Филм „Рока го менува светот“ за најмладите во кината
Во скопска Кинотека вечерва од 18 часот се прикажува филмот „Рока го менува светот“ за најмладата публика, но и за целото семејство. Филмот е снимен според книжевните мотиви на шведската писателка за деца Астрид Лингрен, најпозната по романите за Пипи Долгиот Чорап. Станува збор за германска продукција во режија на Катја Бенрат.
![](https://elemental.mk/wp-content/uploads/2021/06/fb_cover-5.jpg)
Во него, главен лик е единаесетгодишната Рока, која е како девојче од друга планета. Таа е супериорна во техничката и социјалната комуникација во однос на нејзините врсници, има сила да го менува светот, и со таа мисија започнува во нејзиното непосредно окружување. Рока се бори за правда и без страв им се спротивставува на насилните врсници кои ги малтретираат послабите. Рока, всушност, израснала во изолирана средина, и тоа не било каква, туку во вселенска станица. Затоа секојдневниот живот во Хамбург, за неа изгледа многу чудно. И покрај тоа, Рока ги задржува својот отворен дух и духовитоста, пријателски настроена кон другите. Секогаш полна со оптимизам, Рока се бори да ја заѓува својата независност и да докаже дека и децата имаат моќ да го менуваат светот…
„Рока го менува светот“ беше во минатогодишната конкуренција за Наградата на младата публика на Европската филмска академија. Децата-актери од филмот на Бенрат ги освоија националните германски филмски награди, беше најдобар филм на популарниот фестивал за деца „Џифони“ и на фестивалот во Луксембург…