Праизведба на „Дневна доза мазохизам“
Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кои се создаваат односите помеѓу луѓето и опседнатоста како пракса која се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на „Пресврт“, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот кој се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, често луѓето се наоѓаат на крстопатот помеѓу она што е и она што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели.
Во соработка со организацијата „Ла Култура Нуова“ од Прато, Италија, режисерот Лука Кортина за претставата вели: „Театарот е интимно поврзан со суштината на бидување човек на оваа планета. Постоењето и враќањето на театарот е еднакво со постоењето и живеењето на човековиот род. Претставата за која имавме среќа и се изборивме да ја направиме е во суштина приказна за нас, луѓето, кои се прашуваме дали сакаме или не сакаме да живееме. Одговорот на животот треба да биде љубовта“.
Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизмот“ за прв пат, не само во Р. С. Македонија, туку на 5 септември ја доживува и својата светска премиера. Праизведбата на овој драмски текст во нашата земја означува сериозен чекор во развојот на соработката помеѓу младите театарски работници од регионот и Европа. „Праизведбата на мојот текст „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ е од големо значење за мене како автор, а верувам и за Пресврт, кој со овој проект отвора интресен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Се надевам дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори со кои делиме доволно сличности за да се испреплетат темите што нè засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други“- вели Дина Вукелиќ.
По премиерата на 5ти септемри (недела), закажани се уште две изведби на 6ти и 7ми септември (понеделник и вторник) со почеток од 19 часот.
Текст: Дина Вукелиќ
Режија: Лука Ибрахим Кортина
Играат: Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Димитрија Доксевски, Ава Хусеини, Ѓорѓи Јолевски, Амернис Нокшиќи
Сценографија: Мартин Манев
Костимографија: Ирина Тошева
Кореографија: Наталија Теодосиева
Превод на текст: Горјан Милошевски
Видео проекции: Кирил Манчевски
Продуцент: Петар Антевски