Автентичен музички настап на Даутовски во Аудиокултура
Во Аудиокултура се одржа уште еден „Live at Audiokultura“ настан на кој свој настап во живо реализираа Драган и Ратко Даутовски и настан на кој музиката беше многу повеќе од само музика, а изведбата многу повеќе од само настап во живо.
Завчеравечер бевме сведоци на приказна во која се проткаени сите оние нишки кои ги чинат вистинските вредности врз кои се градат семејни, творечки, музички и културни градива, доволно моќни, не само да траат до бесконечност, туку и да инспирираат посветено надградување од сите идни поколенија и растеж кој ги надминува сите замислени висини. Бесценето.
Настанот го отвори Михаил Теохаров, извршен директор и креатор на сѐ она што извира од Аудиокултура во форма на проекти, концепти и настани за кои на едно место се собираат оние кои сакаат да дишат чиста култура и оние кои се спремни да го следат летот и победата над празнотијата и безидејноста.
„Вечерва имам посебна чест и задоволство да најавам настап на извонредни музичари, но и драги луѓе со кои пријателството и соработката ни влечат корени од крајот од кој потекнуваме и траат преку 25 години. Имено, пред 25 години, Господинот Драган Даутовски, со изведба на 2-3 композиции, настапи на промоцијата на книга на мојот покоен дедо. Од тој настан ние сè уште чуваме аудиозапис како сведоштво на една семејна приказна и подлога која несомнено е рефлектирана и на нас како помлада генерација и предизвикала насочување токму во правец кој е тесно врзан со творештво, наука, уметност и музика. Денес, 25 години подоцна од тој настан, навистина претставува огромно задоволство што Господинот Драган и неговиот син Ратко, со очигледна радост и позитивна емоција прифатија да настапат во нашата Аудиокултура каде звучната репродукција се реализира преку Теохаров системите кои се наше производство. Сигурен сум дека вечерва ќе уживаме во извонредна музика и искрено се надевам дека и после 25 години ќе имаме можност сето ова да го повториме уште еднаш.“
Да, очигледно беше дека сите уживаме во заемно респектабилна комуникација и пливање во море од вредности како сведоци на сегашност, но и очигледна иднина низ кои течат убаво минато, традиција, емоција, култура и музика.
Спонтано и емотивно, дуетот Даутовски ја имаат таа моќ да те натераат со отворено срце да го слушнеш и она што е меѓу редовите на видливото, до издигнување високо над површноста и отворање нова порта кон себеспознавањето.
Нема сомнеж дека од оваа звуковна авантура во Аудиокултура излеговме побогати со значајни културни и емотивни сознанија преку кои уште полесно се љуби креативната слобода.
Текст: Бон&Бона