Сјајот и бедата на Оскарите

Во пресрет на 93-то издание на Оскарите, Елементал прави посебен осврт на социолошките феномени кои произлегле низ годините на најпознатите награди во забавната индустрија.

За филмските уметници Оскарите се репер за највисоко постигнување што се однесува на нивната кариера, една кулминативна точка која тежнеат да ја достигнат и на тој начин да се здобијат со епитетот за актери од А листа.

Оскарите се рефлексија на Холивуд, на славата и актерските суети, на дијамантскиот сјај и нераскажаните приказни. Но иако во Холивуд на видело испливуваат сексуални скандали и нетрпеливоста кон одредени табори, сепак Филмската академија на науките и уметностите е врвна институција која својата работа и втемеленото постоење го продолжува незапирливо веќе деветта деценија. Но што се крие во сржта на Оскарите? Колку е трнлив патот до златната статуетка? Дали секогаш насмеаните лица естетски уредени до најситен детаљ, беспрекорната шминка и фризура, извежбаната поза за разбеснетите фотографски блицеви е искрена, или зад холивудската фасадираност се крие уште една мајсторски одиграна улога за која глумците никогаш нема да бидат номинирани и наградени?

Холивуд и Академијата, сепак се разгрануваат, што значи суровиот микрокосмос во срцето на Лос Анџелес не е секогаш поддржан во своите одбивања и етикетирања од страна на филмските уметници. Овој пример го следи одбивањето на Мерил Стрип, жената која вдомила 3 златни статуетки, била номинирана рекорден 21 пат за своите остварувања, а била бесрамно деградирана на сметка на својата убавина од холивудскиот шаблон, на аудицијата на Кинг Конг во 1976 година, култна улога која ќе ѝ го отвори патот кон славата на Џесика Ланг.

Но иако Холивуд и Академијата имаат еден ревносен пресек, а тоа е Долби Театарот, сепак и Академијата подлежела многупати кон ограничување и дискриминација кон одредени актери, што се однесува до нивните скандалозни приватни животи или потекла. Иако оваа манифестација го одредува скалилото и дефиницијата за квалитет, од „Lawrence from Arabia“, преку „Moonlight“, секој филмски фан ќе си постави прашање што се однесува до одредени обрасци, но ќе доживее епифанија за оскаровските ограничувања: зошто Мерлин Монро никогаш не била номинирана; нема награда за најдобар режисер за Спајк Ли, зошто „Dark knight“ не добил номинација за најдобра слика, зошто од номинациите биле изоставени „Big Lebowski“, „Snowpiercer“, и „Once upon a time in the West“?

Но што се случува со активистичкиот хаштаг #OscarsSoWhite? Дали станува збор за упаѓање, напад на концептот на Оскарите? Со оглед на инвестирањето во кампањи кои поддржуваат различност, сè почесто номинациите и статуетките завршуваат во рацете на припадници од различни расни и национални кластери, режисери кои го промениле полот, па и актери кои отворено ја прикажуваат својата хомосексуалност. За Оскарите низ призмата на дискриминацијата би можеле слободно да говориме, во раниот стадиум, кога манифестацијата повеќе наликувала на Бал на гламурот, чии места биле резервирани исклучиво за припадниците на Кавкаско-Европидната раса, она што разговорно го носи обележјето „бела раса“. Во 1939 година Хети МекДениелс ја освои наградата за најдобра актерка, таа била седната на посебна маса во последните редови, како би се избегнало мешање, а ваквата сегрегација ѝ забранила влез на забавата организирана по доделувањето.

Расната дискриминација не е никаква новост за Холивуд. Но денес дискриминацијата оди чекор подалеку. Кевин Харт кој го наследува водителскиот микрофон на Џими Кимел, потег кој Академијата го смислува до перфекција за да ја подигне свеста, но и да осигури место помеѓу цинизмот и критиката за генералната расна нетолеранција и стигматизирање. Иако колку да се чинел правилен избор во однос на смирување на расните тензии, на крајот довел до уште поголем и неочекуван скандал, кога испливале изјавите, твитовите и стендап настапите на Кевин Харт, а кои се однесувале на хомофобијата. Во 2019 година Кевин Харт по овие основи беше исфрлен од водителската позиција.

Во 2017 година се случува фијаско во најдобро организираната манифестациона мрежа, кога Ворен Бити и Феј Данавеј го прогласуваат погрешниот добитник на наградата за најдобра слика, кога наместо ковертот за таа категорија, Брајан Кулинан го предал ковертот за најдобра женска улога, па така на местото на „Moonlight“ е прогласен „La la land“. Грешки им се случуваат и на најдобрите, зарем не?

Но еден поголем скандал ја потресе публиката и засегнатите филмски работници. Во 2019 биографскиот филм за Фреди Меркјури, фронтменот на групата „Queen“, „Bohemian Rhapsody“ беше номиниран повеќекратно. Иако критичарите се спротивставуваат на светлото дадено на „филмски дебакл“, филмот се закити со пет златни статуетки. Она што последователно се оспорува е бурното минато на Брајан Сингер, режисерот на филмот, познат и по режирањето на „X-Men“, кој се товари со многубројни обвиненија за сексуални престапи, меѓу кои и полов однос со малолетник. Сингер бил отпуштен од снимањето на „Bohemian Rhapsody“ само две недели пред снимањето на финалната клапа, причините за ваквата одлука не беа никогаш обелоденети пред јавноста.

И покрај својата темна, неизбрусена страна, Оскарите се случување кое се вбројува во едно од најгледаните во светски рамки, со рејтинг од приближно билион гледачи, со прикажување на преку 200 територии. Академијата произведува квалитет, престиж и акумулира талент кој со својата експлозивност ги поместува границите на доблесно и величествено. Иако самиот настан се поврзува со скапи дизајнерски парчиња, изложување на колекционерски накити, Академијата не е загрижена за изгледот на актерите, напротив ги вреднува екстремните преобразби, како оние на Метју Мекконахју во „Dallas Buyers Club“ или епската трансформација на убавицата Шарлиз Терон во „Monster“.

Филмската академија на науките и уметностите е со специфичен акцент свртена и кон категориите од неанглиско говорно подрачје, досега Македонија учествувала 16 пати, заклучно со 2019 година, но номинирани се само два филма „Пред дождот“ и „Медена земја“. Оваа година на списокот се најде „Врба“, иако не доби номинација во трката за Оскарот. Златната статуетка не отпатувала прекуокеански до библиската и историска Македонија.

автор: Јована Матевска Атанасова