На почетокот од новиот милениум, од пепелта нанедоискажаната Бензона, ќе израсне еден од најуникатните и најкреативни бендови во поновата македонска музичка историја, електро-поп составот Bei The Fish. Основното трио, во 2001 година, ќе го создадат Огнен Анастасовски-Окац (екс Бензона), Ненад Ѓорѓиевски-Тонкин (екс Бензона) и Валентина Миновска. Во првите неколку години, слично како и во Бензона, основниот инструмент на Окац ќе бидат басот и пеењето, како гитарист ќе се појавува Љупчо Ангелов-Љупа (екс Blla Blla Blla…), а Тонкин ќе ја создава архитектурата на звукот преку својот компјутер. Валентина најчесто ќе биде само повремен вокал. Во ваква чудна формација, без тапанар, бендот ќе го сними првиот демо-материјал со име Listen, кој за кратко време ќе се рашири низ Скопје и ќе го навести пристигнувањето нов „голем“ бенд на македонската сцена.
Првиот концертен настап Bei The Fish ќе го има на 19.4.2003 на „Не убивајте ја стотројка“, на Школката во Градскиот парк, со Анкица на флејта.
Веќе на почетокот од 2005 година, музиката на бендот ќе биде објавена и на еден носач на звук.
По уште неколкуте синглови и локални клупски концерти, бендот ќе се зафати и со снимање на материјалот што го изведува веќе неколку години, а кој според неговите членови претставува еден вид гитарско бреме од времето на Бензона. Првото официјално издание на бендот, со доминантен гитарски звук, со Љупа во поставата и со Ненад Неделков (Неле К.) како вокал на Machine like you, ќе биде објавено на почетокот од 2006 година, како цеде-сингл со име What Are You Fighting For?. Материјалот концертно ќе биде испромовиран на 23 јуни во МКЦ, на роденденската прослава на Канал 103 наречена „15 години напред“. Тука некаде завршува и првата, истражувачка фаза на бендот.
Влегувајќи повторно во студио, Bei The Fish ќе ѝ се врати на базичната тричлена формација, и притоа ќе ги замени сите конвенционални инструменти со компјутерски машини. Материјалот што ќе го сними овојпат во студиото „E Go East“, ќе го објави под насловот Look Up, на почетокот од 2007 година за истоимената издавачка куќа. Албумот ќе го испродуцира Неле, кој ќе се потпише и како дизајнер на омотот, а гости на снимањето ќе бидат Михајло Михајловски на виолина и повтроно Неле К. како вокал на Bare naked. Промоцијата на албумот бендот ќе ја одржи на 7.2.2007 во клубот “Сектор. По завршувањето на фестивалот “Green Orange”,на која настапуваат, Неле ќе се повлече од соработката со Bei The Fish, а како нов менаџер на бендот ќе биде ангажиран Васил Ѓуровски, кој покрај Канал 103 и „PMG Recordings“, ќе биде третиот клучен мотор во промовирањето на бендот. Со концертот перформанс на 30.3.2008 во киното „Фросина“, бендот ќе ја отвори својата прва десетдневната интернационална турнеја.
Синглот Livin’ In A Box од мај 2009 година е проследен со видеоспот во режија на Горан Костовски, претставува најава за претстојниот долгоочекуван албум наречен Time To Make Things Right албум на бендот. По само еден месец, кога Livin’ in a box веќе ги зафаќа своите позиции на топ-листите во регионот. Албумот, чиј омот е дизајн на Горан Костовски-Ind.Og, претставува невообичаено издание по својот формат.
Некаде во периодот на издавањето на Time To Make Things Right,за бендот сериозно ќе се заинтересира и регионалната Ем-ти-ви (MTV Adria). Сè почести ќе станат претставувањата на бендот низ разни емисии на музичкиот ТВ-канал, а ќе следуваат и покани за настапи во живо на нејзината програма. На домашен терен, Канал 103 и понатаму безрезервно ќе го подржува секој чекор на групата.
Новата 2011 година ќе биде проследена со неколку помали концерти во Словенија, „Let It Snow Tour“, и со учеството на фестивалот „Scream” во Скопје, на 18 февруари во Метрополис арена. Сепак, најголемо внимание во овој период ќе привлече една соработка на новата песна Ideal woman на Окац со Каролина Гочева.
Дванаесетдневната турнејата „Sea, Sex, Sun Summer Tour“, од 9 јуни до 27 август, ќе биде релаксирачка за бендот. Исклучок ќе биде еден од најглавните настани во неговата кариера, концертот на 18 јуни на тврдината Калемегдан во Белград, како загревање пред „Moby“ односно пред – сега веќе легендарниот – последен настап на Ејми Вајнхаус (Amy Winehouse).
Таа, 2011 година ќе биде годината во која Bei The Fish ќе отсвири најмногу концерти, 44 низ цела Европа. Најдолга ќе биде 19-дневната промотивна турнеја „Just An Idea !?“, која ќе ја одработат во периодот 19 октомври – 20 ноември 2011 година. Врвот во својата и не толку кратка кариера, Bei The Fish ќе го има на 16.3.2012, во клубот „Principal Theatre“ во Солун, како единствено загревање за белгискиот легендарен состав „Deus“. По враќањето од Солун, прв обид да се внесе некакво освежување во креативниот процес ќе биде промовирањето на првата песна од опусот на Bei The Fish отпеана на македонски јазик. Заебана љубов претставува дел од саундтракот за филмскиот проект „Skopje Remixed“.
Во потрагата по тој нов израз, неочекувано, на денот кога сите очекуваат крај на светот, 21.12.2012, во кафе-барот „Излет“, Bei The Fish го промовираат новиот албум, At The End Of The Sand. На ова издание бендот е многу повеќе социјално ангажиран, па за љубовта пеат од еден поинаков дискурс, сосема поразличен од нивните претходни изданија, каде што љубовта најчесто се сведуваше на емотивни односи меѓу партнери. Во тој момент, остатокот од бендот е веројатно сè уште несвесен дека тоа е крај на нивната дискографската кариера. За симболично затварање на кругот може да се смета истапувањето во брачна врска на Ѓорѓе со Валентина Миновска.
Тоа што ќе следува во следната, 2013 година ќе биде само бизнис одработување на веќе договореното. На концертната промоција на албумот, во денсинг-салата во МКЦ на 15 февруари, членовите на бендот ќе се појават во едно поинакво светло. Симболично ќе бидат облечени во бело, со црвени ленти со смајли на рацете и со војнички чизми на нозете. Задоцнет ангажман на бендот или можеби сатирична најава за она што како поединци ќе го работат во иднина? Официјалниот крај Bei The Fish медиумски ќе го објави некаде кон крајот на месец февруари во следната година, најавувајќи го веќе договорениот концерт во „City Hall Center“ на 12.4.2014 како последен концерт во кариерата.
Автор: Бон&Бона