,,Пандорината Кутија “вечерва ја има својата премиера во МКЦ
Кои се современите последици – со губењето на потхранувачките митови за античките богови и божици и вербата во поимот божественост – врз психата и на мажите и на жените во модерната култура, особено ефектите врз модерната перспектива на женственоста?
Во нас постојат многу прашања и желби за потрага по одговорите и вистината , Јасмина Билаловиќ вечерва премиерно во МКЦ ја отвара својата ,,Пандорина Кутија “
Елементал: Што за вас е ,,Пандорината Кутија “и кој е главниот глас кој сакате да го пренесете во претставата ?
Јасмина: Пандорината кутија за мене е архетип на збирот на разноразни проекции (на стравовите, ужасите, морбидните и грозоморни фасцинации) на патријархалниот свет и култура. Тој патријархален свет и култура традиционално ја користи жената како проекционо платно за истите; во него жената е дежурниот виновник за ослободувањето на сите зла.
Формулацијата “главниот глас” исто така ми звучи како патријархална илузија … Овде станува збор за полифонија на гласови, дел од кои се тивки, рапави и/или искршени, но кои-токму такви-ја бараат својата артикулација, бараат да бидат чуени. Јас давам се од себе да им дадам отелотворување-и ослободување- и на овие и вакви гласови, кои најчесто се непријатен трн во окото, и остануваат потиснати, невидливи и нечујни во патријархалниот свет и перспектива.
Претставата се занимава со современите конфликти меѓу наследените патријархални херојски машки начини на перцепција и женските перспективи што се развиваат и некои од ефектите врз телото, умот и душата на современата жена кои се занимаваат со губење на вербата во старите богови и божици и античките поими за божественост; кога вербата во божественоста е заменета со волјата за моќ.
По текст и режија : Ришард Ниечим
Игра : Јасмина Билаловиќ
Музика : Златко Митрески
Асистент на режија : Ивана Балаванова
Сценографија : Мартин Манев -Симона Димковска
Костимографија : Павел Маслов