Со „Тетовирани души“ од Горан Стефановски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица ќе ја изведе првата премиера оваа година, беше соопштено денеска на прес-конференција.
Директорот на НУЦК „Антон Панов“, Ванчо Ристов Патриков, информираше дека претставата се подготвува од февруари годинава и поради пандемијата премиерата ќе се одржи утревечер, а вечерва е претпремиерата со почитување на здравствените протоколи за одржување јавни настани. Режисерот Ѓоргиевски го избрал култното дело на Стрефановски поради актуелноста, иако е пишувано во 1985 година.
-Делото е пишувано во еден друг општествено-политички контекст, но Горан како пророк, без разлика што се менува контекстот на нашето живеење денес, се уште е многу актуелно и многу потресно. Го избрав затоа што се занимава со две основни теми – туѓината и нашето раселување, и со една друга уште погорлива тема – нашиот личен идентитет. Претставата почнува со репликата „Се изгубив“, а завршува со „Кој сум јас? Кога ќе пораснеш сам ќе ти се каже“. Тоа е еден процес на барање на сопствениот идентитет. И тоа беше главно што мене ме испровоцира од денешен аспект да размислуваме на тие две теми, рече режисерот Ѓоргиевски, кој по две години повторно режира во Струмичкиот театар.
Актерот Бранко Бенинов подвлече дека ваков огромен проект да се работи во услови на пандемија било многу тешко.
-Горан Стефановски е предизвик да се работи и проектот е огромен и морам да кажам дека Стафановски вторпат е на сцената на Струмичкиот театар. Првиот пат беше со „Лет во место“ во далечната 1983/1984 година и веројатно тогаш сме биле зрели да летаме во место, а сега се бориме со вируси, се бориме со идентитет, се бориме со сè, но на крајот најважно е што оваа актерска екипа и целиот ансамбал на театарот е толку созреан што може да реализира големи претстави, смета Бенинов.
Сценографијата на претставата е на Валентин Светозарев, костимограф е Андреј Ѓоргиевски, а музиката е на Марјан Неќак.
Во „Тетовирани души“ настапуваат актерите Коста Ангов, Стојан Велков-Трн, Кире Ѓоргиев, Тинка Ристеска, Бранко Бенинов, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Јулија Милкова и Лука Митев.
превземено од МИА, автор: Ристо Тасев, Струмица