Датум за паметење

28.04.1965

Во Скопје е роден Горан Таневски, најхаризматичниот фронтмен кој македонската музичка сцена некогаш го имала. Во музиката ќе влезе во Мај 1985 година, како пејач на “бендот со само еден концерт” Берлин гори, кој е всушност само една преодна фаза од Мизар и Мизар, прво и второ откровение. Со влегувањето на Горан Таневски, Мизар ќе ја добие потребната мистичност, визуелен имиџ, театралност и пред се оригиналност во изразот. Мизар со Горан како фронтмен ќе се етаблира многу бргу и за седум години ќе издаде два албуми и ќе се воздигне во врвот на југословенската алтернативна сцена. Но за жал, со пропаѓањето на заедничката држава и бендот ќе престане да работи. Горан ќе продолжи повремено да делува на сцената како соло-артист, а многу поактивно како промотер на бендови, организатор на концерти и фестивали (Strip&Sound, New Age Festival), издавач, сопственик на два култни кафе бара “Doors” и “New Age”, сопственик на исто така култниот културен центар “Фауст” и уште ред други активности кои се во или тука близу до музиката. Низ сите овие години Горан ќе снима, но нема да издава, барем не на физички носач на звук. Македонската дискографија е на тој начин посиромашна барем за минимум два, ако не и повеќе, сериозно квалитетни албуми. Среќа за фановите е дури и само јасно искажаната намера, својата музика концертно да ја сподели со публиката. Во Мизар ќе се наврати уште неколкупати, во реунион-поставата во 2005 година и на снимањето и промоцијата на албумот “Поглед Кон Цветната Градина”. Последното негово појавување во јавноста е на 13.06.2019 година, со концертот во МКЦ на кој ќе и го понуди на јавноста проектот Горан Таневски & Мизар – друго откровение (Прв дел од трилогијата – Вознес)

28.04.2006

Во домот на Армијата е организирана концертна промоција и коктел во чест на Гаро Тавитјан, а по повод објавата на неговиот втор албум, Personal view. Вистинско освежување на сцената ќе биде појавата на овој албум, на кој во процесот на снимање на деветте теми учествува целата елита на македонската џез-сцена, двајцата дотогашни басисти Александар Икономов и Дарко Мучев, гитаристите Влатко Стефановски, Владимир Василевски – Четкар, Георги Шаревски, Тони Китановски, Здравко Црвенкоски и Андреа Палацо, Срѓан Дункич на тапани, Васко Бојаџиски – Пацер на саксофон и Калиопи Буклевска и Ева Нединковска како вокали на две од темите. Се разбира, зад клавијатурите и пијаното е неговиот брат Диран Тавитјан.

извор: Македонски рок времеплов