По „Спектатор“ и „Америка“, како и низа поетски збирки и збирки раскази, а познавајќи го развојниот пат на Кујунџиски како автор и издавач изминативе години, одговорно е да се очекува и воопшто не изненадува фактот дека од писателското перо на Кујунџиски ќе дојде мегароман како што е годинашниот „Сфинга на гневот“.
Не е нескромно да се каже дека поновата македонската книжевност речиси и да не познава роман напишан со толкава опсежност во историско-митолошките истражувачки практики, кои, пак, служат како цврст темел за сместување и подигнување на носечката приказна на романот. Оваа база на која стапнуваш уште од првите страници и продолжуваш да се движиш по неа до крајот на романот, те вооружува со сигурност и со доверба да чекориш низ авантурите, мистериите и пресвртите што следуваат понатаму до самата разрешница на околу триста страници неизвесност.
Фаустовската увертира, во булгаковски стил, извесно започнува да води кон денбрауновска мистерија во чија заднина како стожери на дејството се издигаат митолошките загатки на сфингите и нивната сеприсутност во историскиот концепт на Римското Царство, и она што можеби му е помалку познато на читателот, нивната улога за време на владеењето на императорот Диоклецијан.
Вториот историски слој на романот, кој пак Кујунџиски многу вешто го поврзува со претходниот во Сплит и Хрватска, се браќата Миладиновци, нивниот зборник и легендарната поема на Константин, Т`га за југ, чија историска, фактичка, но на моменти и метафизичка даденост совршено се вклопува во приказната и помага во зачинување на интригата што авторот ја крие сè до крајот на романот.
А главниот лик, издавачот Лазар, сопственик на водечката, но сега веќе во фаза на згаснување, издавачка куќа „Веда“, ендемичен вид и занесеник по книги, како што авторот го опишува уште во првите страници, станува Роберт Лангдон на овие простори, избраниот да тргне и читајќи ги знаците на патот со непоколеблива одлучност да ја реши загатката. Но загатката, пред да се одгатне, треба да се загатне. Лазар честопати вешто, но напати и несмасно ги премостува препреките и самиот несвесно ја обликува загатката, фиксирајќи го ракописот на необјавениот роман на исчезнатиот автор во главата. Идејата за ракописот е толку примамлива што сама по себе се обликува и како скриено богатство те влече, те привлекува и не ти дава да се вратиш назад во здодевната реалност.
И кругот се затвора. Ѓаволот на крајот мора да си дојде по своето, како што е секаде во приказните, во легендите, па и во животот ако сакате. Ама, ако тргнеме по онаа изрека дека секој крај е нов почеток и ако веќе си извлекол жива глава од една, на ред те чека нова авантура, зошто да не?! Зошто не би го виделе Лазар Отадески набрзо во нова авантура? Но не пред да се појави и одигра на филмското платно.
автор: Елена Конеска-Светиева