Филмот „Магбет“ на режисерот Џастин Крзел може да се смета за една од најдобрите филмски адаптации на истоимената драма на Шекспир.
Сценариото ја задржува автентичноста на поезијата, иако смело и слободно е адаптирано за големото платно.
Режисерот умешно ја спојува енергијата на шекспировиот јазик со бруталната, но сепак маестрална и впечатлива кинематографија на Адам Аркапев исполнета со магла, оган и стрмен шкотски пејзаж. Ова не е традиционалниот театарски Магбет, заробен во клаустофобични затворени простори, овој Магбет е зачнат во ширината на шкотската природа.
Мајкл Фасбендер и Марион Котијар во ролјите на Магбет и Лејди Магбер се спој од соништата.
Котијар, како и многупати досега успева да пренесе огромна количина на емоција само со изразот на лицето, без да изусти ниту еден збор, а Фасбендер од друга страна е раскошен во изразот од јасни луцидни состојби на умот до очај и агонија.
Се на се, ова филмско остварување е визуелна поезија која полека, но сигурно ви влегува во крвта.
автор: МАНА