Антихеројска приказна за херои
Кои се хероите? Дали се тие борците за правда, оние кои земаат од угнетувачите и даваат на угнетените? Ниту едни од нив ако ја слушнете приказната на Стивен Најт. Многумина ја чуле оваа приказна, приказна за насилната гангстерска група, наоружана со жилети на нивните качкети, кои не земаат заложници и крваво се справуваат со противниците. Peaky Blinders веројатно како наслов е познат на многумина. Јас дури сега му обрнав внимание. Можеби затоа што никогаш не би ме привлекла приказна што инволвира гангстери и насилство. Тоа е сè уште така, но оваа серија ме однесе на друго место.
Приказна поместена во поствоена Британија, веднаш по завршетокот на Првата Светска Војна, време кога криминалот, дрогата, алкохолот и нелегалното коцкање владеат во Британија. А со сите овие владее бандата од Бирмингам, Peaky Blinders. Името не им е многу креативно, именувани се по острите жилети „blinders“ кои се зашиени на врвот од нивните качкети „peaks“. Бандата прави пари од организирање нелегално коцкање и додека повеќето од нив се среќни со тоа, истото не важи за лидерот на бандата, името кое влева страв кај секој човек во Бирмингам, Томас Шелби. Тој е исклучително амбициозен и првата цел која сака да ја постигне е своето нелегално коцкање да го легализираат и легално да заработуваат пари. Тоа не им оди од рака со оглед на нивната насилна позадина. Бандата е толку озлогласена, што стануваат интересни дури и за Винстон Черчил кој испраќа специјално назначен полицаец да се справи со нив. Peaky Blinders не се воодушевени од идејата да мора да внимаваат што прават и да внимаваат на полицијата. Дел од идејата на Черчил да ги сопре ќе биде и тајниот агент Грејс Бурџес.
Нејзина единствена задача е да го сопре Томи Шелби, но во обидот да го направи тоа, таа ќе стане негова најголема љубов.
Ова е веројатно првиот момент кога почнав да разбирам дека Peaky Blinders едноставно не е серијата која мислев дека е. Ликот на Томас Шелби не е оној кој мислев дека е. Ова очигледно стануваше серија која е комплексна и емоционална, а не само портрет на бескрупулозно семејство кое буквално ги гази своите непријатели. Единствената помисла која се влече низ целата серија е желбата на ова ромско семејство од Бирмингам да излезе од нелегалните активности, да заборави на рекетот, да заборави на насилството, бруталните убиства, борбата со другите криминални кланови. Сите во семејството се водени од идејата да имаат легален бизнис. Работите тргнуваат на подобро во моментот кога семејството Шелби стигнува до првата легална дозвола за обложување. Тоа од друга страна ќе налути многу други семејства кои имаат монопол во бизнисот со обложување што повторно доведува до крвави пресметки, овој пат помеѓу Peaky Blinders и италијанските и еврејските кланови. Тогаш се раѓа вистинската зла крв помеѓу семејството Шелби и италијанските семејства Сабини и Чангрета. Ова второто, ќе го преполови семејството Шелби и ќе ги завие во црно. Овде станува јасно дека „око за око, заб за заб“, таа крвна одмазда ќе постои сè додека едно од семејствата целосно не исчезне. Така и ќе биде.
Серијата е испреплетена со ромска мистика, соништа и претскажувања, постојана борба помеѓу религии. Католици, јудеисти, протестанти. Семејството Шелби се католици, но постојано балансираат помеѓу своите ромски корени, верувањето во клетви, магии, соништа и претскажувања на иднината, иако можеби ако ги набљудувате од далеку, ќе забележите апсолутен недостаток на религија. Тоа е првата работа која го обележува семејството. Знаејќи дека станува збор за период по Првата Светска Војна, сосема јасно се гледаат половата и расната нееднаквост, што во тоа време се смета за нормало. Жените служат само за декор на раскошните забави, а луѓето од други раси сè уште се нарекуваат „обоени“. Веројатно би очекувале дека бескрупулозна, насилна банда великодушно би ја прифатила таквата ситуација, но не и Peaky Blinders, тие крвави насилници, не. Кај нив, Тетка Поли, Ејда, Есме се одговорни за сите финансии на Шелби Ентерпрајз, сите одлуки се носат со гласање, црномурестиот Ајзеја е најдобар другар на Фин, а Џеремаја е семеен свештеник. Не, Peaky Blinders не се само бескрупулозна банда на крвави насилници, не, тие се едно големо семејство иако многу од нив не се крвно поврзани, тие се луѓе со мрачно минато, сегашност и уште помрачна иднина, но и сон, сон дека конечно ќе се ослободат од насилството, од крвавите пресметки, ќе живеат во раскош, слобода, без страв. Демони ги прогонуваат низ целата серија, убиствата си ја земаат својата цена, постојаното преиспитување, копнеж да се напушти тој живот и да се почне одново. Таа константна тажна реченица „уште една валкана работа и тогаш запираме“, нешто што никогаш не се случува, а целото семејство е изедено до најситни парчиња во тој сон да се почне од почеток.
Веројатно веќе се бев заљубил во серијата, но клучниот момент кога ја окарактеризирав како „моја омилена“ се случи во еден момент кога Томи Шелби во еден од неговите неверојатно пластични, но длабоко филозофски муабети ќе рече дека не е важно колку се трудат, не е важно дали и колку ќе го напуштат насилството и ќе работат легално, тажната вистина е дека оние луѓе кои се на моќ никогаш нема да дозволат некој од надвор да им ја расипе забавата, тие секогаш ќе останат на моќ, а Peaky Blinders секогаш ќе бидат само крвава бескрупулозна банда насилници. Серијата е исполнета со вакви идеолошки борби, не само социјални туку и политички. Томи Шелби влегува и во политика, движејќи се помеѓу комунизам, социјализам, а на крај и фашизам. Знам … сите диктаторски политички системи, но Томи не станува дел од нив затоа што верува во овие идеологии, влегува за да ги распарчи од внатре. Иако низ целата серија зборува за тоа како верува само во „бизнисот“, Томи Шелби е воден од длабоки идеолошки пориви, постојана борба за она што е вистина и она што е праведно. Овој озлогласен бандит, е под директна заштита и работи под директна наредба на Винстон Черчил, да, овој едноставен, брутален лик, што навидум не знае за ништо друго освен насилство, верува дека сите овие политички партии ќе донесат само зло за Британија и сакал или не, бил свесен или не, сите нешта кои ги прави, ги прави за да ја одбрани Британија и обичниот граѓанин на Бирмингам од овие лажни идеологии. Тука завршува петтата сезона од оваа неверојатна серија, шестата е веќе во изработка, а таа ќе биде и последниот дел од сложувалката за семејството Шелби и Peaky Blinders. Имате време дотогаш, ако не сте ја погледнале, верувајте, мора да ја погледнете.
автор: Мишел Наумоски