Би сакала да сработам една монодрама – Миа Кантарџиева

фото: Дејан Сајковски

Мој идентитет – jас

За детството, младоста, соништата (желбите) победите, за промените…

Мојот раст во академските денови…

Голем дел од детството ми помина кај мајка ми на работа, во Македонската опера и балет. Го знаев секое ќоше на театарот, ме маѓепсуваше мирисот во шминкерната, зад сцената се снаоѓав во мракот исто толку добро колку и на светлина, а на сцената ретко застанував. Сцената за мене беше место на кое ако сакаш да застанеш, треба да заслужиш, треба да бидеш вреден. Се сеќавам дека моето размислување за луѓето на сцената беше дека тоа не се обични луѓе, туку нешто возвишено, магично, вонземно. Тие беа дел од некој друг свет, кој се појавуваше со отворањето на огромната театарска завеса. Еве, баш сега, пишувајќи го ова и потсетувајќи се на детството, само уште еднаш си потврдив дека нема поубава „работа“ од нашата… 

Како адолесцент бев многу бунтовна, сакав да бидам различна, бев многу дружељубива, гладна за авантури, не можеа да ме соберат од улица, не бев некој сјаен ученик, но тоа беше резултат на тоа што учев средно економско за кое немав ни грам интерес. Отсекогаш сакав да читам, а читам од мои 4 години, но повторно само она што ме интересира. Наметнати теми никогаш не сум сакала. 🙂

Никогаш немав точна замисла за тоа што ќе станам во животот, си велев дека само ќе ми дојде. Никогаш и не знаев дека ќе станам актерка, иако од средно, па натаму сè почесто застанував на сцена, но во различни околности. Како манекенка, како дел од хорот, најчесто како танчарка на фестивали и концерти. Ми годеше сè што беше поврзано со сцената. На неколку наврати си имав кажано дека би било одлично кога би можела да продолжам како професионална танчарка (бидејќи тоа ми беше желба додека бев многу мала), но немав средно балетско за тоа… Затоа и си продолжив така, оставив на времето. А времето во комбинација со животот и кругот на луѓе со кои тогаш дружев, на 25-годишна возраст, повторно ми го приближија театарот, кој овој пат се вкорени толку цврсто што не остана ништо друго освен да се запишам на факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА како актерка (задоцнив на ФДУ, а не ми се чекаше 2 години).

Студентските денови би можела да ги опишам како убави и грди истовремено поради повеќе причини. Но, од денешна перспектива, не би ги заменила за ништо. Да не беа такви какви што беа, сега немаше да бидам ова што сум. Затоа сум благодарна. Моето вработување во „Канал 5“ исто така многу ми помогна во мојот раст како актерка, иако мислам дека некои мои колеги ќе го читаат ова и ќе речат „што зборува девојкава“, ама ако, знам точно на што мислам, па и за тоа сум благодарна. 🙂 Моментално не сум вработена во театар, тоа малку потешко одело, наспроти моите наивни верувања, ама верувам дека ќе се случи еден ден. Сепак, би сакала и јас да бидам дел од некоја театарска приказна, а детето во мене овој пат сака да стои редовно на сцена и да се чувствува возвишено, магично, вонземно… 🙂

фото: Дејан Сајковски


Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите

Кај мене се работи за два различни типа возбуда. Во процесот на создавање, возбудата некогаш ме опседнува по цел ден, не ми дава да спијам, ми го одзема фокусот од сè освен од претставата… А кога како резултат на сето ова ќе се роди еден нов лик, возбудата да излезе и да го каже своето е еруптивна секојпат пред почеток на претставата.

Актерството за тебе е игра, професија или живот?

Живот во игра – професија со која се гордеам.

Талент или среќа?

И тоа и тоа. Сепак, треба да имаш среќа да се родиш талентиран. 🙂

За алтернативните сцени…

За жал или за среќа, алтернативната сцена ми дала многу шанси да се изразам како актерка. Од една страна, моето неколкугодишно искуство кажува дека ситуацијата низ театрите е таква каква што е, не е лесно да влезеш со талент, искрена желба и многу работа. Од друга страна, алтернативната сцена не разочарува, туку гладна го чека баш тоа: талент, искрена желба и многу работа. Само треба да се соберат неколку ентузијасти и идеите испливуваат. 🙂

Колку денес ти недостига госпоѓица Јулија? Впрочем, тоа е улогата што ти ја донесе и твојата прва награда на театарскиот фестивал во Тирана. Дали сè уште ја чуваш во тебе? 🙂

„Госпоѓица Јулија“ ми е непребол. Не велам дека тоа беше перфектна претстава, бидејќи сепак сите бевме тазе излезени од факултет… Но, токму поради тоа се дадовме максимално и ја игравме многу искрено. Мене ми беше прва главна улога. Можеби затоа и толку се поврзав, а можеби и се пронајдов во таа улога за некои работи. По добивањето на наградата, како мало дете не можев да спијам неколку вечери, не ми беше верно дека ми се случи такво нешто. 🙂 Јулија остави белег кај мене и си ја чувам со драго срце.

Во последниве две години смело чекориш на сцената на Театар Комедија. Дали е тоа сцената во кој се пронајде во однос на жанрот комедија?

Кога го работиш тоа што го сакаш, жанровите стануваат предизвик. Па уште и кога имаш колеги што те прифаќаат и ти помагаат, тогаш театарот станува дом. Пред пандемијата имав три претстави на репертоар и една што повеќе не се играше. Како ќе се одвиваат работите понатаму не знам. Знам дека ми недостига храбриот и креативен дух на колегите, дружбата, тремата пред почеток, аплаузот на крајот, задоволните лица на публиката и јас… си недостигам јас во тој театар.

Во која театарска форма би сакала да се видиш во иднина?

Во било која форма, сè додека е театарска. 🙂 Ако веќе мора да изберам, многу би сакала да сработам една монодрама. Ете, тоа ми е неостварена желба. 🙂

Кое е твоето оружје да се избориш за својот свет и својот идентитет како актер?

Немам оружје. Можеби да го имав, ќе се снаоѓав подобро. Мојот статус сè уште е: невработен дипломиран актер. Но! Имам надеж, имам начин на справување со самата себе, имам нескротливи идеи и сето ова сметам дека помага во изградбата на идентитетот на еден човек, па и актер… што знам, ако размислам малку подобро, можеби и тоа е еден вид оружје.

фото: Дејан Сајковски

Што значи да се биде жена актер (предности и мани)?

Моето мислење е дека ако е една жена актер паметна, секогаш ќе знае да се избори за она што го сака, а пречките по пат може да бидат само предизвик. Времињата се тешки, а нема изгледи дека ќе се вратат работите во театрите на оние утопистички околности. Но, без оглед на ситуацијата и полот, треба и мора да се бориме со сè што имаме за она што го сакаме и за она каде што припаѓаме.

Како се роди оваа идеја? И колкава е одговорноста да се работи со деца и дали можеби тоа е истовремено местото што те опушта и од кое црпиш позитивна енергија? 

Идејата се роди во бифето на Драмскиот театар, седејќи на кафе со колешката Теа Беговска, со која функционираме како драмско студио СЦЕНА веќе 5 години. Сега, од оваа перспектива, си велам дека нема поблагодарна работа од работата со деца. Повратната љубов и енергија е прекрасна, мотивирачка и безусловна. Среќа ни се! 🙂 Многу голем предизвик и ново тло ни беше работата онлајн со нашите деца, но сите научивме како да не се откажеме, како да создадеме уметност, театарска или филмска, под други и несекојдневни услови. Можам да кажам дека како драмско студио излеговме со побогато искуство од оваа пандемија.

Како е Миа денес?

Како што почна да запролетува, сè подобро! Пролетта ми дава надеж дека работите одат на подобро. 🙂 Ме чека регистрација со мојот сакан, во јуни ме чекаат два проекта што со нетрпение ги чекам… А за понатаму… самото ќе се каже. 🙂

Што би им рекла на режисерите?

Па… Можеби да излезат од безбедната зона и да им дадат шанса на други, нови, различни сензибилитети на актери. 🙂

Предлози

Три книги:

„Празен простор“ – Питер Брук

„Госпоѓа Даловеј“ – Вирџинија Вулф

„Господар на мувите“ – Вилијам Голдинг

Три претстави:

„Галеб“ – режија Томи Јанежич

„Ричард 3 + 2“ – режија на Томаж Пандур

„Хамилтон“ – во продукција на Бродвеј, режија Томас Каил

Еден албум:

T̲he M̲i̲s̲e̲d̲ucation o̲f L̲a̲u̲ryn H̲ill – L̲a̲u̲ryn H̲ill

2 мин. Елементал Видео интервју

Видео и монтажа: Дејан Сајковски