Објавен расказот „Наредното евангелие“ на Томислав Османли
Пандемијата чија мачна драма веќе долго ја живееме, кај многу семејства и како трагедија, во оваа густа и стежната проза на македонскиот автор, е појмена како метафизичка морална казна, како накажување на отуѓеното, сѐ пообесчовечено глобално општество…
Во најновиот, број на Ревијата за култура и уметност „Енекен“ од Солун објавена е новата проза на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за впечатлив расказ во која книжевно се прекршува најактуелната тема, пандемијата со која сѐ уште трагично се соочува човештвото. „Наредното евангелие“ тој феномен, што не престанува да ја оптоварува нашата севременост, го слика како стихија од библиски вид, епидемија што се шири одамна, а денес само експлодира. Во прозата на Османли, светот се соочува со сопствената длабока болест, крајно поделеното, дистанцирано и изолирано човештво доведено до пароксизмот на искушувањето и на самиот бог…
Пандемијата што ја живееме како нова драма на човечката цивилизација во оваа кратка, густа и стежната проза е метафора за накажувањето поради отуѓувањето од основните човечки вредности – солидароноста, социјалната одговорност и сочувственост со Другиот, поради префитерскиот егоизам на моќните и на повластените во новото, протекционистичко масовно општество …
Пишувана со библиски израз, оваа проза на Османли гради есхатолошка визија на поделеното, егоизирано и спротивставено човечко општество соочено со пандемијата: глобалното отуѓување е причина и за епидемијата на глобалната осаменост. Општествената поделеност и егоизам, според авторот е повод и за социјалните дистанцирања во денешницата од затворања, самоизолации, осамувања, при што „новата реалност“ се држи на истенчените конци од сочувственоста. Сочувственоста која веќе не е дел од човековите препознатливи поведенија, авторот со горчлива иронија, му ја припишана единствено на бога. И таква, непостојна, таа веќе во следниот момент се заканува како неизустена катастрофа на светот …
Пред најновата, грчка објава, овој парадигматичен расказ што нашиот писател го напиша минатата година при трагичните кулминации на првиот бран од пандемијата, до сега го објавија неколку регионални медиуми: хрватскиот портал Kultura.hr, српскиот Sinhro.rs, босанско-херцеговскиот Astronaut.ba… На македонски, расказот „Наредното евангелие“ е објавен во „ЛИК“, прилогот за култура и уметност на „Нова Македонија“, при што тој може да се проследи на сајтот на весникот: https://www.novamakedonija.com.mk/prilozi/lik/%d0%bd%d0%b0%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%bd%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b5%d0%b2%d0%b0%d0%bd%d0%b3%d0%b5%d0%bb%d0%b8%d0%b5/ Грчкото списание „Енекен“ по трет пат објавува книжевен текст на Османли. Покрај објавата на грчкиот препев на песната „Љубов“ со која македонскиот автор победи на првиот конкурс „Angelo LaVecchia-Анте Поповски“ во 2019 во Италија, токму една од претходните објави на таа ревија за култура и уметност, го проследи авторскиот портрет низ претставувањето на прозната збирка „Светилка за Ханука“ на 13-от Меѓународен саем на книгата во Солун.