е следното за освојување.

Елементал: Зошто се важни алтернативните сцени и што претставуваат тие за тебе?

Ангела: Независната, алтернативна сцена е местото на најголемата слобода за творење и експериментирање. Во времето во кое живееме, таа знае да ги помести дури и институционалните машинерии. Немаме пари ни за лек и тешко ни оди со изнаоѓање на простор за проби и изведби, ама се трудиме од петни жили.

Елементал: Што би им порачала на режисерите?

Ангела: Да прават напори да работат со што поголем број на невработени актерки и актери. А на оние, кои немаат постојан финансиски приход, да не се откажуваат од театарот.

Предлози:

Три книги:

„Среден пол“ – Џефри Еугенидес

„Бура“ – Вилијам Шекспир

„Stranger in a Strange Land“ – Robert A. Heinlein

Три претстави:

„Галеб“ – Томи Јанежиќ

„Мајсторот и Маргарита“ – Иван Поповски

… и „Срам“ – Ангела Стојановска (не е глупо, нели?:))

Еден албум:

Where the Light Is: John Mayer Live in Los Angeles